/ Прочитано:

1.455

(ФОТО) ДЕБАТА ЗА ПРАВИЛНИКОТ: Адвокатите и обвинителите ги вкрстија аргументите, недостасуваше претседателката на Врховниот суд

Адвокатите и обвинителите ги вкрстија своите аргументи во однос на Правилникот за воедначување на казните во рамки вчерашната средба организирана од Адвокатската комора на РМ (АКРМ). И двете страни се согласни дека има голема диспропорција во однос на изречените казни на различни апелациони подрачја. И адвокатите и обвинителите сметаат дека мора да има „правила на игра“, но копјата повторно се кршеа околу уставноста на Правилникот. Иако поканета, претседателката на Врховниот суд на РМ, Лидија Неделкова, која сега е на потег да го изготви Правилникот, не беше дел од дебатата. Адвокатите инсистираа, на следната ваква средба, рамо до рамо со Јавниот обвинител на РМ Марко Зврлевски, обвинителот за организиран криминал и претседател на Работната група за изработка на упатствата за утврдување на начинот на одмерување на казните Јован Илиевски, претседателот на АКРМ Никола Додевски, да седне и првата дама на македонското судство Неделкова. 

Целта на средбата беше преку директно соочување на адвокатите и претставниците на Обвинителството кои учествувале во изработката на Упатствата да се расчистат дилемите што се појавија во јавноста во однос на Правилникот за воедначување на казните предвиден со последните измени на Кривичниот законик.

„Адвокатите никогаш не биле во позиција да не зборуваат и тоа не им е својствено. Адвокатите треба да зборуваат и да си го кажуваат мислењето отворено“, се обрати претседателот на АКРМ Никола Додевски.

Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски поздравувајќи ја реализацијата на средбата која ја нарече „револуционерна“, појасни како дошле до идејата дека е потребен нов концепт за воедначување на казнената политика.

„Тука сме да искажеме доверба кон вас, но и да ја добиеме довербата од вас. Тука сме да ја расчистиме дилемата што настана во кривично правната јавност. Уште пред повеќе од една година, по иницијатива на ОБСЕ се одржаа состаноци со претседателот на Врховниот суд и Јавниот обвинител на РМ. На состанокот се согласивме дека казнената политика не ни е воедначена, односно дека треба да се најде начин, кој ќе доведе до воедначување. Петнаесетина години, Врховниот суд го нема отворено прашањето за воедначување на казните. Беа направени повеќе анализи, беше формирана работна група од ОБСЕ која работеше на насоките на казнената политика. Здружението на јавни обвинители, пак, независно од оваа работна група побара паралелено да се формира уште една работна група која исто така ќе учествува  во изработка на методологии за одмерување на казната. Од тие причини, јас како мандатор, формирав работна група каде што не по некои правила, но по претходна консултации вклучивме повеќе судии, адвокати и стручни соработници. Оваа работна група, најпрвин во поголем состав, а потоа во помал работеше на Упатствата за одредување на видот и одмерување на висината на казната“, објасни Зврлевски.

Претседателот на Работната група за изработка на упатствата, обвинителот за организиран криминал Јован Илиевски истакна дека се воделе од идејата дека „мора да има некои правила на игра“.

 „Без правила, нема игра! Основната идеја ни беше да има правила кои ќе ги користат јавните обвинители, но сметам дека изготвивме еден поширок материјал кој многу би им бил корисен на судиите, а се разбира и на адвокатите. Доколку го сметаат спротивното може да сметаат дека Упаствата не постојат. Значи, на Врховниот суд е  како ќе го изготви правилник кој мора да го изготви“,  наведе Илиевски. 

Тој објасни дека работната група при подготовката на Упатствата тргнала од Стратегијата за реформа на правосудниот систем на Република Македонија која беше донесена во ноември 2004 година и каде е констатирана потреба за сериозна реформа во казнено правната област.

„Меѓу другото, во стратегијата како генерална цел е наведено владеењето на правото, а владеењето на правото подразбира правните правила да бидат општо познати. Просто ме изненадува: зошто некому би му пречело постоењето на правните правила кои на сите ќе им бидат познати и кои ќе важат еднакво за сите?!“,  потенцираше претседателот на Работната група.

