/ Прочитано:

1.990

Европски ден на граѓанската правда

Денеска во повеќе европски земји се одбележува европскиот ден на граѓанската правда. Целта на одбележувањето на овој ден е да го доближи до граѓаните правосудството и пристапот до правда на начин подобро да ги запознаат своите права, но и начинот на нивното остварување и заштита.

По повод денешниот ден Основниот суд Скопје 2 Скопје ги повика граѓаните да се запознаат со начинот на остварување на нивните права во судските постапки. Нашата мисија, истакнаа од Граѓанскиот суд, е владеење на правото, ефикасна правда достапна за сите граѓани.

Кон одбележувањето на Европскиот ден на граѓанската правда се приклучија и Нотарската комора и Комората на медијатори, кои за денеска најавија  активности. Нотарската комора на Република Македонија организира отворен ден во сите нотарски канцеларии низ државата.

Од Комората информираат дека нотарските канцеларии ќе бидат отворени за граѓаните во текот на целото работно време за тие да можат одблиску да се запознаат со работата и со надлежностите на нотарската професија и одговорноста што ја носи таа, како и со постапките во кои би можеле да се најдат граѓаните пред нотарите и со други прашања поврзани со нотаријатот како институција која е дел од правосудниот систем во државата.

Нотаријатот во Република Македонија како важен сегмент во правниот систем на државата, како што посочуваат од Комората, и во иднина  ќе ги поддржува ваквите активности сè со цел обезбедување поширок пристап до правда на граѓаните.

По повод Европскиот ден за граѓанска правда, Комората на медијатори на РМ во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ) и Центарот за правни истражувања и анализи, организира промотивен настан за медијација на отворено, во непосредна близина на Домот на АРМ во Скопје.

„Сите заинтересирани ќе можат да бидат информирани за процедурите, за предностите и за придобивките од примената на постапката на медијација во решавање спор, како и за улогата на медијаторот, преку непосредни разговори со медијаторите: Љупчо Сотироски, Бранко Ушковски, Роза Алексова, Фросина Кипровска Лукиќ, Дејан Белевски, Славе Младеновски, Илија Манасиев, Гордана Атанасова, Надежда Неделковска, Маја Ристовска-Стојановска и Ирена Цветковска, како и со претставниците на Институтот за европска политика и Центарот за правни истражувања и анализи“, информираат од Комората за медијатори.

М.В