/ Прочитано:

2.357

Четири лица неделно пријавуваат мобинг, долго очекуваниот закон безмилосен за тортурата на работното место

Недоверба во правосудниот систем, долго траење на судските постапки, нарушена здравствена состојба од психичка криза, преку губење волја за живот до самоубиствени мисли, ова се дел од причините зошто мобингуваните лица не ја бараат правдата во судница, објаснуваат од Кaнцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг. Сепак, според нив тоа не е потврда дека мобингот не постои. Напротив, од лекари, продавачки па се до пензионери, фрапантни се бројките на мобингувани лица. За жал поради причини од финансиска природа и страв од водење битка со „моќен“ непријател, а најмногу поради стравувањето од неможност за наоѓање друга работа, мобингот во земјава царува. Мобингот не бира жртва, не зема предвид степен на образование, материјална состојба, ниту пол. Во просек, 4 лица неделно пријавуваат дека доживуваат тортура на работното место. 

„Ти постојано пишуваш и се жалиш дека си психолошки малтретирана, 20 години работиш во образованието и не си стекнала никаков авторитет, а тврдиш дека јас ти го рушам авторитетот, во следните 6 месеци ќе бидеш парично казнета со 15% пониска плата поради несовесно работење”, поради овие зборови, упатени до професорка, а кажани на наставнички совет, штипски директор на училиште заработи 3 месеци затвор поради сторување на кривичното дело, малтретирање во вршење на службата. И покрај тоа што се уште нема стапено на сила закон што го уредува мобингот, граѓаните своите права можат да ги бараат преку спроведување на други закони, меѓу кои е и Кривичниот законик.

Светла точка во сегашната состојба со мобингот е веќе најавениот Закон за заштита од мобинг кој за три месеци треба да биде во завршена собраниска процедура. Добро спакувано во законски рамки, новиот закон носи прецизно утврдени глоби за лицата кои вршат мобинг. Освен глобите кои изнесуваат и по 10 илјади евра, законот го има прецизирано текот на судската постапка, од правата на работниците и работодавачите па се до шанса за оние што се тужени дека вршат мобинг, на суд да докажуваат дека се невини.

Копии на писма, мејлови, факсови, смс пораки – докази дека сте мобингувани!

М-р Маја Ристова, советник за мобинг од Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг, работи на случаите што се пријавени во Синдикатот на работници на Република Македонија. Ристова за Академик објаснува дека преку поплаките на работниците што пристигнуваат во нивната канцеларија може да се заклучи дека тие не знаат како да се заштитат и што во судска постапка може да им служи како доказ дека се мобингувани.

И покрај тоа што докажувањето е тешко, сепак истото е можно. Така од копии на писма, мејлови, факсови, смс пораки може да се види малтретирањето и понижувачкото однесување на моберот. Од лицата бараме и постоењето на евентуални белешки за настанот што треба да се проучи, како и сведочење на други лица односно сведоци“, вели Ристова.

Исто така многу важно за докажување во судска постапка е дневникот на работникот. Станува збор за белешки кој работникот секојдневно ги запишува во својот дневник, заканите, навредите, омаложуваањето итн. Сето тоа ќе може да се искористи на суд, а со законот, моберот ќе треба да докажува дека на тој датум тој тоа не го рекол, ниту сторил. Од Канцеларијата за помош и заштита од мобинг се уверени дека граѓаните не се запознаени како да дејствуваат во вакви ситуации, со цел да обезбедат докази за на суд.

„И покрај тоа што се уште немаме посебен Закон за мобинг во Македонија, и покрај тоа што многумина веруваат дека мобингот тешко или воопшто не може да се докаже, јас сум оптимист по ова прашање односно каде постои мобинг, истиот може да се докаже. Само со цврста верба и упорност, жртвата може да го добие случајот во нејзина полза. Затоа, не молчете пред оваа појава, спротиставете се, побарајте помош, пријавете“, охрабрува Ристова.

Секој стрес на работа, не значи дека е мобинг

Не секогаш работниците се жртви, а работодавачите џелади, вели Ристова. Во нивната канцеларија се пријавени и случаи каде воопшто не станува збор за мобинг. Дополнителните задачи, поголемиот обем на работа, промена во раководството или дополнителниот стрес не значи дека вработените се мобингувани.

