/ Прочитано:

6.884

Човекот се раѓа слободен, а секаде е во окови – Жан-Жак Русо, филозофот за кого индивидуата и општата волја беа светост

На денешен ден е роден Жан-Жак Русо, филозоф и писател кој зазема особено место меѓу француските просветители. Во филозофијата застапува дуализам, но неговото иманентно значење за филозофијата, а особено за филозофијата на правото и политичката филозофија најдобро се изразува преку неговите сфаќања и записи за културата и општествено-политичките односи. Русо е филозоф со драматична животна судбина и блескаво творештво, мислител кој низ правно-политичките идејни постулати го обмисли „Општествениот договор“ – теоретска расправа која и денес одекнува со ист филозофски интензитет како вредностите на историско-социолошките и политички осцилации и потреси на Француската буржоаска револуција.

Моето раѓање е мојата прва несреќа

Жан Жак Русо е роден во Швајцарија на 28 јуни 1712 година, во семејството на Сузана и Исак Русо, семејство кое било познато по часовничарскиот занает кој со традиција бил пренесуван низ три поколенија. Драматичните животни патишта на Русо започнуваат уште од најраното детство, со смртта на неговата мајка, за кое во делото „Исповеди“, Русо ќе запише:

„Јас сум жалосен плод на ова враќање. По десет месеци сум се родил како слабо и болно дете. Мајка ми го платила тоа со својот живот и моето раѓање е мојата прва несреќа“.

По смртта на неговата мајка, за Русо се грижеле неговиот татко и тетка. Татко му имал авантуристички дух и избувлива природа, и по еден вооружен инцидент со полскиот капетан Готие, бил приморан наскоро да го напушти младиот син и семејството, а грижата за Русо ја презел неговиот чичко.

На тринесетгодишна возраст неговиот чичко го вработил како писар кај некој архивар, но на Русо тоа не му се допаѓало па започнал да учи уметничка резба. Сепак, престрогриот карактер на неговиот учител – уметнички резбар, а и самата ентузијастичка природа на Русо биле одлучувачки тој да го напушти и овој занает иако бил доста талентиран за оваа уметност.

Во 1729 година се запознава со госпоѓата Варен, која ќе стане негова заштитничка во поголемиот дел од неговиот живот. Во еден период станува учител по музика во Париз и препишувач на ноти од што заработувал за живот. Потоа се враќа кај госпоѓа Варен во Шамбери, поминувајќи со неа неколку години. Наскоро ќе стане секретар на амбасадата во Венеција и со голема љубов започнува да ја истражува италијанската музика како креативен предизвик кој го следел низ сите години.

Страв и огледало на привидението

При крајот од својот животот, кај Русо се манифестира манија на гонење, но, како што истражуваат неговите биографи, таа не прогресирала до тој степен да му се одрази на чувството за себе и другите, својата личност и творештво. Имено, Русо постојано конспиративно стравувал дека против него насекаде се коваат заговори, најмногу од другите негови противници од интелектуалните опкружувања. Тој своите стравови  ги изразува и во едно од последните напишани дела – „Мечтаењата на осамениот шетач“.

Германскиот биограф Август Бекер пишува за карактертот и стравовите на Русо, навлегувајќи во психолошкиот и творечки профил на големиот мислител, за кого вели дека постојано предлабоко го барал своето јас кое го однело и во анксиозни состојби и стравови.

„Неговиот живот се разводнува сиот како сон, стварноста ја гледа само во огледалото на привидението, и тој е поет со прекумерно напната чувствителност и страсна смисла за правичност“, пишува Бекер, заклучувајќи дека тој на поезијата и ја вратил осаменоста, но го оживеал јазикот.

Животниот пат на познатиот филзоф и голем поет на правичноста завршува на 2 јули 1778 година и најпрвин е погребан во местото Ермановил, а потоа неговите посмртни останки ќе бидат пренесени во Пантеон.

Правно-политичките записи се срцето на филозофијата на Жан-Жак Русо

Француската научна и поширока јавност го запознава Жан Жак Русо преку популарната статија „Дали прогресот на науките и уметностите придонесе за расипување или за прочистување на моралот?“ и текстот „За потеклото на нееднаквоста меѓу луѓето“ со кои конкурирал на Дижонската Академија.

„Мојата прва реакција, кога го видов конкурсот, беше молскавична. В миг го согледав целиот универзум и веднаш станав друг човек“, пишува Русо во совоите „Исповеди“. Од големата инспирација што в миг ја добил, тој статијата за уметноста и моралот ја напишал за дваесетина дена и за неа ја освоил првата награда.

Покрај овие иницијални текстови, Русо своите философски ставови ги искажал особено во трудовите „Општествениот договор“ и „Емил“ како трактат за воспитанието на човекот кој би требало да се вклучи во граѓанското општество.

