/ Прочитано:

1.910

Еколошките организации го претставија Планот за управување со загадувањето

„Еко-свест“, во соработка со „Аналитика“, ОРТ, Центарот за климатски промени, „Македонски зелен центар“, „Реактор“ и како што потенцираат еколошките организации, со поддршката од Александра Бујароска, правник, започнаа иницијатива за мапирање и идентификација на проблемите во системот поврзани со управувањето на квалитетот на воздухот во Македонија. Во првата половина на 2016 година, тие организираа серија работни средби и испитаа повеќе закони, со цел да подготват сумарен извештај кој понатаму би можел да се користи од страна на сите засегнати и вклучени страни во решавање на проблемот со аерозагадувањето. Овој извештај, исто така, дава и насоки за идни акции, законски дополнувања и измени и практични проекти, кои ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот.

Повеќе еколошки невладини организации го претставија Планот за управување со загадувањето, што впрочем ги претставува основните барања од страна на еколошките граѓански организации кои ќе бидат упатени до новата влада за решавање на најгорливите прашања поврзани со енормното загадување во Скопје и воопшто во Македонија.

Во согласност со нивните анализи, Македонија има најзагаден воздух во Европа, а ова го потенцираше и Светска банка во најновиот извештај за зелен раст на Македонија.

Во Планот за управување со загадувањето, Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух односно ПМ10 честичките. Според извештајот на Светска банка, цврстите честички се одговорни за 1.350 смртни случаи годишно, но и илјадници изгубени работни денови – што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно или 3,2% од БДП.  

Суспендираните честички, попознати како ПМ10, се еден од најголемите загадувачи на воздухот во Скопје. Тие претставуваат мали честички со дијаметар од 10 микрони кои лесно навлегуваат во белите дробови и содржат метали и прашина од индустријата и патиштата, како и честички создадени при согорување. Според тоа, најчести извори на загадување се: индустриските капацитети, моторните возила, градилиштата и користењето неквалитетни горива за затоплување на домаќинствата. 

Македонија, особено градот Скопје мора да ја намали емисијата на суспендирани честички под граничната вредност од 50 µg/m3 или да ја сведе во согласност со маргината на толеранција чија часовна вредност изнесува само 25 µg/m3.   

И покрај напорите што единиците на локалната самоуправа ги вложуваат за справувањето со загадениот воздух, граѓаните не се во можност да забележат подобрување. Напротив, свесноста за загадениот воздух е сѐ поголема.

„’Еко-свест’, во соработка со ‘Аналитика’, ОРТ, Центарот за климатски промени, ‘Македонски зелен центар’, ‘Реактор’ и со поддршката од Александра Бујароска, правник, започнаа иницијатива за мапирање и идентификација на проблемите во системот поврзани со управувањето на квалитетот на воздухот во Македонија. Во првата половина на 2016 година, тие организираа серија работни средби и испитаа повеќе закони, со цел да подготват сумарен извештај кој понатаму би можел да се користи од страна на сите засегнати и вклучени страни во решавање на проблемот со аерозагадувањето. Овој извештај, исто така, дава и насоки за идни акции, законски дополнувања и измени и практични проекти, кои ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот.

Задачата пред сите нас е тешка, но од некаде мора да се почне. Авторите на овој извештај се надеваат дека со заеднички напори решавањето на овој проблем ќе стане поефикасно, посинхронизирано и поуспешно“, потенцираат од неколкуте еколошки граѓански организации.

Во Планот за управување со загадувањето, екологистите меѓу другото наведуваат дека од исклучителна важност се просторното и урбанистичкото планирање и зеленило.

Едни од основните начела на просторното и урбанистичкото уредување на просторот се: рамномерниот просторен развој, рационалното уредување и користење, одржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата.

Унапредување на просторот со зеленило, преку планско и одржливо подигање и одржување на зеленилото, заради зачувување на квалитетот и разновидноста на зеленилото, подобрување на квалитетот на воздухот, подобрување на квалитетот на живот во градските подрачја и унапредување на животната средина е цел на Законот за зеленило („Сл. весник на РМ“ 71/16). Имплементацијата на законот беше предвидена да отпочне во септември 2016 година со претходно усвојување на неопходните подзаконски акти. За жал, тоа не се случи. 

Дополнително, самиот закон има неколку пропусти кои го доведуваат во прашање неговото спроведување. Наспроти јасно дефинираните обврски за тешката и загадувачка индустрија (30% од парцелата), обврските за подигање и одржување зеленило кои се однесуваат на општините и приватните сопственици на простор се нецелосно уредени. На пример, за општините е предвидена обврска за подготвување на развоен план за три години и годишна програма за подигање и одржување на зеленилото за јавна употреба, во согласност со Законот за комунални дејности, а во него постојат само одредби за плаќање на комунални услуги за одржување на зеленилото и од каде тоа се финансира заедно со другите услуги. Тоа значи дека Законот за зеленило не предвидува задолжителен или минимален процент на зеленило за општините. Тоа се однесува и на приватните парцели. Подигање и одржување на зеленило за приватна употреба се должности на сопственикот на објектот кој своеволно предвидува процент на зеленило во согласност со својата планска документација. Доколку се работи за градежно неизградено земјиште, ова го утврдува сопственикот на градежното земјиште. Овој пропуст ја доведува во прашање целисходноста на усвојувањето на законот.

Во согласност со Законот за амбиентен воздух, зaбрането е согорување на отпадот на отворен простор. Имено, согорувањето на отпадот се врши во инсталации за таа намена, при што емисиите од согорувањето во амбиентниот воздух треба да бидат во рамките на законските гранични вредности. Предвидена е и глоба во износ од 500 евра за непочитување на оваа одредба. Дополнителни прекршоци и глоби предвидува и Законот за управување со отпад, кој во член 139 за оставање, фрлање, напуштање, горење или неконтролирано отстранување отпад предвидува глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра за правно лице и 1.000 евра за физичко лице. Сепак, овие сериозни финансиски глоби не ги спречуваат правните и физичките лица да вршат спалување на отпадот во своите дворишта или уште полошо, него (во форма на облека, мебел и слично) да го користат за загревање на домот.

Инсталации за горење и согорување се предвидени со Законот за управување  со отпад. Одобрението за градење на една ваква инсталација подлежи на Студија за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и ИСКЗ дозвола пред добивањето дозвола за градба во согласност со Законот за градба. Законот за управување со отпад предвидуваше обврска Министерството за животна средина и градоначалниците на општините да ги затворат и забранат дивите депонии во рок од една година од усвојувањето на Законот за отпад. Сепак, тоа не се случи, ниту пак има изгледи дека ова би се случило во блиска иднина. 

Управувањето со отпадот претставува сериозен системски проблем кој има потреба од стратешко решавање со доволно финансиски средства. На следниов линк можете да го преземете Планот за управување со загадувањето. ПЛАН за управување со загадувањето

А. Б.