Тајната на потопот на медитеранскиот рај: Како Кипар стана најскап српски збор

Како рајскиот остров за складирање и трансфер на нашите пари, стана последна одбранбена линија во поморската битка за српското, национално богатство. За оние, кои што последните триесетина години спиеле на часовите, се започна вака: Белградска фирма, во времето на со ништо предизвиканите и неправедни санкции на меѓународната заедница против Србија, испраќа човек од доверба во Никозија и на негово име основа оф – шор компанија. Се разбира, фирмата е без вработени. После некое време, човекот од доверба сфаќа дека е, сепак, само човек – кој што во текот на транзиционата еволуција, мутира во нов вид – тајкун!

Не би сакал да филозофирам премногу за кипарскиот финансиски слом,  јасно е како ден. Русите, главно, државни компании, ги држеа таму своите пари, сметајки го островчето за своја Средоземна губернија. Кипар, без отцепениот, турски дел, со околу 700.000 жители, е голем колку два руски солитери. Финансиското влијание на Русите врз Медитеранот, добро камуфлирано во оф – шор царство, не им се допаѓаше особено на Америте и на Брисел, па, повлекоа потег без преседан, кој, како што ми се чини, ќе предизвика опасни тензии на глобален план. Во Москва, изминативе денови, е објавено дека големи руски бизнисмени и некои ситни „вложувачи“, всушност, државни компании, во кипарските банки држат околу 30 милијарди евра, иако се спомнуваат и 10 милијарди помалку, од кои, околу четвртина, ќе биде конфискувана, кога ќе се примени новиот пакет на Брисел. За ваков пакет, Турците имаат поетскиот збор – арач. Во „Фајненшел тајмс“ убаво е напишано дека Кипар, преку ноќ, стана оф-шор банкарски центар, без банкарски систем. Соочен со заканата дека Кипар би можел да биде исклучен од еврозоната, претседателот на островчето прифати Лаики банката да се подели на „добра“ и „лоша“ банка, при што, онаа, „добрата“ да биде припоена кон најголемиот кредитор на островот – Банката на Кипар. Од друга страна, Банката на Кипар ќе изврши „стрижење“ на сите депозити поголеми од 100.000 евра,  што, како што реков, главно ги држат Русите. Депозитите во Банката на Кипар, поголеми од 100.000 евра, ќе бидат оданочувани со стапка од околу неверојатни и суперсонични 40%. Договорот меѓу Никозија и еврогрупата, со кој би требало да се спречи банкротот на кипарските банки, преку воведувањето висок данок на нивните депозити, лондонскиот „Економист“ го оценува како разумен компромис, додека рускиот премиер, Дмитриј Медведев, вели дека на островот продолжува грабежот на туѓиот капитал. Односно, дека Русите добија нешто пократка фризура. Просто, истрижени се и тоа на нуларица, ама, новиот стајлинг не ќе му се допадне на Владимир Путин, кој, инаку, не милува фризирање без негово знаење, зашто тогаш важи старата, жаргонска изрека – дека некој е „истрижен како овца“. Поради пакетот на вкупна помош од 10 милијарди евра, Никозија ги прифати мерките  кои ќе ја оневозможат да биде офшор зона за, претежно, руските клиенти. Кому му е гајле за Кипраните! Засега, само се чешкаат, зашто го чувствуваат провевот во својот паричник по одлуката на парламентот да биде воведена привремена контрола на прометот на капиталот, така што, дневно од банкоматите можат да подигнат само 100 евра.

Добро, па што  – би се рекло. Повторно две империи си играат на Средоземјето. Веќе се шпекулира дека Русите ќе ги загрозат интересите на неколку западни, мултинационални компании на свој терен или дека ќе одговорат со ненадеен удар на некоја сосема друга страна на светот, кој ќе биде толку добро смислен и замаскиран, што ќе може да го препознаат само софистицираните познавачи на комплицираните, меѓународни односи. Ама, ајде да ги пуштиме ние империите да си прават фризури едни на други.

