/ Прочитано:

1.059

„Фајнанс тинк“ за еврообврзницата: Граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари

Потегот за издавање еврообврзница е очекуван потег од страна на Владата, имајќи ја предвид проектираната потреба за финансирање на Буџетот во износ од околу 600 милиони евра. Оваа потреба е генерирана од проектираниот буџетски дефицит и од износите кои достасуваат за враќање по однос на стари долгови.

Во таа смисла, „Фајнанс тинк“ смета дека износот на задолжувањето е во рамките на годинешните буџетски потреби, но заедно со депозитите на Владата во НБРМ во износ од 360 милиони евра (крај на декември 2017) обезбедува вкупна буџетска ликвидност од задолжувања во износ од 860 милиони евра, што треба да овозможи финансирање и по 2018, под претпоставка дека проектираниот буџетски дефицит нема да се пробие.

Постигнатата каматна стапка 2,75% (стапка на принос 3 %) е поволна и споредлива со каматната стапка која би се постигнала на домашниот пазар за слична рочност. Оттука, потегот да се искористи дел од новиот долг за рефинансирање на стар долг со повисока каматна стапка е коректен.

Сепак, во однос на надворешното задолжување, две главни прашања остануваат отворени.

Прво, Владата не отвори јавна дебата пред финализирање на издавањето на еврообврзницата. Ваквата дебата, колку и да не влијае врз конечната одлука, е корисна како за информирање на општата јавност така и за градење кредибилитет кај Министерството за финансии во контекст на почитување на намерата за целосна транспарентност, отчетност и вклучување на засегнатите страни во процесите на управување со јавните финансии.

Второ, „Фајнанс тинк“ остро се спротивставува на понатамошното користење на флоскулата „средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби“. Разбирливо е дека во техничка смисла овие средства ќе се слеат во Буџетот и ќе се користат за намирување на обврските како што тие доаѓаат. Но, во концептуална смисла, граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари и особено парите од високи задолжувања како што е ова. По одбивањето на износот што ќе се искористи за враќање стар долг, Владата мора јасно да комуницира со јавноста за што ќе се потрошат преостанатите пари. Тоа е поврзано со итната потреба да се отвори широка општествена дебата за капиталните инвестиции, нивната приоретизација и пресметка на корисноста за економијата.

M.В