/ Прочитано:

1.582

Бугарите и Романците страв и трепет за Западна Европа: доселувањето на југоисточната сиромаштија на претрес пред Европскиот суд на правдата

Новата година ѝ донесе нови маки на обединета Европа: откако на 1 јануари стана полноважна слободата на движењето на работниците од Бугарија и од Романија низ целата Европска унија, неколку земји-членки од Западот, пред сѐ, Германија и Велика Британија, наголемо ја потпалија дискусијата за правото на новодоселеното граѓанство на социјална помош. Додека британскиот премиер бара ограничување на слободното движење на работниците во ЕУ, а владата во Германија им ветува помош на градовите и на општините погодени од доселеничките бранови, официјален Брисел ги оценува ваквите потези како знаци на претерана хистерија. Европскиoт суд на правдата во Луксембург допрва ќе ја преиспитува практиката на слободното движење на работниците, којашто е темелна придобивка и изворна вредност вградена во правото на ЕУ.

Во германските метрополи најчесто се доселуваат Роми од Бугарија и од Романија. Само во Берлин досега се регистрирани околу 20 илјади доселеници од двете југоисточни држави. Соочени со сиромаштија и со дискриминација во родните земји, овие ранливи групи се решителни во потрагата по подобра иднина во Западна Европа. Како последица, во многу периферни градски населби во Германија може да се видат поштенски сандачиња на кои има дури и по пет имиња едноподруго со бугарско или со романско потекло, а зградите во коишто живеат се нехигиенски и речиси пред распаѓање. Градските и општинските совети постојано се жалат што мора да го понесат на себе најголемиот дел од трошоците за лицата што се доселуваат и што бараат работа, како што се: дневен престој, преноќување, медицинска помош, исхрана во народни кујни итн.

Слична и во одредени домени уште подраматична е сликата во Велика Британија. Нареднава година, проценуваат тамошните служби, Британија ќе ја погоди бран од преку 50 илјади доселеници од Бугарија и од Романија. Во неколку скорашни анкети се покажа оти доселувањето на сиромаштијата од Источна Европа е нивната најголема општествена грижа: секој втор испитаник се изјаснил за „затворање“ на границите на двете источни земји. Сред ваквите околности, британскиот премиер, Дејвид Камерон, побара да се ограничи слободата на движењето на работниците во ЕУ, а едновремено се заложи и за воведување уредба со која граѓаните на Унијата би добиле право на социјална помош три месеци по нивното доселување во Британија, и тоа само во траење од шест месеци. Од друга страна, Брисел ги оцени барањата на Камерон како знаци на претерана хистерија.

Курсот на официјален Брисел е сосема спротивен на оној на националните влади. Според неодамнешна студија претставена од Европската комисија, уделот на доселениците од други земји-членки на ЕУ во Германија, како и во Финска, Франција, Холандија или во Шведска, под пет проценти. Стапката, пак, на невработените доселеници-граѓани на ЕУ е под еден процент и во последната декада бележи незначајно зголемување. Основен мотив за преселувањето, според студијата, е желбата за подобро работно место. Тоа, сепак, не важи само за граѓаните од Источна Европа: од избивањето на последната економска криза, зголемен е и бројот на граѓаните што јужните се преселуваат во северните држави на ЕУ. Потпирајќи се на ваквите наоди, Комисијата строго стои на своето тврдење оти не постои доказ за какво било оптоварување на социјалните системи на западните земји-членки, чии политички челници секогаш наново се обидуваат да укажат на спротивното.

Системот за следење и за контролирање на движењето на сиромашните доселеници претставува рак-рана и за повеќето западни земји: дури и ако некому му се ускрати правото на социјална помош додека бара работа и поради непочитување на законите му се изрече мерка за депортирање во земјата на потекло, никој не може да му забрани повторно да дојде во државата што своеволно ја избрал како свое одредиште. Без оглед на сè, над целиот хаос испливува една мошне јака струја: дискусијата за слободното движење на работниците се разжештува непосредно пред изборите за пратеници во Европскиот парламент — кога големите европски политички семејства настојуваат да придобијат што повеќе гласови од европското граѓанство. Темата за доселувањето на „туѓинците“ е вистинско гориво за десноориентираните, националистички партии, на коишто аналитичарите веќе им предвидуваат добри резултати на изборите во мај годинава.

Правото на слободно движење на работниците е врвно достигнување на Европската унија, која, пак, е горда што својот економски пораст може да го потпре на него на долг рок. Од слободното движење на работниците придобија многу земји, меѓу кои и Британија и Германија. Ако се наруши темелот на оваа вредност — таков е моментниот впечаток — на сцената неминовно ќе стапат институциите на Унијата, како што е Европскиот суд за човекови права, кој наскоро ќе ги стави под својата лупа прашањата поведени од неколку национални судови во врска со правото на социјална помош при доселување во друга земја-членка на ЕУ. Мерки се очекуваат и од Европската комисија, но веројатно ќе се чека на нејзиниот нов состав по изборите. Дотогаш, како и судиите така и комесарите — барем теоретски — имаат доволно време да ја обноват својата врска со социјалната стварност на Европа.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 8.01.2014