/ Прочитано:

1.017

Фајнанс тинк: Падот на бруто-инвестициите одраз на значителната воздржаност на инвеститорите

 

Во третиот квартал од 2018, БДП порасна за 3% на годишна основа. Иако овој раст е сè уште под потенцијалот на економијата, тој укажува на блага стабилизација на економската активност по продолжениот период на политичка неизвесност. И понатаму двигатели на економијата остануваат извозната активност и финалната потрошувачка. Особено растот на потрошувачката на домаќинствата останува детерминиран од растот на платите – во дел одреден и од зголемувањето на минималната плата, потоа од растот на кредитите на населението и на дознаките.

Сепак, падот на бруто-инвестициите и понатаму ги одразува значителната воздржаност на инвеститорите и застојот поврзан со реализацијата на државните капитални инвестиции. На производната страна, растот е на поширокопојасна основа споредено со претходно.

Стапката на невработеност забележа понатамошно намалување до 20,8%. Темпото на намалување на невработеноста е слично како и во претходниот период. Падот на невработеноста главно се должи на исцрпување на ефектите од претходните политики: вработувањата во странските фабрики (пораст на вработеноста во преработувачката индустрија) и активните мерки за вработување.

Во согласност со ваквите движења и со очекуваните движења и политики во 2019, „Фајнанс тинк“ проектира стапка на раст на БДП за 2019 на 3,3%. Основните претпоставки на оваа проекција вклучуваат стабилизација и намалување на политичките неизвесности, продолжување на приливот на странски инвестиции, забрзување на реализацијата на капиталните инвестиции на државата, како и отсуство на позначајни нарушувања во надворешната побарувачка.

Целата публикација може да се преземе на следниот линк.

М.В