Презентирајќи ги Упатствата, Илиевски предочи дека во работната група биле вклучени судии, јавни обвинители, адвокати и странски есперти. Како што посочи, изработените анализи покажуваат дека досудената просечна казна во сите предмети, во сите категории, се наоѓа далеку на долната граница на опсегот на предвидената казна пропишана со закон. Имено, анализите покажале дека просечната казна затвор изнесува 14,26 месеци што е далеку под највисоката пропишана казна, а највисоката досудена казна изнесувала 96 месеци, односно само половина од највисоката  пропишана казна.

„Ова укажува на фактот дека судиите воопшто не ја користат границата на казни која им ја налага законот. Исто така се дадени повеќе параметри и показатели – како се движат казните на различна територија и воопшто не може да се зборува за воедначена казнена политика. Ова значи дека во Република Македонија граѓаните не се еднакви пред законот. туку казната зависи од тоа каде е сторено кривичното дело и каде се наоѓа судот кој ја носи пресудата“, укажа Илиевски.

Тој додаде дека била спроведена и анкета во однос на казнената политика во Македонија, која опфатила 276 лица, меѓу кои: обвинители, судии, адвокати, припадници на МВР, Царинската управа, Управата за јавни приходи, но и лица чија работа нема нема допирни точки со работата на јавното обвинителство.

Адвокатите проблемот го лоцираат во слабиот судски кадар

На вчерашната средба, на која присуствува нешто повеќе од шеесетина адвокати, беа изнесени повеќе мислења,  а низ призмата на упатствата беа разгледувани и примери од праксата.

Адвокатот Александар Тортевски иако ги поздрави напорите на Комората, ја оцени средбата како задоцнета. Според него, целокупната стручна јавност е против носењето на правилникот.

„Мислам дека сите направивте грешка во старт, оваа средба е закаснета. Откако пациентот умрел, сега ќе го ставаме на терапија. Маријановиќ, Камбовски, Каневче…, целоупната стручна јавност е против. Зошто досега не се искористени алатките на системот?! Мислам дека е направена грешка во чекори. Измената на Кривичниот законик е противуставна. Јас и честитам на Адвокатската комора што најде сила да објави соопштение во кое заклучува дека е противуставна измената. Со ваков начин на донесувањето на законот, Собранието пренесува законодавна надлежноста на друг орган. Дали може да се гласа за закон што не знаеме како ќе изгледа? Сега самите кажувате дека овие упатства ќе му ги понудите на Врховниот суд и ми се допаѓа што господинот Илиевски разбира дека истите можат да останат за интерна употреба на Обвинителство, што јас во целост го поддржувам. Меѓутоа во презентацијата постојано се зборува: „судот ќе треба…“. Она што мене ме поттикна да бидам жесток, беше коментарот на претседателот на Основен суд Скопје 1 дека „правилникот ќе биде задолжителен за сите судии“. Денеска, пак, господинот Илиевски дваесет пати го употреби терминот „може“. Убеден сум дека со бодувањето нема да можат да се покријат сите ситуации. Значи ние бараме слободно и независно судство, а со правилникот ќе го ставиме во менгеме и ќе му ги скратиме можностите и распонот во кој размислува“, истакна Тортевски додавајќи дека проблемот е во слабиот судски кадар на одредени апелациони подрачја. 

Зврлевски, како одговор на ова, потенцираше дека ништо не задоцнето, а концептот на работната група дека не е задолжителен.

