/ Прочитано:

1.623

Европратеници бараат политичка и финансиска поддршка за подобрa енергетска иднина на регионот на Југоисточна Европа

Европратеници потпишаа заедничко писмо во кое бараат поддршка за да се обезбеди спроведување на Уредбата за мониторинг механизмот (MMR), како и стратегијата за нискојаглероден развој и за зајакнување на соработката во областа на енергетиката во Југоисточна Европа. Европратениците побараа Европската комисија и Енергетската заедница да ги гарантираат ресурсите кои се потребни за поддршка на воспоставување систем кој се базира врз институционална рамка со цел мониторинг механизмот да стане реалност.

Претставници на шест политички групи во Европскиот парламент овој месец потпишаа заедничко писмо до комесарот Марош Шефчович, заменик претседател на Европската комисија за енергетска унија, Мигел Овен Кањете, комесарот на Европската комисија за клима и енергија и комесарот на Европската Унија за политиката на соседство и проширување, господинот Јоханес Хан, барајќи поддршка за да се обезбеди спроведување на Уредбата за мониторинг механизмот (MMR), како и стратегијата за нискојаглероден развој и за зајакнување на соработката во областа на енергетиката во Југоисточна Европа.

Имајќи предвид дека Енергетската заедница на Југоисточна Европа, со поддршка на Европската комисија, во моментов работи на мерки за стапување во сила на ММР или мониторинг механизмот, кога станува збор за страните потписнички меѓу кои и Македонија, пратениците побараа:

„Политичкото значење на овие активности да се пренесе на највисоко ниво за да се осигура дека сите административни пречки за реализација на мониторинг механизмот се отстранети;

Европската комисија и Енергетската заедница да ги гарантираат ресурсите кои се потребни за поддршка на воспоставување систем кој се базира врз институционална рамка со цел мониторинг механизмот да стане реалност;

Европската комисија ја поддржува Енергетската заедница кога станува збор за зајакнување на регионалната соработка во областа на климатските акции и транспонирање и имплементација на законодавството на Европската Унија во однос на климата, со што се  осигурува поддршката за Регионалната пристапна мрежа за животна средина и клима (ECRAN) преку вклучување на Секретаријатот на Енергетската заедница;

Европската комисија и Енергетската заедница искажуваат голема поддршка за популаризација на климатските прашања во сите релевантни министерства“.

Според Соња Ристеска од Центарот за истражување „Аналитика“, ова е многу важен чекор од страна на eвропратениците, бидејќи се искажува поддршка за енергетските прашања и климата во моменти кога фокусот е ставен на политичките превирања на Балканот.

„Ова е важно затоа што чекајќи да ги решиме политичките проблеми во нашите држави, ќе нè навјасаат климатските промени чии последици се непоимливи. Колку што порано започнеме со постепена дејаглеродизација на нашите општества, толку подобро за целата Европа. Тоа овие европратеници го препознаа“, вели таа.

Писмото беше потпишано од: Тања Фајон, Тонино Пицула и Анелизе Додс (S&D), Улрике Луначек, Клод Турмес и Бенедек Јавор (Зелените/ЕФА), Едуард Кукан и Алојз Петерле (ЕПП), Моника Маковеј (ECR) и Димитриос Пападимоулис (GUE/NGL).

А. Б.