/ Прочитано:

879

Државните хартии од вредност ќе котираат на Македонската берза – најавени измени и на регулативата за хартии од вредност

Државните хартии од вредност ќе котираат на Македонската берза. Тие ќе станат достапни и за странските институционални инвеститори, а зголемената побарувачка ќе придонесе да се намалат каматите за државата, најавува  министерот за финансии Драган Тевдовски.

„Сведоци сме на раздвижување на Македонската берза. Од почетокот на годинава има значајно зголемување и кај обемот и кај вредноста на МБИ10. Во оваа насока сакам да најавам дека Министерството за финансии е во преговори со Македонската берза државните хартии од вредност да почнат да котираат на берзата. Тие ќе станат достапни и за странските институционални инвеститори. Зголемената побарувачка ќе придонесе да се намали каматниот трошок на државата, а ќе се зголеми и ликвидноста и транспарентноста со секундарното тргување“, вели Тевдовски.

Министерот за финансии посочува дека Министерството за финансии ја следи европската пракса на пазарот на капитал. Во согласност со тоа, Законот за хартии од вредност, донесен во 2005 година, ќе биде заменет со два нови закони.

„Со нив ќе се подигнат стандардите за транспарентност на пазарот и ќе се воведе повисоко ниво на заштита од злоупотреби во согласност со европската пракса. Во дизајнирањето на реформите значајна улога има и Советот за развој на пазарот на капитал, каде што покрај регулаторите членуваат и асоцијациите на банки, хартии од вредност, осигурување и инвестициските фондови“, истакнува  Тевдовски, кој денеска говореше на Шестиот Ерсте инвеститорски појадок.

М.В