„Апсолутно ја прифаќам тезата дека максимумот и минимумите се измешани. Ние воопшто немавме намера да ставиме некого во калап. Ние не кажавме дека овој концепт ќе биде прифатен од Врховниот суд. Судот има 30 дена да го изготви правилникот, а вие, како и ние, имаме време за дискусија и врема да дадеме мислење. Значи ништо не е задоцнето, оваа прекрасна средба е да се видиме и поразговараме околу една идеја која сме ја имале. Ништо не гледам противуставно, па повеќе закони му даваат обврска на Врховниот суд да донесе правилник. Еден од тие правилници е Правилникот за трошоците во кривичната постапка. Не ми е намера да ги бранам измените во Кривичниот законик, јас чекам  да видам каков правилник ќе донесе Врховниот суд, меѓутоа ништо не гледам противуставно во обврската дадена со КЗ некој да направи правилник. Концептот кој ние го нудиме – дава јасно и прецизно решение, а Врховниот суд не знаеме дали ќе го прифати, значи се работи за препорака. Уставноста има кој да ја цени. Ценетите професори доколку навистина дале такви негативни коментари, не знам врз основа на што ги дале, кога никогаш не ги виделе упатствата. Никој од нив, ниту сме го повикале да ги цени, ниту сме сметале дека има потреба. Дали е упад во системот, може да разговараме во една друга прилика, кога тие ќе не повикаат и ќе напишат нешто ново. Со исклучок на нешто од пред 20-30 години, последните нивни писанија во однос на одмерување на казната датираат од пред половина век. Инаку тврдам дека во неформални разговори на оние кои им е добро објаснет концептот, се согласуваат со него“, наведе првиот човек на Јавното обвинителство.

Според поранешниот јавен обвинител и актуелен адвокат Ставре Џиков упатствата треба да бидат од интерен карактер и на судот не треба да му се наметнува правилник.

За адвокатот Еленко Миланов, не е правилно што странка во постапката се јавува како иницијатор за правилникот, а рокот за неговото изготвување е многу краток.

„И јас сметам дека средбата е задоцнета, бидејќи имаме Закон кој веќе е донесен. Ако во излагањето на Илиевски беше напоменато дека на ова работеле повеќе од една година, тогаш која е логиката претседателот на Врховен да го изготви за 30 дена?! Обвинителството и адвокатурата се странки во постапката, а судот е тој кој одлучува. Во овој случај, иницијативата е од странка во постапката и сметам дека тоа  не е правилно. Основата на системот не е казнувањето, туку ресоцијализацијата. Сега таа ресоцијализација ние ја бришеме“, потенцираше Миланов.

Зврлевски, пак, смета дека Врховниот суд има доволно кадар за да го изработи правилникот навремено. Според неговите наводи, и од ОБСЕ констатирале дека се потребни правила. Тој уверува дека јавните обвинители ќе постапуваат согласно упатствата и секоја казна што нема да биде изречена согласно нив ќе биде обжалена.

„ОБСЕ се изјасни дека не стои зад нашите упатства, но не се изјасни дека стои зад сличен проект со сличен наслов. Врховниот суд има три кабинети и мислам дека не е проблем правилникот да се изготви. Сигурен сум дека ова ќе биде алатка за соработка меѓу адвокатите и обвинителите, односно секоја казна која ќе биде донесена спротивно на правилникот ќе биде обжалена. Јавните обвинители ќе постапуваат согласно упатствата, односно секоја казна што нема да биде изречена согласно упатствата ќе биде обжалена и верувам дека на тој начин ние тие ќе влијаеме на казнеата политика. Ценам дека е многу правилно што државата оценила дека треба Врховниот суд треба да донесе правила, а не обвинителот“, наведе Зврлевски.

И адвокатот Ѕвонко Давидивиќ проблемот го лоцира кај судскиот кадар.

„Факт е дека судиите не знаат што се отежителни и олеснителни околности. Со ваквиот правилник нема да се реши проблемот. Судиите се тие кои изрекуваат казни, невоедначеноста  на казнена политика се должи на неработењето на апелационите подрачја. Овие работи не би се случувале ако сускиот кадар не е поткован и ако сускиот кадар не се обучи. Треба да се работи на константна едукација на судиите. Само правилникот нема да ни донесе воедначена казнена политика, потребни се критериуми за судиите!“, дециден беше Давидовиќ.

Од адвокатите кои на вчерашна средба зедоа збор, помалкубројни беа оние кои го поддржуваат донесувањето на правилник.

Адвокатот Јаким Наумов, кој бил дел од работната група која ги изработи Упатсвата, смета дека со правилникот не се нарушуваат дискреционите права на судиите.

