Зимскиот, српски, монденски центар под тајкунски ѕвонец

Некогашното одморалиште на Беобанка го купи еден од емиратските шеици, пријател на премиерот Александар Вучиќ. Шеикот изнајми архитекти кои го креираа идниот хотел така што е вкопан три до четири ката под земја, каде што ќе бидат сместени гаражи, теретани, СПА центри, базени… Над темелите ќе се наоѓаат апартманите, а арапскиот хотел, на врвот на српската планина, ќе биде дизајниран во облик на пустински шатор. Шеикот го гради зимскиот центар само за своето семејство и пријателите, затоа што сите обожаваат да се скијаaт и тешко дека обичниот свет ќе може тука да примириса со својот нос. Сепак, чинам дека тоа е добра идеја, зашто го сакам таквиот бедуински кодекс на честа, што, можеби, ќе воведе малку ред на планината, претворена во немирна врева, во дива градба без смисла и естетика, со што е создаден вистински, архитектонски хорор…

Не сакам да одам на Копаоник, најубавата српска планина. Не се чувствувам природно во популарното зимувалиште, што го промени пејзажот. Не поради ефектот од стаклената, туку од тајкунската градина. Навистина е како снежен, стаклен ѕвонец, со снег и санки. И, навистина, таму се чувстувам како прасе што отишло да шета по центарот на Техеран.

Ах, тие проклети сеќавања! Толку би сакал понекогаш да ме посетат господата Алцхајмер и Паркинс, за да заборавам како беше порано. И да им кажам на нашите деца дека така никогаш повеќе нема да биде. Зашто, за време на социјализмот сите можеа да одат на скијање. Од чистачка до директор. Се работеше само за тоа кој сакаше да застане на тие смешни даски и да глуми Словенци.

Мојата екипа од Карабурма, едно опасно ритче на четири километри од центарот на Белград, играше само кошарка и фудбал, па тие гротескни движења на скии воопшто не ни беа интересни. Затоа, никогаш не ги засакавме ниту планините, ниту снегот.

Ама, се случуваше некои слатки девојчиња, од побогатите делови на градот, да го сакаат скијањето, та, заради нив и ние одевме на Копаоник. Секако дека не уживавме во бајковитите предели под снег и четинари. Но, немаше што да се прави. Таа проклета Титова диктатура на чесната младина и овозможуваше десетина дена да се излежува на Копаоник. Спиевме во работничките одморалишта на Инвестбанка или на Беобанка, кои што, после демократските промени, отидоа во стечај. Банките сеуште се во стечај, ама, одморалиштата се продадени. За појаснување, тоа се, инаку, полнолетни стечаи.

Странските банки влетаа во Србија, ги исцицаа сите пари, а одморалиштата ги купи новата класа. Многу просто и многу расипано. Така, едно одморалиште на Инвестбанка беше продадено на прославениот фудбалер Сава Милошевиќ. Сега се вика „Сребрена лисица“ и таму зимува високата средна класа, главно менаџери, со плата од околу 2.000 евра. Најмалку 50 евра е дневниот трошок на едно лице само за хотелот, без ски-пропусницата и другите занимации што се пружаат на популарниот Коп, што чинат, барем, уште двојно повеќе.

Одморалиштето на Беобанка го купи еден од емиратските шеици, пријател на премиерот Александар Вучиќ. Шеикот изнајми архитекти кои го креираа идниот хотел така што е вкопан три до четири ката под земја, каде што ќе бидат сместени гаражи, теретани, СПА центри, базени… Над темелите ќе се наоѓаат апартманите, а арапскиот хотел, на врвот на српската планина, ќе биде дизајниран во облик на пустински шатор. Шеикот го гради зимскиот центар само за своето семејство и пријателите, затоа што сите обожаваат да се скијаат и тешко дека обичниот свет ќе може тука да примириса со својот нос. Сепак, чинам дека тоа е добра идеја, зашто го сакам таквиот бедуински кодекс на честа, што, можеби, ќе воведе малку ред на планината, претворена во немирна врева, во дива градба без смисла и естетика, со што е создаден вистински, архитектонски хорор…

