/ Прочитано:

1.511

Брифинг за реформите во правосудството, јавната администрација и контролата врз безбедносните служби

Министерката за правда Рената Дескоска во Владата на РМ информираше за пакетот реформи во правосудството кои ги опфаќаат измените и дополнувања на Законот за судови во делот на избор на судии и јавни обвинители во согласност со начелото на заслуги и според препораките на Венецијанската комисија, потоа усвојувањето на измените на Законот за управување со движењето на предметите во судовите, како и на редефинирањето на оснoвите за разрешување и дисциплинско казнување на судиите во согласност со препораките на Венецијанската комисија.

Во врска со Планот 18 Дескоска стави посебен акцент на новиот Предлог-закон за спречување корупција и судир на интереси.

„Новиот Предлог-закон за спречување корупција и судир на интереси помина на седница на Владата на РМ и очекувам дека и Собранието брзо ќе го прифати за да имаме функционална Државна комисија за спречување на корупцијата. Првата верзија беше ставена на увид на јавноста во текот на август и за нецели два месеци успеавме да го профилираме текстот на законот со препораките од јавните дебати. Предлогот ги исполнува препораките на Прибе во делот на борбата против корупцијата, потоа препораките од извештаите на Европската комисија и на ГРЕКО. Ставот на сите што учествуваа во оцената на Предлог-законот за спречување корупција и судир на интереси е дека имале солидни инструменти за борба против корупцијата“, рече министерката за правда Рената Дескоска.

Во делот на реформските мерки од Планот 18 во надлежност на МВР, министерот Спасовски се задржа на реформите на Управата за безбедност и контраразузнавање и го издвои доследното спроведување на целиот пакет мерки кој се однесува на целосна операционализација на Оперативно-техничката агенција (ОТА).

„Реформите за безбедност и контраразузнавање не оставаат простор за злоупотреба. Со оваа реформа, надворешните механизми за контрола врз безбедносните служби се зајакнати, додека ПИМ-мерките нема да бидат на располагање на МВР и УБК, освен доколку тоа не е во законска и пропишана постапка, која има свој пишан траг“, нагласи Спасовски.

Четвртиот кластер реформски мерки на Планот 18 опфаќа системските измени во јавната администрација. Министерот Манчевски фокусот на своето излагање го стави на деполитизација на јавната администрација – почитување на принципот на заслуги (мерит систем) и прекинување на праксата на привремени вработувања, на изработка на концептот за воведување на категоријата високи државни службеници (ВРС), како и процесот на реорганизација/оптимизација на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби на централно ниво.

„Целта е онаму каде што анализата ќе покаже дека одредени институции треба да бидат укинати, тие ќе се укинат. Институциите кои можат да се спојат со други институции, ќе се спојат. Во некои случаи може да се покаже дека некои институции недостасуваат, и тие ќе се формираат, иако ќе гледаме тоа да биде само како крајна неопходност. Но, во најголем дел ова ќе значи оптимизација на јавниот сектор, особено во делот на менаџерските структури. Во делот на деполитизација на јавната администрација, клучната мерка е новиот Закон за висока раководна служба бидејќи анализата потврди дека партизацијата на администрацијата се генерираше од раководните луѓе во секторите. Новите мерки од овој закон ќе дефинираат кои се позициите за партиски именувања на функции, а кои се позициите на кои ќе се вработуваат професионалци на јавно објавен оглас, со прецизно утврдени вредносни критериуми за извршување раководни позиции во јавната администрација. Во завршна фаза сме и со реформата Една точка за услуги, реформа која го олеснува пристапот на граѓаните до услугите кои треба да им ги дава јавната администрација, воедно од почетокот на идната година очекуваме да отпочне со работа и е-порталот за услуги“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Манчевски на брифингот за новинарите во врска со  Планот 18 во Владата на РМ, на кој учествуваше и претседателот на Владата.

М.В