/ Прочитано:

3.603

Бројот на средношколци драматично опаѓа, се нотира во истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација

Јавноста и страните заинтересирани за средното образование, како што се:  родителите, учениците и медиумите немаат доволно информации за трошењето на јавните средства за финансирање на образованието, и покрај тоа што прашањето на корупцијата и транспарентноста на јавното трошење претставува еден од најголемите предизвици за Македонија, се нотира во истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ, насловено како „Помалку ученици, поголеми трошоци: како до потранспарентно трошење на јавните средства во средното образование?“. Автори на анализата се д-р Мишо Докмановиќ, д-р Катерина Шапкова Коцевска и д-р Дарко Спасевски.

Општините не се транспарентни во трошењето на јавните средства

Во голем дел, се истакнува во истражувањето, општините не се транспарентни во трошењето на јавните средства. Дури 11 општини, се додава во истражувањето, не доставиле одговор на барањата доставени за пристап до информации од јавен карактер, по што биле поднесени жалби до Комисијата за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер.

„Министерството за образование и наука е отворено и транспарентно во делот на финансирањето на средното образование. Сите побарани информации поврзани со истражувањето беа доставени во законски предвидениот рок“, се посочува во истражувањето кое е подготвено во рамките на проектот „Одговорност, технологија и мрежа на Југоисточна Европа“ (Accountability, Technology and Institutional Openness Network in South East Europe – ACTION SEE), финансиран од Европската Унија.

Бројот на учениците опаѓа, а трошоците за јавни набавки се зголемени

Понатаму, во истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација се нагласува дека бројот на ученици во средното образование драматично опаѓа. Според податоците, бројот на ученици запишани во јавните средни училишта е намален од 85.038 ученици во учебната 2013/14 година на 70.139 ученици во учебната 2016/17, односно бројот на ученици е намален за 17,52 % во наведениот период.

За разлика од тоа, трошењето на јавни средства во средното образование бележи евидентно зголемување. Трошоците за јавните набавки се зголемени од 139.242.875 денари во 2014 година на 220.837.755 денари во 2016 година, односно за 58 проценти.

Помеѓу планските региони во земјата постои евидентна разлика во износот на средствата потрошени по ученик за јавни набавки, комунални услуги, греење, комуникација и транспорт. За разлика од тоа, нема поголеми разлики помеѓу регионите во делот на расходи за плати и надоместоци ( деталните податоци од истражувањето може да се погледнат на Платформата за мониторинг на користењето на јавните средства во средното образование во Македонија „Будно око“).

На ниво на Република Македонија, видливо е намалување на расходите за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт во периодот 2013–2016 година. Имено, расходите за оваа ставка се намалени од 350.502.908 денари во 2013 година на 250.097.513 денари во 2016 година, што претставува намалување од 28,64 %. Интересно е да се нагласи дека најголемото намалување настанува во последната анализирана година – 2016.

Големи разлики во делот на сопствените приходи кои ги остваруваат училиштата

Истражувањето, исто така, покажува дека постојат големи разлики во делот на сопствените приходи кои ги остваруваат училиштата. Во согласност со податоците добиени од истражувањето, кај најголем дел од средните училишта средствата остварени од сопствени извори се многу мали. Само кај многу мал дел од средните училишта се забележува остварување на поголеми средства од сопствени извори.

Во оваа смисла, во истражувањето се нагласува дека недостасува ефикасно планирање на расположливите средства и недостасуваат широки консултации помеѓу органите на училиштата и родителите, како и со средношколците со цел заедничко креирање политики, вклучувајќи го и финансирањето на образованието.

Потребно е зголемување на капацитетите на секторите надлежни за средно образование во рамките на единиците на локалната самоуправа, но потребно е доследно почитување на правилата за јавни набавки и спроведување на постапките за јавни набавки во согласност со правилата содржани во Законот за јавни набавки.

Да се подобри транспарентноста, законската рамка и менаџирањето во средните училишта

Средните училишта, се препорачува во истражувањето, треба да ја подобрат транспарентноста во својата работа, особено во контекст на трошењето на јавните средства, известувањето на јавноста, како и постапувањето по барањата за пристап до информации од јавен карактер. Училиштата треба подобро да менаџираат со системот на јавните набавки и да ги зголемат своите капацитети за обезбедување дополнителни приходи.

Зголемувањето на капацитетите за менаџирање на органите на управување и на стручните органи на средните училишта, подобрувањето на законската рамка и активното учество на сите заинтересирани страни при изработка на годишната програма на средните училишта се дел од препораките упатени до Министерството за образование.

Родителите, пак, треба да покажат поголем интерес за школувањето на своите деца, особено во однос на условите, како и за трошењето на јавните средства во средното образование и да иницираат консултации и да учествуваат во нив заедно со органите на училиштата и со средношколците со цел заедничко креирање политики, вклучувајќи го и финансирањето на образованието.

„Родителите треба активно да го поддржат концептот на партиципативното буџетирање и неговото инкорпорирање во образовниот систем на земјата. Покрај контролата на транспарентноста на трошењето, овој концепт ги развива и вештините на нивните деца и ќе им овозможи да успеат како професионалци во нивните идни кариери“, се резимира во истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ.

Веб-платформа за брз, едноставен и графички визуализиран приказ за трошењето на јавните средства

Проектот „Будно око“ е насочен кон подобрување на следењето и пристапот до информации за трошењето на јавните пари во средното образование на Македонија. Во рамките на проектот беше создадена веб-платформа која овозможува брз, едноставен и графички визуализиран приказ за трошењето на јавните средства (вклучувајќи приходи, расходи, износ на јавни набавки итн.) и други релевантни информации кои се лесно достапни и разбирливи за учениците, за родителите, за медиумите и за заинтересираните граѓани. Врз база на собраните информации, во рамките на проектот е подготвен и овој документ за јавни политики, со препораки за подобрување на оваа област. Во рамките на овој документ е вклучен приказ на актуелната ситуација со законската рамка и практики, вклучувајќи ги и главните детерминанти на финансирањето на средното образование, методологија на истражувањето, како и заклучоци и препораки.

Промоцијата на Проектот  „Будно око“ ќе се одржи во ЕУ Инфо центарот на 12.02.2018 година во 11 часот.

Оваа статија е изработена во рамките на проектот на Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје “Будно око: платформа за мониторинг на користењето на јавните средства во средно образование во Македонија”, а со поддршка од Аcccountability, Technology and Institutional Openness Network in SEE Проектот Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа #ACTIONSEE, спроведуван од Metamorphosis Foundation, Westminster Foundation for Democracy, CRTA, Граѓанска асоцијација U.G. “Zašto ne”, Centar za demokratsku tranziciju – CDT Open Data Kosovo и Lëvizja MJAFT. Проектот е со поддршка од Delegation of the European Union, Skopje. Содржината на оваа статија не го одразува официјалното мислење на Европската унија. Одговорноста за информациите и ставовите изразени во статијата е целосно на авторот/(ите).

М.В