/ Прочитано:

1.393

Дебата за Нацрт-законот за јавни набавки: Најавени транспарентни постапки, но и посебен закон за набавки од областа на одбраната и безбедноста

Дебатата за Нацрт-законот за јавни набавки меѓу стопанствениците и предлагачите на Законот денеска продолжи во Штип. Целта е да се слушнат сите мислења и да се вклучат во процесот на носењето на овој нов закон сите засегнати страни. Од таа причина претходно се организираа дебати и во Скопје и Струга.

Во насока на вклучување на бизнис-заедницата во процесот, стопанствениците во текот на дебатите даваат свои сугестии за текстот на Законот. Иако Законот е подготвуван врз основа на видувања и барања на бизнис-секторот, Министерството за финансии ќе ги разгледа предлозите кои ќе произлезат од дебатите и доколку соодветствуваат со европската регулатива, ќе ги имплементира во текстот.

„Од овој закон очекуваме да ја зголеми транспарентноста на постапките. Во исто време, тој треба да ја подобри ефикасноста, да стави акцент на најдобрата економска понуда, да ги поедностави постапките и да обезбеди услови за реална конкуренција. Има нови постапки, нови начини и алатки, особено во делот на електронските јавни набавки, има нови вредносни прагови за примена на Законот, но и зајакната контрола и транспарентност“, истакна министерот за финансии Тевдовски на јавната дебата која се одржа денеска во Штип, во организација на „ЕПИ Центар“ во рамките на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ и во соработка со стопанските комори.

Тевдовски најави и интензивни активности кои ќе доведат до квалитетно подобрување во системот на јавните набавки, но и до подобрување на деловната клима.

„Ќе треба да се направи надградба на електронскиот систем за да се прилагоди на новите решенија, како и да се воведе електронскиот пазар на мали јавни набавки. Исто така, се планира изготвување посебен закон за набавките од областа на одбраната и безбедноста. Ова е нешто што Европската комисија го нотира повеќе години наназад поради неусогласеноста со соодветната директива за овој вид набавки“, истакна министерот.

М.В