/ Прочитано:

1.795

Центар за истражување „Аналитика“: Должничко ропство на Балканот –  ослободување на регионот од неодговорните финансиски системи

„Финансискиот сектор мора да им служи на потребите на луѓето и на планетата, но Г-20 сè уште промовира финансиски системи и монетарни политики кои создаваат финансиска нестабилност, социјален и еколошки хаос, нееднаквост, прекумерно задолжување и климатски промени. Убедени сме дека и други политики се можни“, велат од Центарот за истражување „Аналитика“.

Повеќе од 50 иницијативи и организации од Германија и од странство ќе присуствуваат на „Глобалниот самит на солидарност“, кој ќе се одржи на 5 и 6 јули во Хамбург, Германија. Центарот за истражување „Аналитика“ соопшти дека како одговор на Самитот на Г-20 кој треба да се одржи на 7 и 8 јули, „Глобалниот самит на солидарност“ ќе ги собере и ќе ги засили критиките, ќе разговара за алтернативи и пред сè, ќе гради сојузи и ќе развива стратегии за спроведување на политиките на глобалниот економско-финансиски долг.

„Финансискиот сектор мора да им служи на потребите на луѓето и на планетата, но Г-20 сè уште промовира финансиски системи и монетарни политики кои создаваат финансиска нестабилност, социјален и еколошки хаос, нееднаквост, прекумерно задолжување и климатски промени. Убедени сме дека и други политики се можни“, велат од Центарот за истражување „Аналитика“.

Соња Ристеска, истражувачки и менаџмент координатор во „Аналитика“, истакнува дека во Хамбург ќе присуствуваат и повеќе организации, кои поврзани преку проектот „Граѓанските организации како еднакви партнери во мониторирањето на јавните финансии ја организираат работилницата „Должничко ропство на Балканот: ново истражување од европската полупериферија“.

Балканската мониторинг група на јавните финансии преку „Ена банда“ од Словенија, „Аналитика“ од Македонија, ЦЕКОР од Србија и „Крилата на надежта“ од Босна и Херцеговина ќе ги претстават најновите и иновативни истражувања за меѓусебно поврзаните кризи на јавниот долг, даночната неправда и грабливата приватизација во областите на енергетиката, социјалните и јавните услуги. Истражувањето промовира алтернативни решенија и ги доведува во прашање стенд-бај аранжманите кои го затвораат регионот во еден неуспешен модел на отвореност кон странско финансирање. Г-20 уште еднаш се вратија во регионот за да ја финансираат отплатата на приватниот долг кон странските банки преку штедење и продажба и експлоатација на јавните добра.

По повод настанот, Ристеска изјави: „Крајно време е да ги вклучиме граѓаните во следењето на јавните финансии, особено откако ги задолживме нашите идни генерации, без да се грижиме дали ќе имаат средства за плаќање на нашите прекумерни трошоци или не. Финансирањето на загадувачки термоцентрали, неефикасни патишта, скапи споменици, додека нашите училишта и болници се распаѓаат, треба да биде практика на минатото. Мора да се фокусираме на инвестирање на парите на нашите даночни обврзници во одржлива и зелена иднина бидејќи, како што вели познатиот цитат: не можете да дишете пари“.

Граѓанските организации како еднакви партнери во мониторирањето на јавните финансии е проект чиишто активности заеднички се спроведуваат помеѓу „Аналитика“ (Македонија), „Фрактал“ (Србија), „За земјата“ (Бугарија), ЦИЕ (Босна и Херцеговина), МАНС (Црна Гора), ЦЕКОР (Србија), БИРН (Косово), „Ена банда“ (Словенија), „Фокус“ (Словенија) и координаторот „Крилја на надежта“ (Босна и Херцеговина) и е финансиран од Програмата за механизми на граѓанското општество и медиуми 2014-2015 (поддршка на регионалните тематски мрежи на организации на граѓанското општество; EuropeAid /150147/DH /ACT/PRAREG).

А. Б.