Српската елита не се секира премногу за ова. Еден од најбогатите Срби, Миодраг Костиќ Коле, го купи „Гранд“ и некогашниот хотел „Караван“. Се подразбира дека „Караван“ беше сопственост на сите другарки и другари на стара Југославија. Коле ги купи „Гранд“ и апартмантската населба „Конаци“ за околу 20 милиони евра. Инфраструктурата, воведувањето канализација, пробивањето на патеките и поставувањето на модерните жичарници, е завршена дури после купувачката. И сето тоа чинеше, исто така, 20 милиони. Тоа, секако, го плаќаше државата.

„Гранд“ е реновиран така, што навистина изгледа како фенси центар, каков што е најскапиот и најлуксузен, белградски хотел, Сквер Најн. Сместувањето чини околу 100 евра дневно за едно лице и се прикажува дека Коле таму ги прибира своите омилени русокоси: бившата сопруга, Маријана Матеус и бившата љубовница, пејачката Наташа Беквалац.

Коле е типичен волшебник на српската транзиција. Еден од најголемите. Познат е како крал на шеќерот, ама, ги менуваше агрегатните состојби, испарувајќи од основачките и сопственичките меморандуми, за во некоја друга компанија или во некоја друга земја пак да ги поприми контурите на човечко суштество, умножувајќи ги профитот и провизијата, усреќувајќи се сам себе, како доказ дека српската еволуција, доколку ја доверите на вистинскиот човек, за неколку милиони, од истрошено коњче создава липицанер. Неговиот пат низ српскиот волшебен лавиринт се чини дека беше исклучително лесен. Уште од моментот кога, во дамнешните времиња, се раздели од Маријана. Уште тогаш имаше визија за слаткиот живот. Имено, на Маријана, кога првпат ја видел и се обратил:

– Кај си, шеќерче?!

Земајќи за жена една од најубавите русокоси на тоа доба, Коле демонстрираше не само љубовна, туку и деловна визија. Стана крал на шеќерот, во бизнисот. Во љубовта, пак, стана крал на русокосите. Попусто Маријана подоцна стана Матеус, мажејќи се за славниот Германец, фудбалерот Лотар, познат по тоа дека кога и да се заљубел, се женел. Сепак, Коле беше тој кој прв ја дриблаше. Лотар ја презеде иницијативата дури во продолженијата.

Талентот еднакво да се заљубува и во русокоси и во владетели го покажува со тоа што редовно, штом падне ноќ, ја нарачува песната на Наташа Беквалац, „Како никотин.“

Како човек со извонредни деловни врски, Коле успеа да се избори во „Гранд“, на Копаоник, секоја зима да се одржува таканаречениот српски Давос. Се собира целата влада и, речиси, една деценија, се расправа за едно исто: како Србија да исплива од економското дно. По завршувањето на дневните панели, ноќе се организираат луди журки.

Како успеа Коле да го освои Копаоник? Штом човек ќе ја види Колевата компаниска шема МК Гроуп, ќе му стане јасно дека е создадена корпорациска мегаструктура, врз наполно транспарентен принцип, односно, врз корпоративна култура кон која што тежнеат сите фирми и институции, од Пепси Кола до Мајкрософт. Практично, компанијата ги покрива најважните сектори на стопанството: од земјоделството, преработувачката индустрија, хотелиерството, компјутерската технологија, обновливите извори на енергија… Но, сета мудрост и визија се наоѓаат во главата и во генијалната деловна инспирација на, некогаш, сиромашниот младич од Врбас, кој се обогати во времето на Слоба. И уште повеќе после Слоба. И се разбира дека генијалноста на таков младич, како по правило, ја следат макроекономските услови, што се формираат на Копаоник…. Односно, фамозниот стопански амбиент. Тие две нешта, Колевиот мозок и политиката за развој на земјата никако не се двојат и му овозможија минатата година да стане најбогат стопанственик во регионот на листата на магазинот Форбс, ама, поради падот на приходите од 20%, оваа година падна на петтото место.

