/ Прочитано:

3.600

Експертски панел за судбината на реформите во услови на политичка криза

Во рамките на проектот  „Детски болести на демократијата“, Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка организираше експертски панел насловен како „Судбината на реформите во услови на политичка криза“. На панелот, покрај експертската дебата за реформите, се дискутираше и за резултатите од анкетата и истражувањето за спроведувањето на реформите.

Панелот го отвори новинарот и професор Сашо Орданоски, кој го истакна значењето на истражувањето во чии рамки е спроведена анкета за испитувањето на граѓаните околу реформите. Според податоците, посочи Орданоски, постои реално поместување во јавното мислење во однос на реформите.

Поконкретно за податоците добиени од анкетата говореше Александар Цветковски, претседател на АГТИС, кој се осврна и на користа на анкетните резултати, од кои произлегува процена која е потребна заради пласирање пореална и непропагандна слика за впечатокот на граѓаните за спроведувањето на реформите, како и нивните очекувања од реформите.

Според презентираните податоци од анкетата, 41% наспроти 44% од граѓаните сметаат дека Владата спроведува реформи. 41% наспроти 37% од граѓаните се согласуваат дека реформите се заради подобрување на условите на живот. 64% од граѓаните, пак, сметаат дека реформите се прават заради влез во ЕУ и НАТО, но 47% од граѓаните се согласуваат дека реформите се заради воведување на нови давачки, а 43% од граѓаните се согласуваат дека реформите се заради бројот на вработени на државно ниво.

Дека во Македонија постои реална тројна поделба на власта сметаат 42% од граѓаните, додека во 2016 година според споредбените податоци 57% од граѓаните сметале дека во Македонија не постои реална поделба на власта.

Исто така, 52% од анкетираните не се согласуваат дека институциите се навистина независни од Заев и најблиските соработници. Во 2016 година, пак, 65% од граѓаните мислеле дека државните институции не биле независни од Груевски и најблиските соработници.

Поголем процент од анкетираните граѓани не се согласуваат дека референдумот бил пречка за спроведување на реформите, но поголем процент од нив сметаат дека странските извештаи за реформите се точни. Повеќето граѓани не се согласуваат дека задолжувањата во странство се оправдани.

Воедно, 48% од граѓаните се согласуваат дека Владата нема способност да спроведе успешни реформи, додека пак 33% од граѓаните не се согласуваат со тоа. Дека Владата има волја да спроведе вистински реформи  сметаат 49% од граѓаните.

Политичката волја за реформите е клучна за да може успешно да се реализираат реформите беше генералниот заклучок од експертскиот панел, на кој излагања имаа професорите Борче Давитковски, Ана Павловска-Данева и Никола Поповски.

Професорот Давитковски посочи дека бирократијата најтешко се реформира и дека тоа не може да се реализира без цврста волја за реформи и без промена на сфаќањата за она што навистина преставува реформа. Професорката Данева акцентираше дека секоја реформа е политичка одлука и дека експертската јавност може да даде критички осврт за подобрување на реформите.

Таа подвлече дека потребно е да има и ветинг во администрацијата со цел воведување на критериуми за подобрување на нејзината ефикасност и работа. Професорот Никола Поповски подвлече дека за реформите во даночната сфера клучно е да се постигне стабилност и предвидливост на даночната политика и во таа насока да се движат најавените реформи во системот на оданочување.

На експертскиот панел свои излагања имаа и експерти од правосудството, економијата, безбедноста и публицистиката. Професорката Беса Арифи истакна дека во Македонија е важно големите судски процеси да имаат завршница, а професорката Наташа Габер-Дамјановска подвлече дека е потребна реформа и на уставното судство, особено во делот на воведувањето на уставната жалба, но и во делот на подготовката на текстот на одлуките, кои мора да бидат логични и квалитетно образложени. Адвокатката Мери Младеновска-Ѓорѓиевска истакна дека изминатите години не успеало да се афирмира начелото на законитост како правна вредност уште од римското право. Младеновска-Ѓорѓиевска додаде и дека во Македонија потребна била реевалуација на судиите.

Професорот Никола Дујовски го истакна значењето на реформите во поширок општествен контекст, додека пак Александар Николов го нагласи значењето од вклучувањето на јавноста при креирањето на законските решенија. Судијата Саша Ѓорѓевиќ посочи дека за реформата во судството најзначаен е моралниот код на судиите и желбата вистински да се спроведат реформите. Професорот Сефер Тахири го потенцираше значењето на реформите низ призмата на транспарентноста. На дебатата свој придонес дадоа и професорката Арта Билали, како и експертките Вања Михајлова и Паре Заревска.

Говорниците заклучија дека од експертскиот панел се разви плодна дискусија, од која ќе произлезат заклучоци кои ќе бидат во насока на спроведувањето на доследно спроведување на неопходните реформи во Македонија, што всушност е и една од целите на проектот на АГТИС насловен како „Детски болести на демократијата“.

Целта на проектот е да ја зголеми одговорноста, транспарентноста и реформската насока на Владата, напоредно со зајакнување на општите знаења за реформите, нивните причини, актери и мерењето на политичката волја преку подобрување на реформските процеси преку нивна мерливост, процена и подобрено медиумско информирање на јавноста.

М.В