/ Прочитано:

2.732

Централниот регистар од следната година ќе ги регистрира вистинските сопственици на фирмите

Регистрирањето на вистинските сопственици е предвидено во Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, кој е усогласен со ЕУ-директивите.

Од 1 октомври следната година, вели директорката на Централниот регистар,  Марија Бошковска-Јанкоски, при иницијалната регистрација секое физичко лице ќе треба да дава изјава во која ќе наведе дека нема удели во фирми или дека нема други субјекти на негово име и додаде дека покрај новите ќе треба да поднесат таква изјава и постојните сопственици на фирми.

„Целта е спречување перење пари и да не може да се префрлаат средства од едни на други правни лица. Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам е донесен во Собранието, а ние како Централен регистар имаме законска обврска до 1 октомври идната година да го имплементираме регистарот на вистински сопственици. Сè уште се работи на правилникот и на сите останати мерки што треба да се имплементираат, а работиме заедно со Управата за финансиско разузнавање и финансирање тероризам“, вели  Бошковска-Јанкоски.

На денешното одбележување на шеснаесетгодишнината од постоењето на Централниот регистар беше најавено и дека од наредната година ќе профункционира и регионалниот портал на кој ќе може да се добиваат информациите. Порталот е финансиран од Европската банка за обнова и развој. Покрај Србија и Македонија, на регионалниот портал ќе се приклучат и Словенија, Хрватска, БиХ, Албанија, Косово, Бугарија, Романија, а во постапка на потпишување меморандум за соработка е и Грција.

М.В