Треба да се напомене дека тематиките во кои расправа во наведените дела, примарно се определени и од неговата идејна филозофска поставка за природната состојба на човекот. Во, неа, како што вели Русо, сите луѓе се еднакви и не постои институција власт, а секое нарушување на природната состојба е негативно и неприфатливо и затоа треба да се прифати изворната тенденција на тој човеков статус. Токму затоа човекот – треба да се врати кон природата! Тој сметал дека оддалечувањето на човекот од првобитната чистота и сплотеност со околината е негативно, што го приопштил и во делото „За потеклото на нееднаквоста“, за кое Волтер во писмото до него иронично му одговорил: „Кога човек ја чита вашата книга, добива желба да оди на четири нозе“.

Во своите окови робовите губат се, па дури и желбата да се ослободат од нив

Полемиките на Русо со своите современици биле чести, но тој и во своите дела често се согласувал или негирал одредени ставови на своите претходници.

Па така, според Русо, Аристотел имал право, но згрешил само во тооа што последицата ја сметал за причина. Секој човек роден во ропство се раѓа во ропство, пишува тој, затоа што „во своите окови робовите губат се, па дури и желбата да се ослободат од нив“.

За Русо е карактеристично што дава предлози за редефинирање на сфаќањето за државните институции, но и објаснувањето на законодавството низ за него типичен правно-филозофски аспект. Елементите како сила, правичност, правда често се дел од неговите расправи, а нивните покомплицирани идејни постулати ги носат и контурите на неговата филозофија на правото, но и на политичката филозофија.

„И најсилниот не е никогаш доволно силен за да остане господар засекогаш ако својата сила не ја претвори во право, а својата покорност во должност“, вели Русо, според кого силата е физичка моќ, инкомпатибилна со моралноста.

Откажувањето од слободата значи откажување од човековите права

Според него, откажувањето од слободата значи откажување од човековите права. Слободата на поединецот ја смета за основно право, но и за цел на општествениот договор. Врз основа на начелата на народната сувереност, државјаните имаат власт. Ако во државниот устав не наоѓаат доволно гаранција за својата слобода и еднаквост, тогаш треба да настојуваат да ги променат постојните прилики и да ги заменат со подобри“.

„Како да се најде таков облик на општество кој со сета заедничка сила ги штити личноста и имотот на секој општествен член и според кој секој, иако е здружен со сите, сепак се покорува само на самиот себе и останува исто толку слободен како и порано – Тоа е основното прашање кое го решава општествениот договор“, смета Русо.

Според него, првиот вистински основач на граѓанското општество е “човекот што зграпчил парче земја, велејќи ова е мое, наoѓајќи доволно наивни луѓе да му поверуваат”.

Тој посочува три вида слобода: природна, граѓанска, морална. Оттука, ја потенцира диференцијацијата меѓу општата воја и волјата на сите.

Кога би постоел народ од богови, тој би имал демократска влада

За него постои и поделба на закони, кои ги уредуваат односите помеѓу луѓето, а „за да се уреди се, или на заедницата да и се даде најдобриот можен облик, треба да се имаат во предвид разни односи. Најнапред треба да се пази као целото тело дејствува врз самото себе, то ест, на односот на целината кон целината, или на главата на државата кон државата, а во овој однос се состои врската помеѓу посредничките членови“.

Оној што го создава законот знае подобро од секого како треба законот да се извршува и толкува, но ништо не е поопано од влијанието на приватните интереси во јавните работи.

„Кога би постоел народ од богови, тој би имал демократска влада. Една толку совршена влада не е за луѓе“, вели Русо, а на државните уредби не треба да им се дава таква постојаност, па да не може времено да се прекине нивната дејност. И самата Спарта понекогаш им ја ограничувала моќта на своите закони.

Вештината и уметноста на законот и Општата волја

Вештината и уметноста на законот се тие кои овозможуваат потчинетоста да биде и слобода во  даден контекст, пишува Русо, посебно место давајќи и на Општата волја како дистинктивна во однос на Волјата на сите.

„Која е таа несфатлива уметност со која успеа, со потчинувањето на човекот тој да се направи слободен. Со вештината и уметноста на законот“, пишува Русо, потенцирајќи и дека има разлика помеѓу општата волја и волјата на сите. Правото и законите, имено, се одраз на таа општа волја.  Волјата на сите е сума на поединечни волји, а општата волја е волја која е диктирана од општиот интерес.

„Кога државата ќе дојде до работ на својата пропаст и постои само во привиден и ништожен облик, кога општествената врска ќе се скине во сите срца, кога најгнасниот интерес бесрамно ќе се прикажува под светото има на јавното добро, тогаш, општата волја занемува, а сите граѓани, раководени од потајни мотиви не мислат повеќе како граѓани, како државата никогаш и да не постоела, а под името на законите лажно се изнесуваат неправични наредби чија цел е само интересот на поедниците“, предупредува и резимира големиот француски филозоф.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

28 јуни 2014