/ Прочитано:

3.208

Донесена е првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост

Основниот суд Скопје II Скопје, на 3.3.2016 година донесе пресуда со која утврди дискриминација и нееднаков третман врз основа на личен статус, семејна и брачна состојба, односно бременост, со прекинување на работниот однос. Со оваа пресуда жените се охрабруваат, а правдата излегува на виделина, вели за Академик адвокатката Софија Бојковска, која ја води постапката за предметот. Постапката е поддржана од Здружението на младите правници во рамките на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во Република Македонија“.

akad 1

„Во конкретниот случај на тужителката, откако останала бремена, тужениот не ѝ го продолжил договорот за работа на определено време и донел решение за престанок на работниот однос. Судот утврдил дека тужениот имал однесување кај кое постои намера да се дискриминира тужителката поради бременоста. Според Судот, доколку тужителката не била бремена, тужениот, како и претходно, со неа ќе склучел анекс-договор за вработување и таа сѐ уште би била во работен однос кај тужениот“, велат од МЗМП.

За првпат во Република Македонија е утврдена дискриминација врз основа на бременост

Од МЗМП истакнуваат дека ваквата одлука на Судот е од особено значење бидејќи за првпат во Република Македонија е утврдена дискриминација врз основа на бременост, како и поради фактот што во последната година во Здружението биле пријавени поголем број случаи на бремени жени, на кои, откако го известиле работодавецот за својата состојба, не им бил продолжен договорот склучен на определено работно време.

Судот определил надомест на нематеријална штета. Судот во пресудата се повикува на членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, на Протоколот 12 кон Конвенцијата и на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Постапката ја поддржа МЗМП во рамките на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во Република Македонија“. Постапката ја води адвокатката Софија Бојковска од Скопје. Бојковска за Академик вели дека значењето на пресудата е јасно: правдата секогаш излегува на виделина, а жените работнички не треба да се плашат за остварувањето на нивните права.

Бојковска: Жените се охрабруваат, а правдата излегува на виделина

„Оваа пресуда е од исклучително значење затоа што со неа се охрабруваат жените. Имено, многу млади жени токму поради стравот од губење на работното место поради бременоста не се осмелуваат да имаат семејство. Од друга страна, мошне значајно е што со оваа пресуда Судот гледа пошироко кон прашањето, го гледа и мотивот зошто на бремената жена работничка не ѝ бил продолжен договорот за вработување, дека не е поради намалување на обемот на работа, туку дека токму бременоста е причината. Затоа, пораката што ја даваа оваа пресуда е јасна: жените работнички не треба да се плашат, правдата излегува на виделина!“, вели адвокатката Бојковска.

Чести и сериозни нарушувања на трудовите права на жените

Во однос на прашањето за дискриминација врз основа на пол и бременост, како едно од посериозните нарушувања на трудовите права на жените, од Здружението на младите правници истакнуваат дека жените што се вработени со договор на определено време честопати се соочуваат со проблемот да не им биде продолжен договорот кога ќе му соопштат на работодавецот дека се бремени и нивниот работен однос да престане со истекот на постојниот договор.

Младите правници појаснуваат дека ваквата можност ја дава Законот за работни односи кој иако забранува отказ за време на бременост (чл. 101 ст. 1 од ЗРО), забраната не се применува на договорите за вработување на определено време поради истекот на времето за кое е склучен договорот (чл. 101 ст. 3 од ЗРО).

„Неспорна е оправданоста на ваквата забрана, имајќи ја предвид природата на договорот на вработување на определено време. Сепак, оваа можност не треба да се злоупотребува и да се толкува како целосна слобода да се откаже договорот за вработување на жените кои ќе останат бремени.  Во значителен број од ваквите случаи е јасно видливо дека било планирано работничката да се ангажира за подолг временски период (дадени ѝ се долготрајни работни задачи, предвидена е во работните планови и сл.), меѓутоа веднаш откако ќе го информира работодавецот за бременоста, следниот период кога ќе треба да ѝ се продолжи договорот, тоа не се случува. Во ваквите случаи очигледна причина за престанокот на договорот за вработување е исклучиво фактот дека работничката останала бремена, што претставува повреда на Законот за работни односи“, појаснуваат од Здружението.

>>>Пресудата во прилог 

Откази поради бременост, помалку платен труд, мобинг и насилство – правата на жената секојдневно се нарушуваат

M.В. /  veljanoskim@akademik.mk