Зад кулисите на ТВ серијата „Равна гора“: Оваа недела е четничка

Сите Срби, а, богами и останатите етнички заедници, не мрднуваат од дома. Или сите станавме четници, или неделата е ден за бањање. Нема трето. Tаквa белградскa пустош, пред одвратниот понеделник, не снајде откако на државната телевизија, од осум часот навечер, започна прикажувањето на новата, епска серија „Равна гора“. Наелектризираните и вечно поделени Срби на партизани и четници, на ѕвездаши и партизановци, ја исчекуваа серијата како страшен суд. Регионалните соседи, кутрите, помислија дека повампирен, Дража Михајловиќ лично ќе излезе од телевизорот и ќе им ја затресе и онака кревката демократија. И, помина повеќе од месец дена откако почна прикажувањето на „Равна гора“, кога – ништо! Долги кадри, стари, црно-бели снимки, скромна продукција, а Дража задоцни, па се појави дури во четвртата епизода.

Има веќе еден месец како во Белград, во недела навечер, жив човек не можете да сретнете по улиците. Сите Срби, а, богами и останатите етнички заедници, не мрднуваат од дома. Или сите станавме четници, или неделата е ден за бањање. Нема трето. Таква белградска пустош, пред одвратниот понеделник, не снајде откако на државната телевизија, од осум часот навечер, започна прикажувањето на новата, епска серија „Равна гора“.

Со месеци наназад се тресеше сиот регион. Тоа, Србите, на Јавниот сервис на проевропска Србија, ги пропагираат четниците и Дража Михајловиќ, закукумјавчија соседите и овдешните НВО тажачки. Дури многу пред прикажувањето на серијата, веднаш се покрена цела лавина од расправи, анализи и критики. Режисерот Радош Бајиќ, некогашниот глумечки херој од партизанските вестерни, каков што беше култниот филм „Партизанска ескадрила“ на Хајрудин Крвавац, кој, потоа, главно снимаше тривијални комедии за селанецот Секула и неговите љубовни проблеми, пред неколку години го создаде супергледаниот, мамутски серијал „Село гори, а баба се чешла“. Со него, Радош Бајиќ му се спротивстави на експанзионизмот на Сулејман Величествениот на Балканот, со што, всушност, стекна имиџ на телевизиски Милош Обилиќ.

„Село гори…“ и неговиот јунак, средовечниот земјоделски производител од селото Петловац, наречен Радашин, кого го играше токму Радош Бајиќ, создадоа сага за пропаднатиот, ама и романтичен живот на српското село, кое што, подеднакво, го уништија и социјализмот и транзицијата. По ова, Радош или Радашин, како што му се викаше главниот јунак, кого самиот го играше, одлучи да се позанимава со историјата. И тоа која. Одлучи Радашин да ги анализира Дража, четниците, партизаните и обичниот свет, кој што се испогуби во вителот на Втората светска војна. И, ајде што Радашин и пред прикажувањето на серијата ја спушташе топката на земја, па зборуваше дека тоа ќе биде серија за националното помирување, а никако и за повампирување, но, шеесетиосум години по уништувањето на четничкото движење, покојниот Дража Михајловиќ доби и свој застапник и обожавател. Под духовна управа на Чича од оној свет, (Дража, имено, нагалено го нарекуваа Чича), портпарол на четничките одреди, ни помалку ни повеќе, стана еден од најголемите српски глумци – Небојша Глоговац. Глумец, по вокација, а според внатрешните немири – четник ориџинале и тоа од Равна Гора, Глоговац, во интервјуата, рафално распали по партизаните. Глоговац го игра Дража, па, се чини дека му се допаѓа униформата, Дражините очила со тркалезна рамка, како Ленонки, како и фактот дека на многумина срцето им затреперува, ама, скришно, кога Чича ќе им се јави на сон…

Наелектризираните и вечно поделени Срби на партизани и четници, на ѕвездаши и партизановци, ја исчекуваа серијата како страшен суд. Регионалните соседи, кутрите, помислија дека повампирен, Дража Михајловиќ лично ќе излезе од телевизорот и ќе им ја затресе и онака кревката демократија. И, помина повеќе од месец дена откако почна прикажувањето на „Равна гора“, кога – ништо! Долги кадри, стари, црно-бели снимки… Во првите четири епизоди, четниците не се појавија ниту на хоризонтот. Ама, затоа дознавме дека последниот југословенски крал, младиот Петар Втори Караѓорѓевиќ, имал извонредно грижлив собар, Раденко, кој ниту изутрината, на 6 април 1941 година, кога Германците го срамнија Белград, не дозволил суверенот да оди во бункерот без топли пантофли.

Почна „Равна гора“, а од Дража ниту трага, ниту глас. Почна да се распаѓа кралската војска, Хрватите и Словенците здимија веднаш, а комунистите започнаа да се организираат. Но, кај се четниците, а и тој Дража? Пак ли доцнат – сериозно се запрашуваа загрижените гледачи. Дури и загрепскиот „Јутарњи лист“ се наостри, па се спреми за критика веднаш, уште утредента, по емитирањето на првата епизода. Ама и Хрватите се разочараа, па ја прогласија серијата лесна, како камилица.

