/ Прочитано:

1.032

Дебата за стратегиите за креирање јавни политики

По повод 15-годишнината од постоењето на првиот приватен универзитет – Универзитетот „ФОН“, Факултетот за политички науки организираше дебата на тема: „Стратегии за креирање на јавни политики”. Учесниците во дебатата го дадоа својот придонес споделувајќи лични искуства и знаења од областите во кои професионално се остваруваат.

Пратеничката во Собранието на Република Македонија Ивана Туфегџиќ ја акцентираше потребата од создавање на партиципативно спремни млади граѓани, кои активно ќе придонесат во креирањето на јавните политики на централно и на локално ниво.

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, истакна дека е крајно време институциите во Македонија да создаваат политики во кои интересот на граѓаните ќе биде апсолут, односно примарен. Истовремено, време е да се изменат и сите погрешни правилници, одлуки и правни решенија кои се наследени.

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, говореше за креирањето јавни политики на локално ниво, посебно за Општина Крушево и за плановите што треба да се остварат во неговиот мандат.

Ректорот на Универзитет „ФОН“, проф. д-р Нано Ружин, во своето излагање ги опфати теоретските сознанија за јавната политика досега. Проф. д-р Назми Маличи, декан на Факултетот за политички науки, ја истакна важноста на јавните политики во областа на животната средина, посебно во урбаните средини.

Новинарот Горан Михајловски упати на позитивните примери кои се постигнати преку порталот „Сакам да кажам”, во насока на подигнување на свеста за политичката одговорност и за влијанието за креирање јавни политики, посочувајќи го примерот со објавувањето на веста по која следуваа оставките во Антикорупциска комисија, како и подигнувањето на свеста за креирање јавни политики за лицата со ретки болести.

Проф. д-р Елена Тодорова укажа на демократскиот дефицит во Европската Унија и на начините преку кои Унијата се стреми да се доближи до граѓаните. Професорот Хорхе Мауро Местре Хорда, како гостин од Европскиот универзитет од Валенсија, го пренесе искуството на Шпанија во подигнувањето на нивото на транспарентноста.

Доц. д-р Јасмина Трајкоска ја истакна улогата на политичките науки во нашиот општествен контекст, посебно во делот на неопходност од политичка едукација на граѓаните и политичарите. Со овој настан се отвори една од најзначајните теми во актуелниот политички контекст во кој живееме, а за кој имаме одговорност сите, а особено носителите на јавни функции.

„Сегашните и идните студенти на Факултетот за политички науки на Универзитетот ФОН ќе ја имаат одговорноста да се директни чинители на промените што следуваат во политичкиот систем на Република Македонија. Тоа значи дека е потребно да се изнајдат ефикасни механизми за поголема граѓанска професионална партиципативност и поголема транспарентност, отчетност, рационалност и отвореност од страна на централните и локалните институции во политичкиот систем“, беше истакнато на настанот.

М.В