/ Прочитано:

975

ДАЛИ Е СРЕЌЕН 8 МАРТ: Потребни се суштински, а не декларативни промени

„Денес маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено! Денес маршираме за да покажеме дека веќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животите на жените.“ Вака започна Прогласот од третиот Марш за правата на жените и борбата за родова еднаквост, кој се одржа под слоганот „Дали е среќен 8 Март?“.

Во присуство на стотици учеснички, Маршот за правата на жените започна од паркот Жена борец, од каде што активистките јавно апелираа за промени кои водат кон вистинско унапредување на статусот на жената во нашето општество. „Континуираната социјална, економска и политичка нееднаквост на жените во Македонија е причината поради која денес сме собрани да го изразиме нашиот револт, загриженост и разочарување. Жените и понатаму се неактивни на пазарот на труд, иако се повеќе образовани од мажите. Насилството врз девојките и жените е жална реалност во нашето општество. Стереотипите, омразата и мизогинијата се присутни не само во приватната сфера, туку и во јавниот дискурс“, изјави Снешка Илиќ од Реактор – Истражување во акција.

Салија Бекир-Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари се осврна на повеќекратната дискриминација врз Ромките поради тоа што се жени, поради нивниот социоекономски статус и поради нивната етничката припадност. Таа упати повик до државата веднаш да преземе конкретни мерки за да се стави крај на малолетничките бракови, на незаконската наплата од страна на матичните гинеколози и да го донесе Законот за заштита од дискриминација.

Вангелина Пармачка од Националната федерација на фармери истакна дека жените се невидливи потпори во руралните средини, но се соочуваат со голем број на предизвици и проблеми. Пармачка го нагласи барањето за отстранување на дискриминаторската мерка во Програмата за рурален развој 2018 – 2021, со која се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри.

„Време е институциите на оваа држава да почнат да работат и за граѓанките!“, со оваа порака заврши Прогласот за женски права, кој го прочита Јована Јовановска-Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа маршот продолжи преку плоштадот Македонија, Камениот мост, а заврши на плоштадот Филип Втори.

Маршот за женски права е организиран од активистките за женски права и Платформата за родова еднаквост. Прогласот за женски права го доставуваме во прилог на ова соопштение.

Хелсиншки комитет: Бараме суштински, а не декларативни промени

„Во 2018 година, 919 лица се евидентирани како жртви на семејно насилство. Од нив 665 се жени, односно 72%. Секоја втора жена во државата е жртва на психичко насилство, секоја четврта е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство.

Вкупен број на фемициди во периодот 2008 – 2016 изнесува 70.

5.379 текстилни работнички пријавија прекршување на работнички права, само во изминатата година.

Во 51% од општините нема пристап до основни гинеколошки сервиси.

Само 15% од министрите се жени, а само 7,4% од градоначалниците.

Хелсиншкиот комитет го користи Меѓународниот ден на жената повторно да потсети на овие поразителни статистики. Заложбите на државата остануваат декларативни, а не суштински. Жртвите на родово базирано и семејно насилство сè уште не ја добиваат соодветната институционална заштита и сервиси. Продолжува трендот на испишувањето на ученички од основните и средни училишта, честопати поради склучување малолетнички бракови. Жените од руралните средини сè уште се соочуваат со родова дискриминација поради нееднаквата распределба на ресурсите, традиционалните стереотипи, како и родово дискриминаторски земјоделски политики. И покрај ратификувањето на Истанбулската конвенција, хармонизацијата на националното законодавство со истата се одвива многу бавно.

Сè уште не е донесен посебен Закон за заштита од родово базирано насилство. Сè уште не се усвоени новите предлог-закони за заштита и спречување од дискриминација и за прекинување на бременоста, Законот за социјална заштита и дополнувањето на Кривичниот законик со воведување фемицид како посебно кривично дело.

Од овие причини, бараме државата итно и без одложување да спроведе промена и хармонизација на законската рамка, да ги воведе сите потребни сервиси, да обезбеди пристап до правда и заштита на сите жени чиишто права се прекршуваат и да примени родово одговорно буџетирање при креирањето на политиките“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЖЕНАТА: Правата на жените се неразделив дел од универзалните човекови права

М.В