/ Прочитано:

995

Форум за предизвиците на економските политики: Владеењето на правото е клучно за сигурноста на инвеститорите

 

Денеска, во организација на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, се одржа економскиот форум „Македонската економија помеѓу визија и дилема: предизвици на економските политики“. Со поздравен говор форумот го отворија Благица Петрески, извршен директор на „Фајнанс тинк“ и британскиот амбасадор Чарлс Гарет. Петрески и Гарет го нагласија значењето на денешниот настан, на кој говореа претставници на Владата, на ММФ, на Светската банка, на стопанските комори и претставници на деловниот сектор, како и универзитетски професори и експерти.

Владеењето на правото и стабилната политичка ситуација во државата, нагласи вицепремиерот Кочо Анѓушев, се основа за инвеститорите да чувствуваат сигурност во своите вложувања.

 

„Тогаш и Владата преку економски мерки може да ги стимулира компаниите и да го забрза економскиот раст. Има неколку можности да се зголеми бруто-домашниот производ: преку зголемување на домашната потрошувачка, преку раст на извозот и преку реализација на капиталните инвестиции. Со оглед на лимитираноста на можностите за зголемување на домашната потрошувачка, Владата се насочи на имплементација на мерки за поддршка на компаниите кои се успешни и кои се ориентирани кон извоз и кон реализација на капитални инвестиции на државата. Преку мерките од Планот за економски раст ќе се поддржуваат резултати на компаниите, а целта е да се реализираат нови инвестиции, технолошки развој, воведување на иновации и подигнување на конкурентноста на македонските компании на странски пазари. Воедно, Владата ќе се насочи на реализација на капитални инвестиции, на патна и железничка инфраструктура, а за тоа е потребно да бидат изработени квалитетни и целосни проекти“, посочи Анѓушев.

Според Анѓушев, мерката за зголемување на минималната плата дава резултати. Вработеноста е зголемена, а просечната плата исплатена во јануари забележа најголем раст на платите од 2010 година. Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека зголемувањето на просечната плата е резултат на подигнување на лимитот на минималната плата, но и дека за раст на економијата мора да се поддржуваат компании кои се успешни и кои се пред сè ориентирани кон извоз.

Едно од клучните прашања на овој форум беше и дали Македонија ќе може да оствари економски раст од 3,2 проценти и кои се клучните ризици. Тевдовски истакна дека растот е остварлив и дека Министерството за финансии води политика на умерено фискална консолидација и оти на среден рок веќе се преземаат мерки и на приходната и на расходната страна.

„На расходната страна ги скративме непродуктивните трошоци. Нема место за палми и за жални врби. Наместо на непродуктивни трошоци, оваа Влада се фокусира на темелите на општеството, домашната економија и интеграциите во НАТО и ЕУ“, нагласи тој.

Во однос на интеграцијата во НАТО, тој рече дека ќе создаде мултипликативен ефект и ќе овозможи и повисок економски раст. Во однос, пак, на најавените даночни реформи, важно е граѓаните да знаат дека за квалитетно здравство и за квалитетно образование важно е државата да работи на подобрување на даночната политика. Тевдовски потенцираше дека мерките кои се преземени, како на пример мерката за зголемување на минималната плата, веќе даваат резултати.

 

„Се стравуваше дека оваа мерка ќе резултира со отпуштања. Но, такво нешто не се случи. Невработеноста е намалена, а просечната плата во јануари оствари раст од 5,6 проценти во однос на јануари минатата година“, рече Тевдовски.

На форумот стана збор и за стапката за персоналниот данок, за која Тевдовски рече дека се предлага да остане на 10 отсто, а 18 отсто ќе биде за граѓаните кои имаат приходи над 1.000 евра.

Над 1.000 евра приходи имаат само два проценти од граѓаните. Ова засега е предлог на Министерството за финансии, рече Тевдовски, според кого во Македонија има висока нееднаквост и, како што посочи, планот е да се постигне баланс меѓу нееднаквостите со оваа блага и умерена реформа.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, рече дека мора да се направат длабински анализи бидејќи ако се спушти прагот над кој би се променила даночната стапка прениско, може да биде дестимулативно. Лично, додаде тој, мислам дека прагот треба да биде повисок.

На форумот со свои излагања учествуваа и претставникот на ММФ за Македонија Себастијан Соса и Марко Мантованели, директор за Македонија во рамки на регионот на Европа и Централна Азија при Светската банка. Исто така, на денешниот форум беше промовирана книгата „Како да ја подобриме иднината?“, за која ректорот на Универзитетот „Американ колеџ“, Марјан Бојаџиев,  рече дека нуди мерливи показатели за ефектите, за фискалните импликации, за засегнатите страни и нуди решенија и препораки за воведување нови мерки или унапредување на постојните.

 

М.В