Eпот за Кипар влезе и во десетерците, во томовите на хашките истражувачи

Туку, нешто сосема друго имам да ви раскажам: легендата за тоа како Кипар стана најскап српски збор. Не Косово, не Газиместан, не Грачаница, туку тој рајски остров за складирање и трансфер на нашите пари,  последната одбранбена линија во поморската битка за српското, национално богатство. За оние, кои што последните триесетина години спиеле на часовите, се започна вака: Белградска фирма, во времето на со ништо предизвиканите и неправедни санкции на меѓународната заедница против Србија, испраќа човек од доверба во Никозија и на негово име основа оф – шор компанија. Се разбира, фирмата е без вработени. После некое време, човекот од доверба сфаќа дека е, сепак, само човек. Најчесто, тоа е син или внук на „Генекс“, „Инекс“ или на сличен надворешно – трговско – удбашки гигант на некогашната, славна, црвена Југославија. Затоа, без ДНК анализа, со сигурност може да се каже дека, по правило, шеф на претставништвото бил – дете на комунизмот.

Детулето, воспитувано според Маркс и самоуправниот социјализам, си почнува, така, да тргува со нафта, со хеликоптери, со правосмукалки со калибар од 50 милиметри и со метли на далечинско наведување. Набргу, сфаќа дека тоа, дека само тоа е единствен господар на државните ресурси на теренот. А теренот е романтичниот, медитерански остров, каде што, во деведесеттите години на минатиот век, емигрираа таквите луѓе на Слобо.

Под влијание на благите климатски услови, овие жилави примероци започнаа да се прилагодуваат и на условите на средината – даночниот рај, што гарантира тајност на основачот, минимална или нулта даночна стапка и фактот дека дел од сопствеништвото во оф – шор компанијата не подлегнува на евентуална делба во бракоразводна постапка.

Со време дечињата мутираа во нов вид – тајкунчиња. Бидејќи детулето и онака сите парични трансакции ги вршеше со помош на само нему познати шифри, му беше потребна  малку храброст и свест дека некој сиромашен новинар – со плата што бивш херој на одбраната од кипарската плажа сега му ја дава на чуварот на неговото кутре, може да го прозива поради претераното изложување на сонце. Морално-политички подобниот патриот  на Медитеранот ги собира бенефитите и ги дели со ризиците. Потоа, сите пари ги префрла на својата тајна сметка во странство. Или, на Кипар, или на некоја слична, посакувана дестинација…

Така Србите научија што е капитализам. Тоа префрлање на општественото богатство во сефовите на неколку десетици семејства, во политичката теорија се нарекува – транзиција. Флуиден поим, кој подразбира дека новите газди и дворската свита што ги опслужува, владеат со некогашната државна и општествена актива и пасива, додека останатите живеат од кеш кредитите или од ексклузивитетот на сопственоста на акциите за народните кујни.

Потоа, Србите научија по нешто и од историјата. Дознаа дека освен Крф, каде што се повлекла српската војска во текот на Првата светска војна, постои уште едно одалечено островче, кое влегува во читанките.

Така, епот за Кипар влезе и во десетерците, во томовите на хашките истражувачи, во биографиите на најголемите српски капиталци, во американските досиеа за перење пари, но, најмалку во каталозите на туристичките агенции.

И, навистина, во модерната историја на Кипар, речиси и не е забележено дека некој анонимен Србин уплатил аранжман и дека целото летување го поминал на Аја Напи во гаќи за капење, со маска и пераи, а, при тоа да не му падне на ум да влезе во климатизирана, адвокатска канцеларија и да го предаде основачкиот влог за уште една фирма. Додека сите земји на светот, официјално ги блокираа парите со „југословенско“ потекло, една мала, островска земја ја виде шансата да ја впаричи својата неутралност. Така настана нераскинливото оф-шор братство и единство меѓу Србите и Кипраните.

Тој континуитет го потврдува лекареовски недоречениот редовен годишен извештај на Стејт департментот за перење пари, според кој од Србија на Кипар, во 2005 година, е префрлено повеќе од милијарда долари. Во превод, тајкунчињата пораснаа, се осамостоија од својот родител, Слободан Милошевиќ и започнаа самостоен живот. Вистински пораснаа во времето на демократијата  и станаа – тајкуни! Меѓутоа, повикот од балканското копно, од татковината славна, магнетски ги привлекуваше во своето пристаниште.

