/ Прочитано:

1.923

Драстично зголемување на примената на посебните истражни мерки се нотира во годишниот извештај на Јавното обвинителство

Зголемен е бројот на случаи во кои се применети посебни истражни мерки, се вели во Извештајот за примена на посебните истражни мерки во 2016 година кој е доставен во Собранието на Република Македонија.

„Со примена на посебните истражни мерки, зголемена е ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борба, пред сè, против организираниот криминал и корупција. Ваквиот став се огледа во фактот дека оваа година е зголемен бројот на случаи и тоа за 75% во кои се применети посебни истражни мерки во споредба со претходната година“, се вели во Годишниот извештај за примена на посебните истражни мерки.

Според податоците од Извештајот, се забележува зголемување на бројот на лица со утврден идентитет и тоа за 14% во однос на 2015 година, додека кај лицата со неутврден идентитет е  забележано значително намалување.

„Драстично зголемување на примена на посебните истражни мерки во однос на 2015 година постои кај примената спрема предмети на кривично дело. Впрочем, зголемувањето на бројот на случаи во кои оваа година се применети посебните истражни мерки значи фокусирање на Јавното обвинителство кон сузбивање на поголеми и добро организирани криминални групи во кои членуваат поголем број лица“, посочуваат од Јавното обвинителство.

За издвојување е фактот, додаваат од Обвинителството, што зголемување на примената на посебните истражни мерки се должи на таканаречената мигрантска криза и зголемениот број кривични дела поврзани со шверцувањето мигранти.

„Видот на кривичните дела кои служеле како основ за примена на посебните истражни мерки укажува дека Јавното обвинителство во текот на 2016 година успешно се има соочено со предизвикот во борбата против организираниот криминал кој е поврзан со нелегалната трговија со наркотици, кривични дела против човечноста и меѓународното право во кој влегуваат кривичните дела – шверцување мигранти, злоупотреба на безвизниот режим, кривични дела против државата – учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, кривични дела на тероризам и кривични дела против службената должност – дела на корупција“, се нотира во Годишниот извештај.

Според податоците на кои упатува Извештајот, во однос на 2015 година, кај примената на посебните истражни мерки постои зголемување кај кривичните дела на шверцување мигранти, нелегална трговија со дрога, злоупотреба на службената положба и овластување, кривични дела на убиство и злосторничко здружување, додека во 2016 година се појавуваат и нови кривични дела за кои се применети посебни истражни мерки и тоа за поткуп при избори и гласање,оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.

Смислено кршење на одредени човекови слободи и права: Посебните истражни мерки, велат од Јавното обвинителство, според својата природа, претставуваат смислено кршење на одредени човекови слободи и права загарантирани со Уставот и меѓународните документи поради остварување повисоки цели, заштита на општеството и граѓаните од тешки форми на криминал, ефикасна и успешна борба против него.

Според податоците на Јавното обвинителство, на ниво на Република Македонија во сите основни јавни обвинителства во текот на 2016 година, применети се посебни истражни мерки од чл. 252 од ЗКП во 100 случаи против 374 лица со утврден идентитет, 13 лица со неутврден идентитет и против 454 предмети на кривично дело. За компарација, во 2015 година во сите основни јавни обвинителства, применети се посебни истражни мерки од чл. 252 од ЗКП во 57 случаи против 328 со утврден идентитет и 107 лица со неутврден идентитет.

„Доколку се изврши анализа на бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2016 година, со бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2015 година, може да се констатира дека во текот на 2016 година постои пораст на бројот на спроведени посебни истражни мерки, и тоа од 57 случаи во текот на 2015 година, на 100 случаи во текот на 2016 година. Меѓутоа, иако бројот на случаи во кои е применета посебна истражна мерка е зголемен, се забележува дека во текот на 2016 година имаме намалување на бројот на лица со неутврден идентитет спрема кои се спроведувани посебни истражни мерки. Исто така, значително зголемување се забележува кај примена на мерките спрема предмети на кривично дело“, посочуваат од Јавното обвинителство.

„Бројот на постапки што се отворени врз основа на прибавените докази од примената на посебните истражни мерки, и тоа подигнати 5 обвиненија, склучени 14 спогодби помеѓу јавниот обвинител и осомничените, донесени 24 наредби за спроведување на истрага, поведени 4 скратени постапки и донесени 7 пресуди, го докажува сериозниот пристап кој оваа институција го има како во самата примена на мерките со кои се навлегува во основните човекови права и слободи, така и во ефикасноста и ефективноста во сузбивањето на овој сериозен криминал“, се вели во Годишниот извештај, каде што се додава и дека за поголем број лица примената на мерките сè уште е во тек, а и за одреден број лица предистражната постапка е во тек.

Примена на посебните истражни мерки по вид

Mерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон е применета во вкупно 29 случаи, против 183 лица со утврден идентитет и 9 лица со неутврден идентитет. Исто така, мерката е применета и спрема 74 предмети на кривично дело – телефонска линија која ја користи непознато лице во моментот додека се спроведува.

Мерката следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање услови за следење на комуникации е применета во вкупно 4 случаи, против 6 лица со утврден идентитет и спрема 1 предмет на кривичното дело.

 Мерката тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен е применета во вкупно 23 случаи против 133 лица со утврден идентитет, 4 лица со неутврден идентитет и против 60 предмети на кривично дело.

 Мерката таен увид и пребарување во компјутерски систем не била применета во ниту еден случај.

 Мерката автоматско, или на друг начин, пребарување испоредување на личните податоци не била применета во ниту еден случај.

 Мерката увид во остварени телефонски и други електронски комуникации е применета во вкупно 37 случаи против 40 лица со утврден идентитет и 319 предмети на кривично дело врз кои се применува мерката.

Мерката симулиран откуп на предмети e применета во 1 случај против 3 лица со утврден идентитет.

Мерката симулирано давање и примање поткуп e применета во вкупно 3 случаи против 3 лица со утврден идентитет.

Мерката контролирана испорака и превоз на лица и предмети е применета во 1 случај против 1 лице со утврден идентитет.

Мерката користење лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци  е применета во вкупно 2 случаи против 5 лица со утврден идентитет.

Мерката отвoрање симулирана банкарска сметка не била применета во ниту еден случај.

Мерката симулирано регистрирање правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци не била применета во ниту еден случај.

М.В