/ Прочитано:

1.196

Дебата за азилот и за регулативата за меѓународна и привремена заштита

„Азил – меѓународна и привремена заштита“ е тема на втората сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), која се одржа денеска во Скопје во организација на Националната конвенција за Европска Унија во Република Македонија (НКЕУ-МК).

Целта на оваа работна сесија е да ја вклучи стручната јавност во дебата на која ќе се расправа за важноста на проблематиката поврзана со меѓународната и привремената заштита на лицата што бараат азил.

Мигрантската криза и нејзините последици ја зголемија нејзината актуелност во Европската Унија и во Република Македонија, наметнувајќи ја потребата од нов пристап и нови прописи.

На дебатата беа анализирани недостатоците и придобивките од новиот Закон за меѓународна и привремена заштита. Генерално, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, станува збор за квалитетна правна рамка фундирана врз почитување на постојната домашна регулатива, но и врз нашите облигаторни обврски произлезени од декларираната заложба за наше целосно интегрирање во ЕУ.

„Таа правна рамка во периодот што е пред нас треба да резултира со донесување на низа подзаконски и други акти коишто ќе треба да обезбедат институционална оперативност и функционалност на законот, негово системско имплементирање, дотолку повеќе што тој нужно бара повеќеинституционално дејствување, но и зголемување на степенот на регионална и меѓународна соработка, особено во делот на евиденцијата, размената на податоци и информации и слично“, рече Спасовски.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП), пак, поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за меѓународна и привремена заштита. МЗМП во иницијативата ги оспори членовите 63 и 65 од Законот, за кои смета дека се во спротивност со основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, а особено со правото на слобода од членот 12 од Уставот на РМ, како и дека се спротивни на владеењето на правото.

Причините поради кои МЗМП смета дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот се следниве:

  • Законот му доделува надлежност на Министерството за внатрешни работи, како орган на државната управа, да одлучува за ограничување на слободата на барателите на право на азил, наместо тоа да го прави исклучиво суд, со што ја повредува одредбата од член 12, став 2 од Уставот на РМ, која гласи: „Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон“;
  • Законот не дава насока ниту пак упатува во кои закони се уредени т.н. „помалку принудни алтернативни мерки“ на кои се повикува во ставот 1 од членот 63, односно членот е нејасен, непрецизен и не ги почитува начелата на Европскиот суд за човековите права, со кои се толкува Европската конвенција за човековите права, меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на РМ, со што се повредува членот 118 од Уставот на РМ и
  • Законот непрецизно ги уредува случаите во кои може да биде ограничена слободата на движење на барателите на азил (член 63, став 1 од Законот), со што се повредува владеењето на правото, една од темелните вредности на уставниот поредок на РМ, според членот 8 од Уставот.

М.В