Копаоник постана зимски рај за спонзорушите и старлетите. И за разни птички од секаков вид. Во „Гранд“, шолја чај чини 300 динари. Обична кесичка чај, што се спушта во врела вода. Кутија со 20 кесички во продавница чини 50 динари. Тоа е екстрапрофитот на зимскиот тајкунски и политички рај. Тоа е новата елита. Моите другари, прочуени скијачи, ги презираат, затоа што 90% од тие новобогаташи не знаат да се скијат, ама, затоа се редат, како канаринци на жица, додека се нишаат на жичарницата. Имаат најскапа опрема и цел им е да го покажат нивниот општествен статус. Што би се рекло – можеби не знам да се скијам, ама, кога ќе се спуштам, се прска! И не боли кога се паѓа!

Што им преостана на некогашние другарки и другари и на нивните деца кои го немаа Колевиот коефициент на социјална интелигенција? За нив преостанаа планинарскиот дом „Олга Дедијер“ и хотелот „Путник“, но, само во втората половина на јануари или од први март. Таму може да се ноќева со полупансион, за 50 евра. Тие хотели се полни со некогашните, вистински заљубеници во скијањето и во планината. И, како сите вистински заљубеници, таа екипа и натаму доаѓа, иако секоја година си го поставува прашањето – зошто Копаоник е толку проклето скап? Накусо, тое е екипа на скијачи – наивци. Од пензијата не можат да си купат ниту ски-пропусница, па се шетаат по патеките на Копаоник и се потсетуваат на старите времиња, кога раководеле со гиганти од светски размери. Нивните деца им се смеат добронамерно. И ним и на себе сами.

Мој пријател, во втората половина на јануари, ќе зимува во хотелот „Олга Дедијер“, вистинско планинско, соцрелистичко, архитектонско здание. Имаат пари само за него и за синот. Жена му ќе остане дома. Додека ми го раскажува ова, нашите деца слатко ни се смеат. Седум дена скијање ќе го чинат најмалку 500 евра. Тој, синот, скиите, стрмната патека и скромното јадење. И слатките сеќавања.

Најдобриот тенисер на светот, Ноле Ѓоковиќ, има ресторан и комплекс тениски терени и прашање е дали ќе влезе во поголем бизнис. Ако посака, може да ја купи и целата планина. Неговиот татко некогаш беше сиромашен, но, снаодлив, па се вложи во синот, иако порано, кога се создаваше комплексот Копаоник како зимски центар, имаше пицерија и бутик. Таму Ноле раснеше, додека неговиот татко се задолжуваше кај зеленашите и криминалците, за да ги плаќа скапите тренери.

Но, кој, навистина, го создаде Копаоник како зимски центар? Чија беше идејата? Станува збор за најголемата југословенска надворешнотрговска корпорација „Генекс“ од Белград. Позади таа компанија, која што од СФРЈ направи економски неврзан џин, се криеше, всушност, најмоќниот разузнавачки холдинг, тнр. СИД или надворешна разузнавачка служба… Што е тоа што го знаеше Тито, а што другите не го знаеја? Дека работничката класа, за својата плата, лете мора да оди на море, а зиме на планина. Ништо помалку и ништо повеќе. Оттука, симбол на денешниот, транзиционен Копаоник е токму тоа, што комплексот на некогашниот „Генекс,“ значи Гранд и апартманите, ги купи мистер Коле. И, затоа обичниот свет не може да се искачи на врвот на монденското зимско царство. Премногу е лизгаво за обичниот народ…

Останато од авторот: