/ Прочитано:

2.948

Деловното преговарање  е аспект од кој зависи успехот на целиот бизнис

Во Стопанската комора на Македонија се одржа предавање на тема „Деловно преговарање“ во рамки на Клубот на менаџери претприемачи.

Успехот во деловниот живот, истакнуваат од Клубот на менаџери претприемачи, зависи од умешноста правилно да се преговара. Речиси и да нема аспект од животот – деловен, општествен или личен, кој не е поврзан со потребата за преговарање. Денешните менаџери половина од своето работно време го поминуваат комуницирајќи со другите вработени и стеикхолдерите, при што преговарањето зазема голем дел од таа комуникација.

„Ништо не може да биде со толку тесен, но воедно и со толку широк обем на дејствување, како што е водењето преговори. Секоја желба што треба да се исполни, секоја потреба што треба да се задоволи, претставува некој потенцијален повод за да почнат да се водат преговори. Секоја размена на мисли, со интенција да се изменат соодноси, за да се постигне спогодба, несомнено е веќе некое преговарање. Преговарањето зависи од способноста да се комуницира“, посочуваат од Клубот на менаџери.

Во деловното работење, преговарањето вообичаено се поврзува со две подрачја: првото е комерцијално, т.е. купување и продажба, а второто се меѓусебните односи внатре во компанијата. Сепак, делокругот на процесот на преговарање е преширок за да може да се ограничи на само една или друга група учесници во деловното работење. Постојат многу подрачја во кои е од особена корист да се поседуваат преговарачки вештини.

„Успешното преговарање не е начин да го добиете она што го сакате по која било   цена, туку да се балансира. Тоа подразбира да водиме сметка не само за сопствените желби и цели, туку и за аспирациите на другата страна помагајќи ѝ да ги оствари своите барања. На тој начин, ќе си го олесниме и постигнувањето на сопствените цели“, истакнуваат од Клубот.
Со цел приближување на оваа комплексна тема до членовите на Клубот на менаџери – претприемачи, информираат од Комората, се одржа предавањето на темa: „Деловно преговарање”, реализирано од страна на д-р Лазар Ѓуров, основач и претседател на Институтот за индивидуален и организациски развој – „Симбиотика“.

„За време на настанот, учесниците имаа можност интерактивно да  се запознаат со предизвиците на успешно деловно преговарање, бидејќи денес е  тешко да се најдат луѓе кои имаат развиено силни преговарачки вештини. Способноста во исто време да се гради релација на доверба и да се преговара, внимавајќи на своите интереси и цели, е редок квалитет кај луѓето. Тие или премногу се фокусираат на релацијата или премногу се фокусирани да победат и да извлечат повеќе за себе, занемарувајќи го односот и не градејќи релација за долгорочна соработка“, посочуваат од Комората.

Според д-р Ѓуров, преговарањето е аспект од кој зависи успехот на целиот бизнис. Прво, многу е важно при преговарање да успееме да склучиме договор, со што ќе отвориме простор за работа на организацијата. Следно, не само што е важно да се дојде до договор, туку еднакво е важно каква ќе биде содржината на договорот. Во процесот на преговарање ги договараме сите аспекти од кои ќе зависат профитабилноста на зделката, временската динамика на нејзина реализација, начинот на плаќање, начинот на доставување, начинот за осигурување на квалитет, гарантни рокови и уште многу други квантитативни или квалитативни аспекти. Способноста да се преговара за поповолен договор е клучна за успешно работење и континуирано растење на организацијата.

Следејќи ги трендовите во европските земји од една страна, но и потребите и барањата на нашите компании, од друга страна, преку Клубот на менаџери – претприемачи се креираше алатка која ги поврзува сите бенефити и услуги на едно место, сè со цел поддршка на малите и средните компании во насока на пронаоѓање деловни партнери, промоции, соработка на домашните со странските компании и создавање синџири на добавувачи, искористување на ЕУ-фондовите, пронаоѓање партнери. Тоа е возможно благодарение на одличната логистика, поврзаност, но и контактите што Стопанската комора на Македонија ги има со домашните и странските институции кои нудат информации, анализи, едукација, но и пронаоѓање партнери.

M.В