/ Прочитано:

2.105

Еколошка полиција, затворање на термоцентралите на јаглен и повлекување на стари возила од употреба – мерки за справување со загадувањето во Пекинг

Сите прекршувања на прописите што се однесуваат на заштитата на животната средина ќе бидат соодветно и навремено санкционирани бидејќи главна задача на еколошката полиција ќе биде секојдневно патролирање низ секој дел од градот. Согорувањето на отпадот на отворено, согорувањето биомаса, правењето скара на јавни површини, но и во сопствени дворови, сите овие активности на неусогласеност со прописите се всушност резултат на слаб надзор и неспроведување на регулативата која се однесува на заштитата на животната средина.

Кина загадување

Специјална полициска единица за заштита на животната средина ќе се справува со енормното загадување во Пекинг. Градските власти велат дека оваа единица е веќе формирана и дека ќе почне да функционира на терен до крајот на неделава. Oва е една од предвидените мерки која стапува на сила веднаш на почетокот на 2017 година бидејќи уште од првата недела од новата година главниот град на Кина е обвиен во густа магла како резултат на загадувањето на воздухот.

Каи Чи, кој е потпретседател на владејачката партија во Кина и истовремено градоначалник на Пекинг, вети дека ќе воведе построги мерки во 16 области на градот кои ќе бидат во насока на сузбивање на широко распространетиот токсичен смог – долгогодишен проблем кој предизвика сериозни последици врз животот на граѓаните на Пекинг. Тој вели дека како и секој обичен граѓанин секое утро штом ќе стане, ја проверува временската прогноза и квалитетот на воздухот, нагласувајќи дека целосно ја разбира загриженоста на граѓаните околу аерозагадувањето.

„Сите прекршувања на прописите што се однесуваат на заштитата на животната средина ќе бидат соодветно и навремено санкционирани бидејќи главна задача на еколошката полиција ќе биде секојдневно патролирање низ секој дел од градот. Согорувањето на отпадот на отворено, согорувањето биомаса, правењето скара на јавни површини, но и во сопствени дворови, сите овие активности на неусогласеност со прописите се всушност резултат на слаб надзор и неспроведување на регулативата која се однесува на заштитата на животната средина, изјави градоначалникот на Пекинг, Каи Чи.

Кина, која во светот важи за еден од најголемите емитери на загадувачки материи во воздухот и стакленички гасови кои го предизвикуваат глобалното затоплување, во изминатите неколку години презеде низа мерки за борба против смогот, поради што надлежните одлучија да ги затворат сите електрани кои произведуваат електрична енергија со преработка на јаглен, како и фабриките големи загадувачи, а донесоа и одлука за повлекување од употреба на 200-300 илјади автомобили. Последната електрана на јаглен во Пекинг ќе биде затворена до крајот на јануари, со што потрошувачката на ова фосилно гориво ќе се намали за 30 отсто во 2017 година.

Сепак, екологистите и групите за заштита на човековите права сметаат дека државата треба многу поодговорно да го решава проблемот со загадувањето во Кина.

„Владата треба да ја засили заштитата на животната средина, а тоа подразбира зајакнување на надзорот, и се очекува многу поголема одговорност од институциите во 2017 година. Сепак, не веруваме дека специјалните полициски сили за заштита на животната средина ќе можат да придонесат многу за намалување на смогот во градот. Ингеренциите што ги имаат се врз локални активности, односно врз изворите на загадувањето кои потекнуваат од секојдневните активности на граѓаните, а не врз изворите на загадување кои потекнуваат од индустријата“, изјави Хе Рен, портпарол на Федерацијата на волонтери кои се борат за човековите права во главниот град на Кина.

А. Б.