/ Прочитано:

1.642

Формирани повеќе кривични совети кои ќе одлучуваат по барањата за амнестија

Денеска стапи во сила Законот за амнестија. Во Кривичниот суд денеска се пристигнати помеѓу 50 и 100 барања од затворите по кои ќе постапува Судот во согласност со новото законско решение.

„До Судот се очекува да пристигнат околу 1.500 барања за амнестија, од кои 500 за целосно ослободување на осудени лица, а останатите 1.000 се за делумна амнестија. Во Судот веќе се формирани повеќе кривични совети кои ќе одлучуваат по барањата за амнестија. Овие кривични совети ги формиравме за да можеме да го запазиме рокот од пет дена во кој треба да се произнесе Судот за барањата од затворите. Со актот за амнестија, Кривичниот суд треба да утврди дека некое осудено лице ги исполнува условите за амнестија“, вели претседателот на Основниот суд Скопје, Иван Џолев

Според постапката, Судот треба да ги испрати одлуките до Министерството за правда, а оттаму до Управата за извршување на санкции.

Со Законот за амнестија не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од членот 123 од Кривичниот законик, кривични дела против избори и гласање (членовите 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, и тоа: членот 186, членот 187, членот 188, членот 189, членот 191, членот 193, членот 193-а, членот 193-б и членот 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (членовите 305-327) од Кривичниот законик, за кривични дела против јавниот ред (членовите 394-а – 394-г) од Кривичниот законик и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право  (членовите 403-418-а, 418-в до 422)  од Кривичниот законик.

M.В