/ Прочитано:

1.813

Финансиски проблеми на судската власт – извештај на Судскиот буџетски совет

Годишниот извештај на Судскиот буџетски совет е поднесен во Собранието на РМ. Судскиот буџетски совет е надлежен за планирањето на потребните средства за функционирање на судската власт и за извршување на судскиот буџет. Со  судскиот  буџет  се  финансираат  судовите,  Судскиот  совет  на  Република Македонија, Советот за утврдување на факти и покренување дисциплинска постапка за судија и Академијата за  судии и јавни обвинители.

Буџетот одобрен за 2017 година (2.702.240.000 денари) не беше доволен за обезбедување средства за потребите на судската власт. Одобрувањето на потребните средства на почетокот на годината е важно за судовите да можат да ги планираат своите активности и јавните набавки. Поради недоволно обезбедени средства во буџетот на судската власт, се вели во извештајот, единките корисници на судската власт не се  во можност да постапат по одредени обврски кои се законски дефинирани:

– замена на компјутерската опрема во рок, во согласност со амортизираноста;

– доградба на софтверските програми од средствата на судскиот буџет;

– дејствија кои треба да се преземат за заштита на личните податоци, во согласност со Законот за заштита на личните податоци, но поради недоволно обезбедени средства во буџетот, судовите не можат да ги реализираат;

– не се обезбедени средства за набавка на опрема и оружје на судската полиција;

– не се врши редовно тековно одржување на различните системи на инсталации и други постројки во  судските згради;

– не се изврши воведување на системи за управување со квалитет во работењето на единките корисници (освен во Судскиот совет на РМ,  Врховниот суд на РМ, четирите апелациони судови и Академијата за судии и јавни обвинители) и др.

Примената на законските решенија за судскиот буџет од аспект на определување на судскиот буџет како процент од БДП ќе овозможи независност и самостојност на  судската власт во остварувањето на своите законски надлежности.

Судовите правеа напори за наплата на судските паушали и по тој основ обезбедија дополнителни средства за  тековното работење. Измената на Законот за кривичната постапка значително влијаеше врз намалувањето на обврските за вештачења кои претходно за потребите на основните судови особено на подрачјето на Апелациониот суд Скопје ги вршеше Медицински факултет – Институт за судски вештачења.

Структурата на буџетот, се вели во извештајот, мора да претрпи промена во насока на зголемување на учеството на капиталните расходи, каде што значително учество мора да има навремената замена, односно набавка на компјутерската и друга опрема и воведувањето нови софтверски решенија, нивно одржување и надградба.

Проблемот со несоодветната кадровска и старосна структура останува актуелен и во 2017 година. Исто така, значајно е и нерамномерното оптоварување на вработените од исти категории во различни судови. Во текот на 2017 година судовите се соочија со проблеми во имплементацијата на Законот за судска служба и Законот за вработените во јавниот сектор, со што се наметнува потреба за усогласување на овие два закона. Во 2017 година и покрај барањата на судовите за унапредување на повисоки работни позиции на вработените во судската власт, не беа обезбедени согласности од Министерството за финансии по наведениот основ.

Компјутерската опрема во судовите е застарена и недоволна на потребите на судовите и воведените софтверски решенија. Со судскиот буџет изминатите години не се обезбедуваа доволно средства за замена на постојната компјутерска опрема. Зависноста на судската власт од странски донации од аспект на набавка на нова компјутерска опрема и набавка и доградба на софтверски програми беше евидентна и во 2017 година.

Зградите во кои се сместени судските институции се стари и има потреба од реновирање на дел од нив. Возниот парк во судовите е стар и дотраен. Просечната старост на возилата е околу 19 години, што значи дека возилата имаат потреба од чести поправки, а исто така имаат голема потрошувачка на гориво.

Освен во судовите со проширена надлежност, каде што мебелот во судниците и во судските кабинети е обновен, во другите судови мебелот е стар, а во некои судови е речиси неупотреблив.

АБМС системот овозможува секојдневно следење на реализацијата на буџетите на судските единки, а добиените податоци овозможуваат да се постигне и висок степен на реализација на вкупниот буџет на судската власт.

Во 2016 година стапи во сила законската обврска досудени трошоци на постапките по правосилни одлуки на судовите, во согласност со Законот за прекршоците, Законот за правда на децата и Законот за малолетничка правда да паднат на товар на судскиот буџет. Тоа предизвика бројни проблеми од причина што рокот за доброволна наплата е многу краток, СБС нема увид во досудените пресуди, а странките често  наплатата ја бараа по присилен пат и сл. СБС достави барање до Министерството за правда за измена на оваа законска одредба.

ПРЕПОРАКИ:

Во соработка со Министерството за финансии да се обезбеди целосна примена на Законот за судски буџет во делот на обезбедување соодветен процент на судски буџет во однос на бруто-домашен производ.

Измена на Законот за судска служба, во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 заради надминување на проблемите со примената на постојниот Закон.

Измена на членовите од Законот за прекршоци, Законот за правда на децата и Законот за малолетничка правда кои регулираат дека трошоците на постапката во ослободителните пресуди паѓаат на товар на судскиот буџет.

Во соработка со Министерството за правда и Адвокатската комора да се изврши намалување на висината на цените на адвокатските услуги, што директно влијае на средствата кои се издвојуваат за оваа намена од судскиот буџети, кои се многу високи.

Обезбедување на согласност од Министерството за финансии за обезбедени средства за вработувања на приоритетни работни места, во согласност со проекцијата на СБС и барањата на единките корисници.

Унапредување на критериумите за подготовка и распределба на судскиот буџет, во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022.

Изработка на проекти за капитално инвестирање во судовите, во согласност со проектирани средства за капитални инвестиции за наредните фискални години (во координација со Министерство за финансии).

Обнова на возниот парк на судовите.

М.В