М-р Маја Ристова, советник за мобинг при ССМ

„Понекогаш лицето секојдневните многубројни обврски ги согледува како мобинг. Тоа значи дека се јавува ситуација на различно субјективно доживување на мобингот, односно тоа што за некој е мобинг, за друг не е. Овде е особено важно и да се препознаат лицата со психички сензации-хиперсензибилни лица кои независно од работната средина и атмосефера се наклонети кон депресија, лесно се навредуваат и сл. За да постои мобинг потребно е лицето да било психички вознемирувано односно да се работи за вознемирување во смисла на повреда на достоинството преку понижување, навредување и омаловажување, да постои нарушување на психофизичкото здравје, кое не постоело претходно, а ако постоело, истото се зголемило (ова е дискутабилно, потребно е медицинско вештачење). Исто така потребна е континуираност во постапките со кои се врши мобингот, односно повторување (пр.еднаш до неколку пати седмично) во одреден период и сето тоа најмалку да трае 6 месеци“, вели Ристова.

Жртвите трпат, но не го напуштаат работното место

Кога постои психичко вознемирување и малтретирање од страна на шефот или пак работодавачот, жртвата има неколку можности. Да крене раце и да го напушти работното место, ако има подлабок џеб да поведе судска постапка, јавно да се спротивстави знаејќи го ризикот од отказ или да трпи. Малкумина се оние поведуваат постапки, а уште помалку има такви кои прифаќаат ризикот од отказ и им се спротивставуваат на газдите, објаснува Ристова. Според нејзиното искуство, повеќето ќе побараат помош, но свесни се дека нема да најдат нова работа, а немаат ниту пари да се тужат, па ќе ја „свиткаат опашката“ се додека не им се отвори врата за нова работа.

„Жртвите често знаат и да се повлечат кога е во прашање судската постапка. Најчести причини се недовербата во правосудниот систем, долготрајноста на постапките, нарушена здравствена состојба, немање финансии, страв од водење битка со „моќен“ непријател, страв од неможност за наоѓање друга работа. Ретки се случаите кај нас кога работникот ќе крене раце и ќе го напушти своето работно место“, вели Ристова.

Уредник од Србија осуден за мобинг, заврши во затвор 

Слично како и во Македонија и кај нашиот северен сосед до пред две години немаше закон за спречување и заштита од мобинг. Сепак, мобингуваните лица барале решение во другите закони за да ја истераат правдата. Уредникот од Јагодина, Зоран Миловановиќ е осуден на 4 месеци затвор и 2 години условно поради злоставување и мачење на новинарката Ивана Делиќ Јовановиќ од магазинот „Нови пут“. Општинскиот суд во Јагодина одлучил дека уредникот ја навредувал пред колеги и ги кинел текстовите на новинарката без никаква посебна причина. Додека тој се правдал дека сето тоа го правел со цел да направи од нејзе добар новинар, таа собрала храброст да го пријави неговото нечовечно однесување.

 Највисоката оштета за мобинг во Европа  800.000 фунти

Највисоката оштета за мобинг исплатена во Европа изнесува неверојатни 800.000 фунти. Хелен Грин од Велика Британија ја тужела „Дојче банка“ бидејќи на работното место 4 години преживувала мобинг од нејзиниот претпоставен Ричард Елистон и уште од 4 нејзини колешки. Високиот суд во Лондон пресудил дека таа претрпела малтретирање на работното место, па затоа фирмата во која работела треба да ја обесштети за 800.000 фунти. Судот одлучил дека банката не преземала ништо за да се спречи психичкото вознемирување на вработениот, па затоа целиот товар паѓа на компанијата заедно со сите судски трошоци. Веднаш по пресудата, од банката се изјасниле дека ќе ја почитуваат судската одлука и ќе и ја исплатат оштетата на Грин. Таа останала и понатаму на своето работно место во Секретаријатот за поделба на работата, во седиштето на „Дојче банка“ во Лондон. 


Автор: Паула Божиновски Објавено: 26.11.2012