/ Прочитано:

4.886

„ЦРНИ ТОГИ“ – победничкиот говор на Нинослав Нанков на XXII Ораторска вечер „Иво Пухан“

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се одржа манифестацијата Ораторска вечер „Иво Пухан“. Победник на XXII Ораторска вечер е Нинослав Нанков, апсолвент на  правни студии, чиј говор „Црни тоги“ го објавуваме во целост.

„Нема слобода, ако судската власт е зависна од законодавната и од извршната власт.

Драги чичковци и тетки во црни тоги, ги заборавивте ли овие зборови на Монтескје?

Половина од македонскиот народ ја оценува работата на правосудството како лоша, а само 1/6 ја оценуваат како добра.

Повеќе од половина од граѓаните сметаат дека правосудниот систем на Република Македонија не е подготвен за влез во Европската Унија.

Ова се анализи на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Дами и господа, народот не ви верува!

Бившите ве донесоа со тефтерче.

Сегашните ве запишаа во нивното тефтерче и одлично ги користат вашите услуги.

Акмисот заглавен и тогаш, а и сега.

Во зависност од политичките влијанија, ги менувате ставовите во текот на судската постапка.

Небаре сончогледи.

Во жалба со 15 аргументи, судот го избира единствениот слаб аргумент, го образложува само него и врз основа на тоа ја одбива жалбата.

За останатите се вели: Судот ги разгледа ама цени дека се неосновани.

Знаете ли дека во македонската судска пракса постојат две контрадикторни пресуди за ист случај на два Апелациони суда, а Врховниот суд ги има потврдено и двете.

Пресудите ви се полни со апсурди.

Се криете зад долгите реченици, само за да ги задоволите желбите на вашите наредбодавачи.

Сервилноста кон извршната власт ви носи унапредување. Или полн коверт. Или привилегии за вас и за вашето семејство.

Понекогаш „all inclusive“ пакет.

И така со ред 27 години.

Се носат индустриски штанцани пресуди, чиниш сериско производство.

Како што добар доктор може да те врати од клиничка смрт, лош судија може лесно да те закопа во темните затворски ќелии.

Ја извалкавте правната професија.

Им симнувам капа на исклучоците, но на корумпираните и подмитените им порачувам: Прочитајте го уште еднаш кодексот на судска етика.

Ако нема позитивен ефект, тогаш време е за метла.

Време е вашите места да ги отстапите на нови, чесни судии, со интегритет и без црни дамки.

Време е да си поднесете оставки.

Потребни се судии кои ќе работат во согласност со законските одредби и никако поинаку.

Потребни се судии кои имаат морал и не се склони кон политички и бизнис-влијанија.

Потребни се судии кои доследно и доблесно ќе ја извршуваат професијата која е идеал на студентите по право.

Нема почеток на преговорите со Европската Унија без независно судство.

Тоа значи:

  • Престанете со политички судски процеси.
  • Овозможете транспарентно назначување и унапредување на судиите, исклучиво според мерит системот.
  • Конституирајте објективен и самостоен Судски совет.

Направете го тоа веднаш.

Само така ќе ги оствариме европските правни вредности.

И конечно, не заборавајте ја Улпијановата максима за основните правни начела:

Honeste vivere, alterum non laedere, suum cuique tribuere.

Чесно да се живее, да не му се штети на друг и секому да му се даде она што му припаѓа.“

На „Јустинијан Први“ се одржа  XXII Ораторска вечер „Иво Пухан (М.В)