Кутриот Радашин, односно, Радош! Буџетот празен, продукцијата скромна… Ех, барем кралот да воскреснеше и да го вратеше во земјата она силно злато што го однесе, па и Дража да биде ем помил, ем подраг. И, ајде сега ти, братче, што би рекле четниците, оживеј го Дража како што доликува, во таа беспарица. И, што да прави Радашин, се претвори во Бергман. Србите чекаа акција и четници, како измиени специјалци, а добија кадри од прекрасни пејзажи, долги како гладна година. Дража се појави дури во четвртата епизода, како и во вистинската војна, откако се се заврши. Партизаните веќе работеа на теренот, попатно, ги смуваа и најдобрите риби, кога – еве ти ги Глоговац и четниците, збунети, смрзнати, го бараат патот за враќање во Србија некаде од Босна.

Инаку, Дража се покажа како фин човек. Не вика, не лока ракија, не му се тресат рацете. Само е загледан во мрачната иднина, свесен за одговорноста, како командант на Кралската војска во татковината. Што ќе прави, каде ќе оди, кога кралот и министрите збришаа, а него го оставија угул сам, против партизаните и Германците.

 Фатија така, во серијата, четниците некои сироти муслимани.  Ги заробија, но Дража ги прими во селскиот штаб, па со нив ќе постапува со арно. Толку водеше сметка за човечките права на заробениците, што веднаш, утредента, српските медиуми го прогласија за основач на првата невладина организација во Србија. Ги послужи Дража, лично, заробениците со кафе, со ракија… И јагнешко им понуди. Потоа, ги пушти на слобода. Ама, жими мајка, чичко Дражо! Место да ги пушти заробените муслимани, како што му нареди командантот, брадестиот четник едниот го закла, а другиот го пушти, за да раскажува за појавата на една нова, гадна војска. Така се дозна дека Дража имал мангупи во неговите редови! Не беше тој, кутриот, виновен, туку оние околу него! Таква е, инаку, класичната српска матрица за српските вождови. Не беше виновен тој, туку оние околу него. Не беше виновен Слоба, туку оние околу него. Не беше крив Коштуница, туку оние околу него. Ниту Ѓинѓиќ, ниту Тадиќ, туку, оние околу нив….

Сега, чекаме да видиме како Дража понатаму ќе се снаоѓа. Уште сме негде во април 1941 година, а Тито никаде го нема. Го нема, како што би рекле четниците, ниту на пушкомет.

Низ белградската, злобна чаршија, на големо се зафркаваме дека Равна гора ќе се емитува барем до 2020 година. А, дотогаш, нека се замајува народот. Според таа заебантска шема, Радош, дури во 2025 година, планира да ја обработува Ужичката република.

Патем, освен кај Србите, Дража има култен статус и кај модерните, политички спин-доктори. Имено, штом динарот почнува да паѓа или се затоплуваат односите меѓу Белград и Приштина, почнува и паралелна акција за пронаоѓање на гробницата во која е закопан Чича. Откако е осуден на стрелање, премачканиот Тито одлучил Дража да биде погубен на тајна локација, а потоа, на уште потајна, да биде закопан, за да неговиот гроб никогаш не постане свето место на конзервативните, монархистички сили. Америте, веројатно, го копирале Титовиот модел на пресметка со внатрешниот и надворешниот непријател, па лешот на Бин Ладен го фрлиле во океан. Пробај, сега, па најди го Бин Ладен во морските длабочини. Така е и со Дража. Ама, бидејќи Србија нема океан, коските на четничкиот водач се скриени негде во длабочините на светата, српска земја. И, ви велам дека штом е потребно да се сврти вниманието од суштинските проблеми во општеството, се тргнува со ископувањето на Дража. Да сум расипан, би рекол дека и „Равна гора“ се емитува паралелно со спроведувањето на Бриселскиот договор. Ама, бидејќи сум невин и наивен, како принцот пред да ја бакне Трнорушка, се враќам кон археолошката, масовна потрага по Дража.

Борис Тадиќ, инаку, го обожаваше ова. Штом скокнеше еврото, тој ќе го повикаше својот советник за безбедност, Мики Ракиќ, кој, впрочем, е еден од најдобрите другари на Александар Вучиќ. И, в миг започнуваа да работат лопатите. Како на работна акција. Се копаше малку по Ада Циганлија, на која старите Удбаши покажуваа со прст како на можна локација на гробот на Дража. Службите ја преораа целата Ада и џабе. Ни молекула не најдоа од чичко Дража.  

Ама, затоа, ни оживеа во „Равна гора“. И, додека српските националисти толку го осудуваа црногорскиот режисер, Вељко Булајиќ, одметнат во Хрватска, повикувајќи се на неговиот филм „Битката на Неретва“, каде што четниците намерно беа прикажани како брадести чудовишта со ножеви меѓу забите, што беше само логичен, естетски приказ на идеолошкиот непријател, сега, во Радашиновата Равна Гора, тие, да простите, ни изгледаат како некои сестри перси.

 И, гледајте каков апсурд, „Равна гора“, конечно, им го забоде глоговиот колец на четниците и на Дража. Целата нација сега одвај чека да погледне нешто од партизанскиот, филмски циклус, па да се размрда на студов. Јавниот сервис, пак, веднаш тргна во контраофанзива и го прикажа „Валтер го брани Сараево“, со незаборавниот Бата Живојиновиќ. Колку народот да спореди како се утепуваат Германци. Во свое време, Бата толку многу од нив испоуби, што го загрози тогашниот, југословенски туризам. Имено, Германците се плашеа да влезат во земјата, да не излета, случајно од зад некој агол, Бата со митралезот. Ама, тоа се нарекува маркетинг. Затоа Тито и победи. Вложуваше во реклама. Денешните четници не знаат дека е најглупаво да се штеди  при креирањето на стратешкиот имиџ. Поради што и овој пат губат.     

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 17.12.2013