/ Прочитано:

4.495

Човекот со исклучителна харизма, кому илјадници пациенти му го доверуваат своето срце: Интервју со академик д-р Жан Митрев, овогодишен предавач на Конференцијата на Академик

Академик д-р Жан Митрев, овогодишен предавач на Конференцијата „Управување со правни ризици: правни трендови“, во организација на Академик, е основач, сопственик и менаџер на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“. Во интервјуто за Академик, д-р Митрев вели дека клучот за успехот е во почитувањето и применувањето на правната регулатива. „Доколку не постои регулатива, треба да се создаде“, нагласува д-р Митрев.

Жан Митрев

„Сништата ги сонуваме, независно од нашите желби, од нашата волја. Вистинскиот сон се случува во нашата потсвест. Од нас зависи дали ќе го спознаеме и дали ќе го прифатиме за да го реализираме. Јас прифатив да го остварам мојот сон.

Знаев само едно, кога се прави нешто искрено, со љубов и од срце, тогаш и Бог помага.  Беше тешко и невозможно да се почне од ништо, но сонот стана реалност.

Врвна клиника, прекрасна екипа и илјадници извршени операции.

Макотрпен труд и работа, испреплетени со моменти на возвишеност и горчина.  Јас сум горд што мојата клиника го носи името Филип Втори и што сето тоа ми се случува во Македонија”, напиша академик д-р Жан Митрев откако почна со работа првата приватна болница во Македонија „Филип Втори“.

Академик д-р Жан Митрев, овогодишен предавач на Конференцијата „Управување со правни ризици: правни трендови“, во организација на Академик, е основач, сопственик и менаџер на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“. Човекот со исклучителна харизма, како што го опишуваат неговите соработници, кому илјадници пациенти му го доверуваат своето срце, пред учесниците на Конференцијата ќе зборува за управувањето со правните ризици во најчувствителната област – кардиохирургијата.

Во интервјуто за Академик, д-р Митрев вели дека клучот за успехот е во почитувањето и применувањето на  правната регулатива. „Доколку не постои регулатива, треба да се создаде“, нагласува д-р Митрев.

Поради неговите стручни квалитети и постојаната присутност во јавноста во изминативе 16 години, на најпознатиот македонски лекар му се придава епитетот реформатор во здравството. Во сите фази на создавањето на Специјалната болница „Филип Втори“, д-р Митрев и неговиот тим имаа силно влијание врз општеството.

Вие сте основач, сопственик и менаџер на Специјалната болница за хируршки болести „Филип Втори“. Во тој контекст, дали имавте утврдена стратегија за управување со правните ризици уште во зачетоците на работењето на оваа институција?

Бев одлучен да го остварам својот сон, иако на почетокот имав сериозни препреки кои, за среќа, сега се успешно надминати. Кога прв пат се обидов да регистрирам приватна болница, во 1999 година, правната регулатива која се однесуваше на здравството беше наследена од поранешна Југославија, и кај нас, во Македонија, дотогаш немаше никакви промени. Бидејќи во поранешна Југославија немаше приватна болница, никој немаше регистрирано приватна болница, а ниту пак некој размислувал да вметне такво нешто во законот, мојот прв и најголем судир беше и со системот и со правната регулатива. Во законските прописи беа наведени само начините како се регистрира болница и кои услови треба да се исполнат за да се регистрира болница. Целиот тој процес траеше речиси две години. Покрај идеолошкиот судир што го предизвикав јас во тоа време, особено кога ги исполнив сите услови за да ја регистрирам првата приватна болница во Македонија, конечно се постави прашањето дали има закон за регистрација на приватна болница. Тоа беше еден голем исчекор и многумина во тоа време не беа свесни каков исчекор прави Македонија заедно со сите мои маки низ кои поминав. Но, сега, од оваа дистанца, можеме да кажеме дека мојот исчекор бил правилен. Правните регулативи кои беа недоречени или недооформени, јас успеав на некој начин да ги изнудам сè со цел да ја создадам „Филип Втори“, институција што сега претставува еквивалент за успех.

Постоеше ли тим од адвокати и други стручни лица кои во тоа време ви укажаа на тоа кои се правните ризици при основањето на една приватната болница?

Правните ризици, како и сите други, особено во околности каде што нема  доизграден правен систем, каде што влегувате први во еден простор кој е многу нестабилен, во кој нема дефинирани правци, ризиците се како да влезете во џунгла и едноставно не знаете од која страна што ве чека. Јас сум човек кој сака да работи онака како што пропишуваат законските решенија и законските регулативи. Од првиот момент, од моментот кога почна да работи болницата „Филип Втори“, тоа ни  е прва и најважна одредница. Можам да кажам дека и сега се среќавам со некои недоречености или толкувања на некои регулативи кои за едни важат на еден начин – а за други на друг. Затоа велам дека правните ризиците се големи и континуирани.

Жан Митрев интервју

Колку управувањето со правните ризици повлекува адаптирање на активностите во болницата?

