/ Прочитано:

1.961

ДИСКУСИЈА ЗА ЗРО И ПРАКТИКАНТСКАТА РАБОТА: Се подготвува нов Закон за практикантство

Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис-регулатива одржа инфо сесија со фокус на две значајни теми „Приоритетни прашања и проблеми за промена на Законот за работни односи“ и „Дискусија на тема практикантство: потреби, искуства и предлози“.

Настанот овозможи интерактивна дискусија и размена на искуства помеѓу сите учесници со цел да се дојде до заклучоци за надминување на постојните бариери во процесот на законска имплементација и изнаоѓање соодветни решенија, како и подготовки за нов закон како потреба и иницијатива за регулирање на практикантството во нашата земја.

Ова е првата инфо сесија за годинава од вкупно предвидените 20 кои ќе се одржат во повеќе градови од Република Македонија, на значајни економски теми, со цел започнување разговори со бизнис-заедницата, институциите, експертите за одредени прашања што ја засегаат правната усогласеност на компаниите.

 Александар Зарков, извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, истакна дека темите што ќе бидат разработени на предвидените инфо сесии  произлегуваат од истражувањето во кое беа вклучени микро, мали и средни компании со цел да се детектираат и да се решат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.

„Во изминатиот период активно се посветивме на низа активности со кои целиме кон подобрување на правната усогласеност на компаниите, како и подобрување на механизмите за дијалог помеѓу бизнис-секторот и владините институции. Преку зајакнување на соработката и развивање на алатки за комуникација помеѓу сите релевантни чинители, се надеваме дека ќе го подобриме процесот на застапување на интересите на бизнис-заедницата и ќе овозможиме интегрирање на сите страни во процесот на креирање подобра бизнис-регулатива. Ги охрабруваме компаниите да се вклучат во овие настани што ќе следуваат во наредните неколку месеци и да се вклучат во решавањето на оние проблеми кои најмногу го засегаат нивното работење и нивниот успех“, изјави Тамара Тодоровска од „ЕПИ ЦЕНТАР интернационал“.

Во врска со практикантската работа, на денешниот настан беше посочено дека практикантската работа во моментот е регулирана само преку законите за средното и за високото образование и дека има потреба од донесување на Закон за практикантство со кој би се регулирале условите под кои треба да се развива овој сегмент.

Од стопанските комори во Македонија посочуваат дека еден од проблемите со кои се соочуваат е токму непостоењето на посебен Закон за практикантство, како и начинот на кој во моментот е регулирана практикантската работа во државата.

„Главниот проблем произлегува од тоа што практикантската работа во моментот е регулирана само преку законите за средното и за високото образование, каде што е задолжителна, а во сегментот на работните односи не е конкретно регулирана и со самото тоа се отвора можност за злоупотреба и за неусогласеност од двете страни. Треба да се разграничат условите под кои ќе се развива практикантството, вели Тодоровска од „ЕПИ ЦЕНТАР интернационал“.

Тодоровска информираше дека веќе е формирана работна група, предводена од Министерството за труд и социјална политика, која работи на подготовка на работна верзија на Предлог-законот за практикантска работа.

М.В