/ Прочитано:

2.778

Четврта обука од првиот циклус практични обуки „Пишување на правни поднесоци“ посветена на управните акти

Денеска во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик се одржа четвртата обука од првиот циклус практични обуки за студенти и млади правници „Пишување на правни поднесоци“.

Формата, содржината и начинот на подготовка на управен акт, беше темата на денешната обука на која беше реализирана и практична вежба за пишување управен акт. Предавач на денешната обука беше Југослав Ѓеорѓиевски, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација.

Управен акт, посочи Ѓеорѓиевски, е акт со кој органите предвидени во Законот за управните спорови решаваат за извесно право или обврска на физичко или правно лице, односно, како што се пропишува во Законот за управните спорови, друго лице кое може да биде странка во определена управна работа.  Актите на овие органи донесени во прекршочната постапка, исто така, се сметаат за управни акти.

При реализацијата на практичната вежба за пишување управен акт, државниот советник во Министерството за информатичко општество и администрација им посочи на студентите дека запознавањето со структурата на управните акти и   подготовката на конкретен управен акт имаат клучно значење за нивната правничка едукација и нивната практична надградба во делот на административното право.

Ваквата едукација заокружена со практична подготовка на управните акти, подвлече Ѓеорѓиевски, е особено важна бидејќи квалитетната подготовка на управните акти е дел од она што претставува современа и експедитивна администрација која мора да биде сервисно ориентирана кон граѓаните.

Оценувајќи ја практичната вежба на студентите како одлично реализирана, Ѓеорѓиевски истакна дека студентите солидно ја совладале материјата за управните акти, што, како што нагласи, најдобро може да се согледа од практичната вежба и од интерактивната дискусија во врска со најсуштинските прашања во поглед на формата, содржината и начинот на подготовка на управен акт.

„Денешната тематика на обуката е актуелна и значајна и таа мора добро да се познава. Доброто познавање на подготовката на управните акти има клучна улога за нашето образование. Управното право секогаш мора да се проучува од практичен аспект. Работата на институциите и на управните органи е во директна врска со правата и интересите на граѓаните. Државниот советник во Министерството за информатичко општество и администрација имаше одлично предавање и практична презентација. Исто така, и практичната вежба беше одлично спроведена. Претходно добивме насоки од предавачот како да се подготват управните акти, кој не советуваше дека секогаш актите, а особено решенијата на институциите, мора да бидат добро структурирани и добро образложени. За нас како студенти е од големо значење тоа што обуката помина низ интерактивна атмосфера и што на секое прашање го добивме одговорот“, велат студените по право и младите правници.