/Прочитано:

741

Царинската управа со предложените измени на Законот за банките ќе може да блокира банкарски сметки поради царински долг

Царинската управа на Република Македонија денеска одржа прес-конференција во врска со предложените измени на Законот за банките, кои во еден дел се однесуваат на можноста на Царинската управа да има право да изврши блокирање на банкарската сметка  поради постоење на царински долг.

Според директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски, со измените во Законот за банки Царинската управа не бара увид во трансакциските сметки на физичките лица, туку бара да постапи во согласност со својата надлежност според Царинскиот закон – да изврши присилна наплата кон физички лица кои имаат одреден долг кон Царинската права.

Оваа постапка се вршела преку УЈП бидејќи  Царинската управа немала законски основ да побара блокирање на сметката директно во банка. Царинската управа, додаде  Танаскоски, не бара да има увид во трансакциската сметка на граѓаните, туку блокирањето на сметката што досега го правела преку УЈП сега да го прави самата.

Измените на Законот за банките беа најавени во месец април годинава. Целта на измените, посочија од Министерството за финансии, е овозможување Управата за јавни приходи да подготвува пополнети даночни пријави и Царинската управа да извршува решенија за присилна наплата.

„Според Законот за банките, Управата за јавни приходи може да има увид во податоците и информациите со кои располагаат банките само врз основа на писмено барање кое се поднесува за секое поединечно физичко лице. Управата за јавни приходи од 2019 година ќе започне да изготвува даночна пријава за секој даночен обврзник. Заради поедноставување на постапката, Управата за јавни приходи има потреба да добива податоци за остварените приходи на даночните обврзници по сите основи, без поднесување на поединечно барање, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Дополнително, Царинската управа има потреба од податоци за трансакциската сметка на граѓаните заради спроведување на законската обврска за присилна наплата на царинските давачки“, образложија од Министерството за финансии.

Вчера од Дирекцијата за заштита на личните податоци истакнаа дека имаат негативно мислење за предложените измени на Законот за банките, со кои УЈП ќе има увид и ќе добива податоци од банките за приходите на даночните обврзници без поднесување на поединечно барање. Од Дирекцијата нагласуваат дека измените не се во согласност со начелата за заштита на личните податоци и Законот за заштита на личните податоци.

Законските измени за банките и увидот на УЈП во сметките спорни од аспект на заштитата на личните податоци

Измени на Законот за банките: УЈП да добива податоци за приходите на даночните обврзници без поднесување на поединечно барање

М.В