/ Прочитано:

13.258

ДОНЕСЕНА Е ПРЕСУДА ЗА МОБИНГ ВО МАКЕДОНИЈА: се создава судска пракса која охрабрува, вели адвокатот Петро Јанура

Донесена е првата пресуда за мобинг во Македонија. Тужителот е лице вработено во институција од јавниот сектор, каде што бил подложен на психолошко вознемирување – мобинг. Судот наложува, тужените да престанат со психичкото вознемирување на работното место на тужителот и да овозможат соодветно вреднување на неговата работа, истакнуваат од Македонското задружение на млади правници. Она што е важно за оваа пресуда е тоа што таа го пробива мразот и ги охрабрува жртвите на мобинг дека правдата е достижна и дека можат да ги остварат своите права во судска постапка, вели за Академик адвокатот Петро Јанура, кој е застапник на тужителот.

???

За случајот и за пресудата

„Тужителот е лице кое е вработено во јавна институција. Тој бил жртва на мобинг правен со повеќе дејствија и од страна на повеќе лица. Мобингот му бил правен така што не му бил даван годишен одмор и, за разлика од другите работници, тој не можел да го оствари тоа право. Бил ставен во изолација, не му биле давани работни задачи, а еден период не му бил даван ниту електронски пристап до информации ниту, пак, бил испраќан на обуки. Сите овие факти ги докажавме во постапката која резултираше со првостепена пресуда во корист на тужителот“, појаснува адвокатот Петро Јанура во врска со случајот и со постапката која е поддржана од Македонското здружение на млади правници.

Од МЗМП велат дека оваа одлука е од големо значење затоа што психичкото вознемирување на работното место односно мобингот е доста зачестена појава, а истата многу ретко се пријавува и се поведуваат постапки за заштита од истото.

„Се надеваме дека ќе следуваат други вакви пресуди“

„Искрено да ви кажам, јас немам слушнато дека претходно имало пресуда за мобинг, односно за тужбено барање кое успеало. Јас имам информации дека ова е прва пресуда, а такви информации циркулираат и во праксата, па, во согласност со нив, би требало ова да е првата пресуда за мобинг и да се надеваме дека ќе следуваат други вакви пресуди во смисла на тоа граѓаните што биле подложени на мобинг да се изборат за правдата“, додава адвокатот Јанура.

???

Се гради судска пракса која ги охрабрува жртвите на мобинг

Во таа насока, адвокатот ги охрабрува сите оние кои се жртви на мобинг да ја побараат правдата низ судска постапка, каде што ќе можат да ги заштитат своите права.  Позитивно е тоа што колку повеќе има вакви пресуди, вели Јанура, толку повеќе лицата кои биле жртви на мобинг ќе се одлучат да иницираат постапки за заштитување на своите права.

„Од друга страна, лицата што вршат мобинг ќе бидат одвраќани од таквите незаконски дејствија затоа што ќе знаат дека против нив ќе бидат иницирани судски постапки. Во оваа насока, јас лично ги охрабрувам работниците да иницираат постапки за да ги заштитат своите права и да развијат чувство на сигурност дека може да се оствари патот до правдата. Во случај на мобинг тие треба веднаш да се консултираат со адвокат и да не губат верба дека можат да ги остварат и да ги заштитат своите права. Напротив, тие треба да инсистираат на остварувањето на своите права низ судска постапка, што најдобро се потврдува и со оваа пресуда. Еве, преку ваквите постапки и пресуди веќе се гради судска пракса, што е мошне значајно за правната сигурност“, нагласува адвокатот.

Нарушувања што ги претрпуваат жртвите на мобинг

Адвокатот појаснува дека мобингот претставува психичко вознемирување на работното место кое е проследено со сериозни последици кај жртвите на мобингот.  Во тој контекст, адвокатот  објаснува и кои се ефектите на мобингот.

„Постојат повеќе нарушувања кај жртвите што го претрпуваат мобингот, а тоа се телесни нарушувања, хроничен умор, зголемена или намалена телесна тежина, различни синдроми на болест, потоа, намален имунитет, психички нарушувања, депресија, емоционална празнина, чувство на загуба на смислата на живеењето, анксиозност, загуба на мотивација и ентузијазам итн. Но, исто така, има и последици во врска со однесувањето на личноста, како на пример:  губење на концентрацијата, заборавеност, семејни проблеми, дури во некои случаи и суицидно однесување. Мобингот е област која е многу специфична и постои опасност жртвите на мобинг да се соочат со многу тешки последици“, образложува адвокатот Јанура.

slika

Ефектите на мобингот

„Во врска со ефектите на мобингот, првенствено постојат ефекти врз комуникацијата на жртвата со другите колеги. На жртвата ѝ е забрането да зборува, таа треба да биде тивка. Потоа, се напаѓа вербално за начинот на вршење на работните задачи и добива вербални закани. Понатаму,  постојат ефекти врз социјалните контакти на жртвата со колегите. Имено, колегите не зборуваат со неа, жртвата е изолирана во друга канцеларија и слично. Понатаму, има ефекти врз личниот углед на жртвата на начин што жртвата е озборувана или исмејувана за нејзина етничка припадност или за хендикеп, или за начин на одење и зборување и друго. Исто така, постојат ефекти врз работата на жртвата. На жртвата не ѝ се даваат работни задачи или, пак,  ѝ се даваат бесмислени работни задачи. И на крајот, има ефекти врз физичкото здравје на жртвата – ѝ се даваат опасни задачи, потоа, може да биде вознемирувана сексуално, да работи во несигурна околина и ѝ се дава работа што не може да ја заврши во разумен рок“, објаснува адвокатот Јанура, резимирајќи дека секој оној што ќе се препознае како жртва на мобинг веднаш треба да реагира и да ја побара правдата која, сепак, е достижна.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

Донесена е првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост