/Прочитано:

691

Да се признае правото за поднесување иницијатива за утврдување начелни ставови и правни мислења и од страна на адвокати

 Во членот 37 ставот 1 алинејата 1 од Законот за судовите треба да се признае правото за поднесување иницијатива за утврдување начелни ставови и правни мислења и од страна на адвокати, јавното обвинителство како и физички лица и здруженија кои имаат правен интерес, се предлага во Коментарите на Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите објавен на 24.1.2018. Коментарите се подготвени од страна на Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Институтот за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“ и Центарот за правни истражувања и анализи. Коментарите, посочуваат здруженијата, се доставени до Министерството за правда.

„Иако, во принцип, треба да се поздрави предложената законска измена во членот 37 ставот 1 алинејата 10 од Законот за судовите, со која се утврдува обврска за Врховниот суд за задолжително објавување на утврдените начелни ставови и правни мислења на неговата веб-страница, ова нема да биде доволно за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите и за уедначена судска пракса.

Проблемот со неуедначената примена на правото од страна на судовите е признат и препознаен од страна на севкупната правна фела во државата. Врховниот суд во последните 10 години значително потфрли во остварување на оваа уставна надлежност, што на еден начин се призна со донесувањето на контроверзниот т.н. Правилник за начинот на одмерување на казните, подоцна преточен во Закон каде што како образложение за потребата се наведе неуедначената казнена политика на ниво на основни и апелациони судови. Ова образложение е своевидно признание за неуспехот на Врховниот суд преку начелните ставови и правни мислења да обезбеди единство во примената на законите“, се вели во Коментарите.

Една од причините, се додава во Коментарите, зошто оваа функција не е во доволна мера остварувана е исклучивоста на судовите кои единствено имаат право да поднесат иницијатива за обезбедување на единство во примената на законите. Исклучивото право да се поднесе иницијатива со која основните или апелационите судови ќе признаат дека во рамките на нивните судови постои неуедначена примена на правото не дава можност за верување дека тоа ќе го сторат во секој случај.

„Поради тоа, потребно е да се овозможи странките во судските постапки, кои директно се засегнати од неуедначената примена на правото и кои поради тоа трпат последици во однос на нивните права и интереси, да имаат право да поднесат образложена иницијатива до Врховниот суд, на која Судот ќе биде должен да даде образложено мислење. Ваквото решение ќе биде во насока на целосно и ефикасно остварување на уставно дефинираната надлежност на Врховниот суд да обезбеди единство во примената на законите, но и како своевидно дополнување на можноста која ја дава членот 372 ставот 4 од Законот за парничната постапка за второстепените судови да поднесуваат ревизија по исклучок до Врховниот суд секогаш кога сметаат дека материјалноправното или процесноправното прашање од кое зависи одлуката во спорот во којшто постапуваат е важно за обезбедување на единствена примена на законите и уедначување на судската пракса. Впрочем, сериозно треба да се разгледа и можноста при евентуални идни легислативни интервенции во Законот за парничната постапка задолжително да се прошири опсегот на субјекти кои би имале овластување да побараат ревизија по исклучок заради обезбедување на уедначена судска пракса, со тоа што освен второстепениот суд, право да го искористат ова правно средство би стекнале и другите засегнати странки во односната судска постапка“, се образложува во Коментарите.

Оттука, се вели понатаму во Коментарите, уште отсега при предлагањето измени во текстот на Законот за судовите мора да се размислува за соодветно законско решение во членот 37 кое би кореспондирало со идните измени во ЗПП. Во секој случај, сите овие предлози се на линија на усогласување на домашното законодавство и праксата на судовите во Република Македонија со барањето на Европската конвенција за човекови права и стандардите воспоставени со јуриспруденцијата на Судот во Стразбур за гарантирање на правната сигурност преку конзистентноста на националната судска пракса, како и за спречување на идни повреди на членот 6 од Конвенцијата поради овој аспект на неправичност на постапката во поединечни случаи.

М.В