/ Прочитано:

2.465

Федерална служба за статистика на Германија: Сè поголем е бројот на Британци кои бараат германско државјанство

„Бројот на граѓани на Обединетото Кралство кои стануваат државјани на Германија е во неверојатен пораст, а сè укажува на фактот дека ова е поврзано со почетокот на преговорите за Брегзит“, соопштува „Дестатис“. Федералната служба за статистика на Германија „Дестатис“ посочува примери од претходните десетина години, па така во 2007 година само 211 Британци зеле германско државјанство, а бројот значително почнал да се зголемува во 2014 година, кога 460 британски граѓани добиле германско државјанство, додека во 2015 нивниот број изнесувал 622. Во текот на 2016 година, пак, 2.865 граѓани на Велика Британија добиле германско државјанство, што во однос на 2015 година е пораст од 360,6 отсто.

Секоја година повеќе од 100.000 странци стануваат државјани на Германија, но минатата година е карактеристична по големата трка на британските граѓани по германска патна исправа, односно пасош. Според статистичките податоци, во 2016 година бројот на Британци кои добиле германско државјанство е за околу 3 и пол пати поголем од 2015 година. Овој феномен според направените анализи е директна последица од референдумот за излегување на Велика Британија од Европската Унија.

Според податоците на германската Федерална служба за статистика („Дестатис“), во текот на 2016 година 2.865 граѓани на Велика Британија добиле германско државјанство, што во однос на 2015 година е пораст од 360,6 отсто. „Дестатис“ очекува во текот на оваа година овој број да биде уште поголем.

„Бројот на граѓани на Обединетото Кралство кои стануваат државјани на Германија е во неверојатен пораст, а сè укажува на фактот дека ова е поврзано со почетокот на преговорите за Брегзит“, соопштува „Дестатис“.

Федералната служба за статистика на Германија посочува примери од претходните десетина години, па така во 2007 година само 211 Британци зеле германско државјанство, а бројот значително почнал да се зголемува во 2014 година, кога 460 британски граѓани добиле германско државјанство, додека во 2015 нивниот број изнесувал 622.

„Минатогодишниот скок на дури 2.865 Британци кои станале германски државјани очигледно е резултат на Брегзит. За да станат германски државјани, Британците не мора да се откажат од британското државјанство, бидејќи сè уште се граѓани на Европската Унија, а по целосно завршување на процесот на Брегзит, односно  откако Велика Британија и официјално нема да биде дел од Унијата, овие граѓани со германскиот пасош ќе може да ги задржат сите бенефиции како во Германија, така и во другите земји членки на Европската Унија“, појаснуваат од „Дестатис“.

Со оглед на фактот дека самиот процес на добивање германско државјанство трае од 6 месеци до една година, „Дестатис“ оценува дека оваа година се очекува многу голем број Британци да добијат германско државјанство и германски пасош. Во согласност со германската регулатива, секој што живее најмалку осум години во Германија или најмалку шест години е во брак со државјанин на Германија има право да бара германско државјанство. Во моментот кога едно лице поднесува барање за издавање германско државјанство, покрај тоа што мора да плати надомест во износ од 250 евра, исто така мора да полага тест за германскиот правно-политички систем, како и тест за познавање на германскиот јазик, но само во случај доколку лицето не завршило факултет или некои виши студии на германски јазик.

Освен овие услови, поголемиот број од лицата кои бараат германско државјанство мора да се откажат од дотогашното, освен ако не се државјани на некоја друга земја членка на Европската Унија или, пак, доколку е лицето родено во Германија, а неговите родители најмалку осум години живеат во земјата.

Наспроти рекордниот скок на бројот на Британци кои добиле германско државјанство, минатогодишната статистика покажува дека е констатиран рекорден пад на бројот на Турци, иако токму тие се најбројната нација која години наназад бара и добива германско државјанство. Според „Дестатис“, во текот на 2016 година 16.290 граѓани на Турција станале германски државјани, што е речиси двојно помалку од 2012 година.

Ланската година, од вкупната бројка на нови германски државјани, веднаш по Турците, најмногубројни се граѓаните на Полска – 6.632, потоа на Украина – 4.048, на Косово – 3.966, на Романија  – 3.828, на Италија – 3.597, на Ирска – 3.553, на Грција – 3.444, потоа следуваат граѓаните на Хрватска – 2.985, па на Велика Британија -2.865, како и на Србија – 2.596.

А. Б.