/ Прочитано:

1.306

Европски ден на статистиката „Подобри податоци денес за подобро утре“

Државниот завод за статистика денеска го одбележува Европскиот ден на статистиката под мотото „Подобри податоци денес за подобро утре“.

На настанот најавено е учеството на премиерот Зоран Заев, директорката на Европското статистичко биро, Маријана Коцева, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, претседателот на МАНУ, Таки Фити, министерот за финансии, Драган Тевдовски, гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежовска, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, и деканот на Економскиот факултет, Љубомир Дракулески.

Статистичките информации во денешно време се од суштинско значење за процесот на одлучување во едно општество. Државниот завод за статистика е стручна и самостојна организација во рамките на државната администрација во Република  Македонија. Основни функции на институцијата се прибирање, обработка и дисеминација на статистичките податоци за демографските, социјалните и економските појави во македонското општество.

Освен тоа, Државниот завод за статистика е основен носител и координатор на статистичкиот систем на земјата. Тој е институција одговорна за меѓународната соработка во областа на статистиката, како и за дефинирање на статистичките методологии и стандарди и за обезбедување заштита на индивидуалните податоци што се прибираат од индивидуални лица и од правни субјекти.

Државниот завод за статистика својата дејност ја реализира во согласност со Законот за државната статистика, заедно со другите учесници во статистичкиот систем на државата дефинирани со Програмата за  статистички истражувања, 2018 – 2022 .

Меѓу другото, Државниот завод за статистика прибира податоци и од областа на правосудството. Статистиката на правосудството се темели врз податоците што се прибираат од редовните статистички истражувања за пријавени, обвинети и осудени полнолетни и малолетни сторители на кривични дела. Податоците се добиваат врз основа на статистичките истражувања од индивидуални статистички прашалници што ги пополнуваат надлежните основни јавни обвинителства и основните судови.

M.В