Правната регулатива внатре во самата институција, секако мислам на болницата, на некој начин ни е потребна како столб кој ни дава сигурност и кој е основа за функционирањето, конкретно за мене, но и за целиот мој тим. За жал, кога правната регулатива е нестабилна, тогаш сите ние мораме да правиме дополнителни напори, да вложуваме дополнителна енергија, и во системот и во начинот на работа во институцијата, со цел да бидеме побезбедни. Затоа, сите потенцијали кои се ставени во функција на пациентот секогаш се следени со сите придружни активности кои обезбедуваат целосно документирање на сите постапки. Сета документација е комплетирана со записи, а постапките се транспарентни. На тој начин, во каква било ситуација ние имаме документ, односно јасна ситуација за целиот процес за секој пациент, што укажува на тоа што е направено и по кои стандарди е постапувано. Во оваа насока, сакам да истакнам дека за сите недоречености во правната регулатива, ние, како институција, бевме однапред подготвени. Сите наши постапки, целокупната дејност што ја извршуваме во болницата се разработени до тој степен, како што вели народот „за не дај Боже“.

Јас велам дека тоа е еден комплексен процес и претставува не само мое секојдневие, туку и секојдневие на мојот тим, кое многу често е поврзано со животозагрозувачки моменти бидејќи таква ни е работата и патологијата на пациентите со кои работиме. Затоа правната регулатива го следи секој наш чекор, секоја постапка. За да немаме несакани последици, нашите активности на овој начин се адаптирани со цел да ги избегнеме ризиците.

Имате ли некаква посебна методологија за да ги идентификувате правните ризици во најчувствителната област, односно кардиохирургијата?

Секој наш пациент е пациент чиј живот е загрозен, секоја интервенција и операција значи директно вмешување во судбината на пациентот со цел да му се помогне. Затоа уште од првиот момент почнаа да се воспоставуваат оние процедури на стандардизација. Многу одамна ние ги стандардизиравме сите постапки во една интерна документација која се дополнува секоја година. Многу прецизно е запишан секој третман, наведени се сите материјали кои биле употребени во еден оперативен зафат, како и во постоперативниот третман на пациентите. Ние, како институција, воведовме таква нега на пациентот што е надвор од сите други сфаќања за тоа бидејќи во оваа област, каде што има тешко болни пациенти, тоа директно влијае на резултатите. Интензивната нега е пресудна за преживување на пациентот. Од овие причини, целиот персонал мора да помине низ една комплексна и континуирана едукација и целата обука е регулирана и документирана. Сметам дека најдобрата методологија за идентификување на правните ризици е водењето на сеопфатна документација со најситни детали за сè што правиме во нашата институција. Сето тоа е правно регулирано кај нас.

Како вршите процена на правните ризици со цел да ги елиминирате или да ги сведете на минимално ниво?

Тешко може да се направи прецизна процена на правните ризици, но внатре во самата организација имаме разработено правна регулатива со чија помош се справуваме со нешто што не е дорегулирано од страна на државата. На тој начин ние сме еден или два чекора понапред, и за каков било правен проблем имаме некакво решение кое го практикуваме. Во многу случаи, подоцна гледаме дека нешто што е дооформено од страна на државата во однос на некои законски решенија е во согласност со она што ние веќе интерно сме го регулирале. Мене ми е драго што сепак доаѓа до некакви поместувања во тој дел. Сепак, ќе кажам дека прецизна процена не може да се направи бидејќи станува збор за едно големо, комплексно поле со сè уште недефинирани правила на игра.

Жан Митрев интервју 1

„Филип Втори“ е синоним за ентузијазам кој се уште трае

Учесниците на Конференцијата за управување со правните ризици, во организација на Академик, ќе имаат можност да слушнат за правните ризици во најчувствителната област – кардиохирургијата, но и за сите фази низ кои помина Специјалната болница за хируршки болести „Филип Втори“, од основањето до денес. Ние сме вистински пример за нешто што почна со голем ентузијазам кој сè уште трае. Влијаевме општеството да се менува во вистинска насока. Јас сум исклучително горд бидејќи во речиси никакви услови успеав да ја регистрирам првата приватна болница и сега Македонија е водечка во регионот во приватната медицина. Ниту една друга држава ни приближно го нема тој капацитет. Докажавме дека сме исклучителни на ова поле. Сега, пациенти од странство, дури и од високоразвиените земји, доаѓаат тука, нешто што до пред некоја година не можеше ниту да се замисли. Големи се тие исчекори, тие придобивки за општеството. Резултатите се толку очигледни што никој не може да ги оспорува. Мора да постои симбиоза за градење на правен систем кој треба да е основа на една организација. Сметам дека тоа е формулата што треба да се следи. Таа синергија ќе се забрза, ќе се подобри и ќе биде од заеднички интерес за сите.

Конференцијата на Академик, на која како предавач ќе настапи академик д-р. Жан Митрев, ги обединува лидерите во правниот свет кои се занимаваат со управувањето со правни ризици, а оваа година акцентот ќе биде ставен на правните трендови, односно на запознавање на нашите учесници со најновите и најдобрите правни практики во сферата на правниот дизајн, со алтернативните правни практики во адвокатските компании, со новините во користењето на правните услуги, со усогласеноста со законите и етичките норми со придобивките што ги има компанијата од работата на својот главен правен застапник, со управувањето со таленти и со регионалните правни достигнувања.

Академик ви стои на располагање на 02/3232-821, формуларот за регистрирање можете да го најдете тука, а повеќе информации можете да најдете на akademikconference.com.mk

А. Б.