„Професорите се професори, ама никогаш не влегле во судница. Тие не знаат какви се нашите проблеми. Ова се предлог правила, какви ќе бидат донесени тоа не знаеме. Ние не бевме тие кои во суштина поднесоа измени на КЗ, тоа го сторија други. Кривичниот законик е донесен од Собранието, но има едно правило: добар или лош, законот се применува. Што значи ова, претседателот на Врховен суд има обврска да донесе, дали е тоа уставно, не сакам да коментирам. Но едно знам, ниту се навлегува во дискреционите права на судиите, ниту се навлегува во индивидуализација на казните. Пред да се донесе правилникот од претседателот на Врховен суд, тој е должен да прибави мислење од Адвокатската комора и затоа ние сме должни да ги пренесеме нашите ставови“, рече Наумов.

Адвокатот Зоран Трајковски, пак, раскажа дека се препознал во симулациите кој беа презентирани во рамки на емисијата „КОД“ посветена токму на оваа тематика. Тој посочи дека негов клиент за тешка телесна повреда со смртни последици каде минималната казна е 1 година, добил 12 години затвор, а согласно упатствата преовладуваат олеснителни околности и тој би добил три и пол години затвор. Оттука, неговото прашање упатено кон обвинителите гласеше: „дали во ваков случај би поднеле жалба за висината казната, со оглед на тоа дека досега не сум слушнал обвинител да поднесе жалба за висина на казна?“

„Кога ги правевме Упатствата, направивме повеќе симулации и можам да потврдам дека оваа симулација е точна. Тој според Упатствата испадна дека би добил три и пол години затвор. Ако задолжителното упатство што Јавниот обвинител ќе го изведе, нас, пониските обвинители, не обврзе да постапуваме по правилникот, тогаш нормално би можеле да поднесеме жалба, законот ни дава такво право“, одговори обвинителот за организиран криминал Илиевски.

Младиот адвокат Даниел Георгијевски не се сложува со дел од своите поискусни колеги. Според него, се работи за добар концепт, кој, напротив, ќе ги тргне „црните дамки“ кои го валкаат македонското судство.

„Конечно ќе има правила на игра и од тој аспект јас го поддржувам овој концепт. Мислам дека е навистина добар, со тоа ќе се оневозможат оние црни дамки кои му се ставаат на судството, односно дека „можеш да платиш за помала казна“. Ако сакаме да оставиме добар впечаток на правосудството, тогаш ова не треба да биде проблем за никого. Дискреционото право на судија ќе постои и тука нема никаков проблем. Дека адвокатите ќе ја изгубат својата улога и тука не се сложувам со одредени колеги, поискусни. Напротив сметам дека адвокатот со ваквиот концепт ќе си ја добие улогата која му следува по закон. Ќе треба да се труди да докаже дека нема вина кај оној што го брани и второ ќе треба да ги докаже сите олеснителни околности за да влијае на казната. Од тој аспект адвокатурата не би требало да има проблем со правилникот.

Според Георгијевски, потребно е да се направи дополнителен напор и претседателката на Врховниот суд да биде дел од дебатата.

„Имам и едно барање до претседателот на Адвокатската комора, а верувам дека со мене ќе се сложат сите. Треба да инсистираме претседателката на Врховен суд да седне на оваа маса покрај сите вас, која иако беше поканета, не дојде денеска. Колегите треба да ги упатат овие забелешки до претседателот на Врховниот суд. Вака излегува дека е беспредметна целата оваа расправа, за нешто кое не е донесено, а треба да се донесе. Од овој аспект сметам дека треба да направиме дополнителен напор да ја обезбедиме претседателката на Врховниот суд“, подвлече тој.

Како заклучок од претседателот на АКРМ, Никола Додевски, беше изнесено дека соработката меѓу адвокатите и обвинителите треба да продолжи. Тој на своите колеги им порача  мислењата да ги достават до Комората.

>> Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик кои предвидуваат Правилник за воедначување на казните


Автор: Елена Павловска  / pavlovskae@akademik.mk

Oбјавено: 22.02.2014