/Прочитано:

1.898

Европскиот ден на адвокатурата ги слави владеењето на правото и пристапот до правдата

Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE), каде што и Адвокатската комора на Република Македонија е членка, го прослави Европскиот ден на адвокатурата. Европскиот ден на адвокатурата ги слави владеењето на правото и придонесот на оваа професија во правниот систем, како и заедничките вредности на адвокатите.

За првпат, Европскиот ден на адвокатурата се одржа во 2014 година и оттогаш се прославува секоја година околу 25 октомври. Настанот има за цел да ја доближи правдата до граѓаните, да ги информира за нивните права, да ја промовира работата на Советот на Европа и на Европската комисија во областа на правдата преку симулација на постапки и информативни сесии.

Централна тема на настанот годинава е „Како дигиталната трансформација може да ја подобри врската помеѓу граѓанинот и адвокатот“. Темата има за цел да ги запознае граѓаните со новите технологии достапни за правната професија и нивното позитивно влијание врз развојот на односите помеѓу правниците и граѓаните, како и да се истражи начинот на кој дигиталните иновации можат да ја направат правната професија подостапна.

Промените во човечката технологија имаат капацитет да променат сè во нашиот живот – од когнитивни способности до индустриите и правно-политичките системи. Промените што ги припишуваме на дигиталната трансформација, затоа, не ги менуваат само законите и правото, туку и влезот во правната професија и адвокатската работа која подразбира и комуницирање со своите клиенти.

Во една дигитализирана Европа, одредени промени многу влијаат врз работата на адвокатите, како што се, на пример, промените во работата на судовите кои бараат од адвокатите да користат нови технички алатки за да ги направат своите поднесоци или да учествуваат на сослушувања.

Исто така, и клиентите очекуваат адвокатите да ја интегрираат својата работа во ИТ-системите што ги користат преку модерни нови апликации за пребарување и контактирање на адвокатите со граѓаните, фирмите, институциите и клиентите.  Ефикасноста и брзината на постапките, исто така, подразбираат и почитување на интересите и правата на клиентите, а со тоа и принципите на владеењето на правото и пристапот до правда.

Во однос на нормативната и општествената положба на адвокатите како заштитници на човековите права, од Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE) истакнуваат дека улогата на адвокатот, без оглед дали е ангажиран од поединец, од корпорација или од држава, е улога на советник и застапник од доверба, професионалец кој ужива почит од трети лица и неопходен учесник во праведното делење правда.

Лојалноста кон клиентот е сржта на адвокатската улога. Клиентот мора да биде во можност да му верува на адвокатот како на свој советник и застапник. За таа цел, адвокатот мора да биде независен, да го избегнува судирот на интереси и да ја чува довербата на клиентот.

Во однос на довербата и правичното судење, од Советот на адвокатските комори и друштва на Европа истакнуваат дека адвокатот никогаш не смее свесно да дава лажни информации пред судот, ниту пак да лаже трети страни во извршувањето на своите професионални активности.

Советот на адвокатските комори и правни здруженија упатува и на членот 6 од Европската конвенција за човековите права, во кој се вели дека секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

„Секој што е обвинет за кривично дело се смета за невин, сè додека неговата вина не се докаже по законски пат и во таа насока, секој обвинет ги има следниве минимални права: веднаш, на јазикот што го разбира, да биде детално известен за природата и причините на обвинението подигнато против него; да му се обезбедат време и услови неопходни за подготвување на неговата одбрана; да се брани самиот или со помош на бранител по свој избор, а доколку не располага со средства да плати бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога тоа го наложуваат интересите на правдата“, се пропишува во членот 6 од Конвенцијата.

Во рамки на Советот на Европа, 25 октомври се одбележува и како Европски ден на правдата. Прославувањето на Европскиот ден на правдата, истакнуваат од Советот на Европа, има за цел да ја нагласи потребата од доближувањето на граѓаните до правдата. Пристапот на граѓаните е едно од фундаменталните човекови права преку кои се огледаат и вредностите на принципите на владеење на правото и правната држава.

М.В