/Прочитано:

169

ЕПИ: Реформи од клупа – колку можат да бидат ефективни?

Институтот за европска политика (ЕПИ) го објави истражувањето за ефективноста на механизмот на одредници на Европската Унија во Македонија, кое е спроведено во рамките на проектот БЕНЧЕР. Во рамките на истражувањето се анализираше ефективноста на одредниците на ЕУ за Македонија во 8 области од поглавјата 23 и 24.

Вовед кон истражувањето

Во рамките на новиот пристап на Стратегијата за проширување на ЕУ „прво основите“, процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ се фокусираше врз демократијата и владеењето на правото. Покрај принципот дека поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на демократијата и владеењето на правото, се отвораат први и се затвораат последни во текот на пристапните преговори, новиот пристап, исто така, се потпира и на опширен систем на одредување главни показатели. Како што се дефинира во официјалните ЕУ-документи, одредниците се мерливи алатки кои го подобруваат квалитетот на преговорите обезбедувајќи стимулација за земјите кандидати да ги преземат потребните реформи уште од рана фаза – тие се мерливи и поврзани со клучните елементи на поглавјата на аки (acquis ‘Законодавството на ЕУ’). Одредниците се поставени за пристапните преговори за поглавјата на аки – отворање и затворање на одредници. За поглавјата 23 и 24, покрај одредниците при отворање и затворање, дефинирани се и привремени одредници.

Механизмот за одредување главни показатели, исто така, се применува на земји што не се во процесот на пристапни преговори. Во различни облици и под различни називи, одредување главни показатели веќе се применувало во Македонија, а и покрај фактот што земјата сè уште не преговара за пристап кон ЕУ, одредници беа поставени во процесот за визна либерализација, Пристапното партнерство и Пристапниот дијалог на високо ниво. Во суштина, одредувањето главни показатели стана клучен механизам на политиката на условеност на ЕУ, кој треба да ја обезбеди конзистентноста и кредибилитетот на таквата политика. Што е уште поважно, одредниците треба да обезбедат поттик за понатамошните реформи.

Овој извештај, дел од регионален проект, ја проучува делотворноста на Системот за одредување главни показатели на ЕУ во однос на избрани области на политики во рамките на поглавјата 23 и 24, фокусирајќи се на случајот со Македонија. Примерокот беше избран откако се мапираа одредниците што се заеднички или слични меѓу шесте аспиранти за членство во ЕУ од Западен Балкан. Оваа регионална анализа претставува прв поголем обид за критичко оценување на степенот до кој се постигнати целите и нивото до кое се решени таргетирани проблеми со цел понатамошен напредок во процесот на пристапување во ЕУ.

Дел од наодите и препораките

Еден од главните наоди е дека механизмот за одредници како таков не постои во Македонија, иако може да се најде под „различни имиња” низ цела палета на документи и реформски приоритети. Не постои строг, прецизен документ кој би вклучувал рокови, но исто така би овозможувал валоризација. Сепак, за Македонија се воведуваат одредници кои се споредливи без всушност да водат кон преговори за пристапување.

„Многу од соговорниците ја критикуваат нејасноста на некои одредници, која според нивното мислење создава можности за нивно заобиколување, оставајќи простор за широко толкување на она што го подразбираат одредниците и не ја доловуваат суштината на промените. Како резултат на тоа, тие сугерираат поспецифични споредби што ги утврдуваат чекорите и целите во определен временски период. Што се однесува до содржината на одредниците и нивото на конкретизираност, можеме да тврдиме дека дополнително конкретизирање на одредниците во врска со конкретните чекори кои треба да се преземат би било проблематично. Тоа понатаму би ја негувало културата на очекување и прифаќање на готови решенија дадени од странци, што дополнително придонесува за ерозијата на домашните капацитети да осмислат и да спроведат реформи. Следствено на тоа, одредниците треба во суштина да се однесуваат на целите што треба да се постигнат, а не на тоа како треба да се постигнат. Тие треба јасно да се однесуваат на основните демократски норми и меѓународните стандарди како клучни одредници за пристапување во ЕУ, притоа избегнувајќи ги замките за прекумерна технизација“, се посочува во истражувањето.

Националните власти штом ќе ги одредат активностите, нивното спроведување треба да биде објективно измерено во однос на целите што ги постигнале, а не во однос на тоа дали се реализирани поединечните активности.

Повеќе прочитајте во истражувањето: РЕФОРМИ ОД КЛУПА – КОЛКУ МОЖАТ ДА БИДАТ ЕФЕКТИВНИ? ОДРЕДУВАЊЕ ГЛАВНИ ПОКАЗАТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА