/ Прочитано:

2.659

Донесена пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи

Македонско здружение на млади правници (МЗМП) информира дека Основниот суд Скопје II, во постапка поддржана од МЗМП во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Општина Гази Баба, како тужен, сторила дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи.

Со пресудата се забранува преземање на понатамошни дејствија од страна на тужениот со кои се врши дискриминација.

Тужителот e вработен кај тужениот. При преместување на мебел во Општината, тужителот со неговиот колега имал вообичаен разговор на албански јазик, при што нивната колешка, откако ги слушнала дека разговараат на албански јазик, бурно изреагирала и ги пријавила. Тие биле повикани на разговор од раководителот на секторот и им било укажано дека во согласност со законските прописи службен јазик во Општината е македонскиот јазик и истиот треба да го користат во нивната комуникација. Тужителот поднел претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, по што Комисијата донела мислење дека постојат елементи на дискриминација и дала препорака до Општината да ја отстрани повредата. Со оглед на тоа дека тужениот не постапил по мислењето и препораката на Комисијата, тужителот поднел тужба до надлежниот суд. Судот во пресудата ги применил одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи, врз основа на кои утврдил дека е повредено правото на еднаков третман на тужителот. За поздравување е примената на членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права (Забрана на дискриминација) и членот 1 од Протоколот бр. 12 кон Конвенцијата (Општа забрана за дискриминација).

Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на Судот и го истакнува значењето на оваа пресуда од причина што почитувањето на правото на еднаквост и забраната за дискриминација е камен-темелник на едно демократско општество. Тужителот е застапуван од адвокат Петро Јанура од Скопје, член на тимот адвокати на Македонското здружение на млади правници.

М.В