Ама, како парите спечалени со тешка мака да ги поделат со останатите, т.е. со нас? Зарем напразно се изложувале на опасности под врелото, кипарско сонце, со фактор за сончање плус 50, бранејќи ја земјата од сеништата на новиот светски поредок, додека ние комотно, во ладовина, ги грицкавме неколкуте стотици илјади милијарди динари плата, што ги штанцаше хиперинфлаторниот Милошевиќев премиер, Никола Шаиновиќ, на почетокот на деведесеттите години? Тој, пак, веќе долго време е во Хаг, откако Слоба, после печатењето на парите, го прекомандува на многу поопак терен – на инфлација на проблемите на Косово и Метохија, каде што кутриот Шаин беше политички комесар, стекнувајќи го прекарот – Патон Шаиновиќ.

Но, да го разбереме искушението на новиот, тајкунски вид, создаден на Кипар. Требаше да се преживее на јахтите со оние декадентни странкињи и да се чука главата околу дилемата: аргентинско вино или дом перињон, додека, ние, безобразници никакви, локавме лозова, отровна ракија од која се умира, ама, стварно, ризикувајќи од таквите пијалоци да ставаме слушни апарати, место очила, мутирајќи во транзициони глупаци од прва рака.

Не се бевме ниту отрезниле, а тие станаа сопственици на Србија. Ама, зошто воопшто се буниме, кога тие и така се наши пари, се прашуваа исончаните газди. Секако дека не можеа да го заборават сонцето на кипарското небо. Особено не – даночните стапки. Каде што, впрочем, е напишано – нула. А, овде, државата се избезобразила. Замислете, сака тие да не издржуваат нас, тешки мрзи. Не сакаме да работиме за плати за кои во Бангладеш или во Ангола (можеби така е и во Скопје), одвај би чекале таква титанска дневница.

Сакаме чисти болници и училишта, сакаме социјални програми и сето тоа на нивна сметка? Е, па, не ќе може баш така, браќа Срби, рекоа браќата Срби создадени на Кипар. Џабе ли се крвавеше со кипарските пирани?

Нивната приказна можеби не е морална, ама е легална, што одамна го зборуваше покојната баба, Борка Вучиќ – главната Слобина банкарка – нешто, на што и онака, ја научија Американците. Проблемот се состои само во тоа што тајкуните сакаат да ги сметаме за угледни граѓани, иако тие играат по старите правила. Но, кој очекуваше катарзично покајување и впловување на милијарди евра во српското даночно пристаниште, можеби е зрел за статист во аматерскиот театар „Дадов“, инаку, култен, белградски, андерграунд театар, каде што главно играат несфатени и пропаднати глумци.

Сигурно се прашувате зошто не именувам некого од „емигрантите“ од Кипар? Нема потреба, сите најголеми ги регистрирале фирмите токму таму. И Мишковиќ, кој сега е на робија.

Доколку читате српски весници, сите ви се добро познати. Бидејќи ја купија целата земја, во пакет со инфраструктурата на небото, мислам дека не претерувам кога велам дека наскоро ќе го дишеме и нивниот воздух. На кредит или на лизинг. Зошто, тогаш, да го губам времето во Палатата на правдата, изложувајќи се на непотребен ризик да ми суди некој кадија, кој што стекнал диплома на Правниот факултет за неколку илјадарки евра? Туку, загрозен ли е нивниот капитал на Кипар или инстинктот за опасност одамна им е изострен, па го преселиле богатството на некој нов, егзотичен остров? Овдешните медиуми пишуваат дека им се загрозени стотина нивни милиони, но, всушност, никој не ќе заплаче поради тоа.

Штета е за Кипар. Баш си мислев и јас да исчезнам одовде. Зошто да не, си размислував: ајде и јас да се препуштам на оф-шор еволуцијата. Си мислев дека знам каде да отидам. Си испланирав и купување на авионска карта во еден правец, задна пошта – Никозија. Зошто, кутар јас, би шкрткал, место да сум  бос, газда, аџија…?

И, ми се прекина сонот. Го потопија Кипар. Ма, отидов јас на Кајманите, или во старата, добра Швајцарија…

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 29.03.2013