/ Прочитано:

3.001

„Еко-свест“: Во 2017 година мора да започне процесот на трансформација на Скопје во поодржлива урбана средина

Експертите од областа на урбанистичкото планирање од земјава посочија дека клучен проблем е пренамената на јавните простори и на зелените површини во градежни парцели. За жал, просторното планирање во Република Македонија постои само како законска обврска, меѓутоа не и во пракса. Како резултат имаме згради во парк, зграда на кеј, на плоштад, зграда на простор кој е јавен.

Зграда план изградба

Градежната експанзија во Скопје мора да запре, а потребна е и целосна ревизија на законската регулатива, како и на документацијата за урбанистичко планирање во главниот град на Македонија, апелираат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија кои заедно одржаа панел-дискусија на тема: „2017 – Чекор поблиску до урбанистички одржливо Скопје”.

Целта на оваа дискусија, како што информираат од „Еко-свест“ е идентификација на проблемите и на приоритетни мерки кои би требало да се преземат во текот на 2017 година за да започне процесот на трансформација на Скопје во поодржлива урбана средина, со зголемен фокус на намалување на негативното влијание врз животната средина и човековото здравје.

Експертите од областа на урбанистичкото планирање од земјава посочија дека клучен проблем е пренамената на јавните простори и на зелените површини во градежни парцели.

„Најважниот ресурс на градот е зелениот простор. За жал, просторното планирање во Република Македонија постои само како законска обврска, меѓутоа не и во пракса. Како резултат имаме згради во парк, зграда на кеј, на плоштад, зграда на простор кој е јавен”, рече проф. д-р Мирослав Грчев.

Беше посочен и проблемот со сообраќајот и мобилноста во главниот град како едни од посериозните причини за загадувањето на воздухот во градот.

„Ние не знаеме колку загадување предизвикува сообраќајот, но знаеме дека можевме да го спречиме доколку работевме врз основа на истражувања. Тестиравме 14 раскрсници и заклучивме дека тие веднаш треба да бидат решени со надвозници и подвозници. Сè уште не се направени. Приближно 60 –70 000 возила минуваат кај Судска палата, каде што речиси сите возила стојат. Дневно трошиме 3 400 литри гориво само на таа една раскрсница”, објасни Александар Мешко, сообраќаен инженер.

Децентрализација на власта во урбанистичкото планирање неколку пати се спомена како нужна потреба, односно на централната власт да ѝ се остави само просторното планирање – а на локалната власт урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, односно градењето.

„Системски, урбанизмот е земен од урбанистите. Во Уставот експлицитно пишува дека урбанистичкото планирање ѝ е неотуѓиво доделено на локалната власт. Со измените на законите за градење и урбанистичко планирање, одредбата е ‘откорната’ од ЕЛС спротивно на закон и централната власт ги презема сите овластувања за да се контролира управувањето со јавното добро”, истакна проф. д-р Мирослав Грчев.

Во оваа насока како огромен проблем се истакнаа и високите комунални такси за градба наспроти данокот на имот.

„Проблем е што општините се оставени на приходите од комуналиите. Комуналиите се најскапи од цела Европа. Така градежните фирми стануваат шерифи. Општините мора да си најдат извор на приходи”, рече Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Забелешките и мерките кои се донесоа на дискусијата ќе бидат проследени до надлежните институции, велат од „Еко-свест“, нагласувајќи дека се надеваат дека ќе наидат на отворена соработкаод стра на институциите со цел решавање на горливиот проблем со урбанистичкото планирање и загадувањето на животната средина во Македонија.

А. Б.