/ Прочитано:

2.269

Дискриминацијата во огласите за вработување и при исплатата на К-15

Во најновиот извештај за човековите права, Хелсиншкиот комитет констатира дискриминација во огласите за вработување и при исплатата на регрес за годишен одмор. Во минатото Хелсиншкиот комитет имаше регистрирано и имаше реагирано на дискриминаторските услови за вработување што во себе ги содржеа низа огласи за вработување. За жал, и покрај сите поранешни реакции, велат од Хелсиншкиот комитет, ваквите услови продолжуваат да се појавуваат во огласите за вработување.

„Изминатиот месец извршивме мониторинг на актуелните огласи за вработување и регистриравме неколку огласи чии услови се дискриминаторски. Голем дел од огласите бараат женски или машки лица за одредено работно место или бараат лицата да бидат на одредена возраст, или поставуваат услови и во однос на полот и во однос на возраста. Во месец мај имавме случај за кој Комисијата за заштита од дискриминација донесе мислење со кое утврди директна повеќекратна дискриминација, односно дискриминација врз повеќе од еден основ, по претставка поднесена од Хелсиншкиот комитет. Се работеше за оглас за вработување во кој се бараше ‘женска особа на возраст од 30 до 45 години за работа во кујна – сервирање појадок (шведска маса)’. Комисијата, постапувајќи по претставката, во конкретниот случај утврди директна повеќекратна дискриминација бидејќи со ваквиот оглас се оневозможува пристап до работното место за мажите, со што е направена директна дискриминација врз основа на пол, но во исто време се оневозможува пристап до работното место за жените кои се помлади од 30 години и постари од 45 години, со што е направена директна дискриминација врз основа на возраст“, велат од Хелсиншкиот комитет.

И покрај ваквите мислења на Комисијата за заштита од дискриминација, додаваат од Комитетот, огласите со дискриминаторски услови за вработување сè уште се појавуваат на веб-страниците за вработување.

Хелсиншкиот комитет подготвува претставки за секој од огласите кај кои се јавува услов за пол, возраст или кој било друг услов кој е ограничувачки. Со поставување на услови за пол, род, возраст или некој друг услов се врши дискриминација и ограничување на пристапот до вработување што дел од работодавците свесно го прават, меѓутоа дел од нив не знаат дека со таквите услови го ограничуваат пристапот до вработување за одредена група.

„Хелсиншкиот комитет ќе продолжи активно да работи на следење на огласите за вработување и ќе испраќа реакции за секој дискриминаторски оглас, меѓутоа, имајќи предвид дека праксата на објавување ваков вид огласи продолжува, сметаме дека е неизбежно да се преземат други дополнителни мерки кои ќе го намалат бројот на дискриминаторски огласи. Нашата препорака оди во насока на едукација на работодавците и едукација на посредниците за вработување во делот на дозволени услови за вработување, кои не го ограничуваат пристапот до вработување по која било основа“, посочуваат од Комитетот.

Во изминатиот период Хелсиншкиот комитет регистрирал и случаи на различна примена на одредбите од Колективниот договор за стопанството кои се однесуваат на регресот за годишен одмор. Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на погрешната примена на одредбите што се однесуваат на регресот за годишен одмор за работниците кои користеле породилно отсуство, кои во Република Македонија се најчесто жените.

„Породилното отсуство во никој случај не може да се смета за прекин на работниот однос кај работодавачот или за одново започнување работен однос и не може да биде причина за неисплата на регрес за годишен одмор за работниците/чките кои го искористиле правото на породилно отсуство“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

„И самиот термин породилното отсуство, или како што е уредено во Законот ‘Отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство’, укажува дека се работи за отсуство, а не за прекин на работниот однос, и никако не смее произволно да се толкува. Впрочем, работниците кои користат породилно отсуство не го губат правото на годишен одмор, кое пак е тесно поврзано со исплатата на регресот. Оттука е нејасно врз основа на која одредба трудовите инспектори одлучуваат дека се губи правото на регрес за годишен одмор кога не се губи правото на годишен одмор. Ваквото толкување и различната примена на одредбите за регрес за годишен одмор се спротивни на начелата за недискриминација и еднакви можности и третман на мажите и жените гарантирани со Уставот и законите, земајќи предвид дека најголем дел од работниците кои користат породилно отсуство се жени“, велат од Комитетот, додавајќи дека за оваа состојба го алармирале Министерството за труд и социјална политика.

М.В