/ Прочитано:

3.952

(ФОТО) Порака за единство и сплотеност на адвокатите од земјава, од регионот и пошироко, испратена на 73-годишнината на македонската адвокатура

Во присуство на бројни претставници на регионалните и европските адвокатски комори, претставници на правосудството, на државните институции, на домашната адвокатура, на академската заедница и на публицистиката, како и пред бројни почитувачи на адвокатурата и правото, на 5 мај 2018 година, во хотелот „Изгрев“ во Струга,  Адвокатската комора на Република Македонија свечено го одбележа  јубилејот – 73 години македонска адвокатура и го одржа 63. Годишно собрание на Комората во рамките на кое беше избран нов Управен одбор, нов претседател на  Комората – Љубомир Михајловски-Џанго, како и нови членови на другите органи на Комората. На настанот беше промовирана и монографијата „Адвокатурата во самостојна Република Македонија“, од авторот и адвокат Ставре Џиков, а  под покровителство и со поддршка на Адвокатската комора на РМ.

Досегашниот претседател, Никола Додевски, во рамките на свечениот дел  во својот говор испрати порака за зачувување на независноста на македонската адвокатура и за нејзино достоинствено одржување надвор од какви било влијанија. Тој потенцираше дека меѓусебното несогласување, ниските напади, меѓусебното непочитување се најсигурен пат за разнебитување на адвокатурата и порача адвокатите да не го одат тој пат.

„Почитувани гости, драги колеги, најнапред сакам да честитам 73 години од постоењето на македонската адвокатура. Драго ми е што можам да кажам неколку збора. Се надевам дека секоја годишнина ќе ја доживуваме како празник на адвокатурата, но празник во кој нема да ги заборавиме ниту проблемите, ниту предизвиците, ниту она со кое на некој начин сме помогнале да се унапреди адвокатурата. Овие 73 години македонската адвокатура ја одликуваат многу тешки моменти, многу  моменти кои се паметат како лоши за професијата, но еве можеме да кажеме дека во некој последен период полека, но сигурно таа ја враќа својата улога која е запишана и во Уставот на РМ и на некој начин успева да ја извојува битката со сите што ја загрозуваат професијата, и сакаме тоа да остане така и во иднина. Денеска имаме задоволство да промовираме и книга за македонската адвокатура, напишана од нашиот драг хроничар на македонската адвокатура Ставре Џиков, за која се надевам дека ќе одвоите време и прецизно и детално ќе го прочитате тоа за коешто имаме впечаток дека брзо сме го заборавиле за овој изминат период од 73 години, а особено за овие последни 5 и повеќе години, во кои се обидуваме македонската адвокатура да ја однесеме на нивото каде што ѝ доликува да биде.

Секоја година праќаме некаква порака од оваа говорница, пригодна за свечениот момент на адвокатурата, но и таква која ќе ги побуди оние што влијаат на адвокатурата. Оваа година пораката што сакам јас да ви ја упатам на сите вас е: да ја сочуваме историјата, не само историјата за овие 73 години наназад, да ја сочуваме и новата историја на современата независна македонската адвокатура, но ќе ја сочуваме пред сѐ со зачувување на  независноста на македонската адвокатура и нејзино достоинствено одржување надвор од какви било влијанија и со единствена битка за навистина самостојна и независна позиција на адвокатите. Најдобри бранители на ваквата позиција треба да бидат адвокатите. Бранителите по вокација не треба да очекуваат друг да им ја брани професијата, туку треба самите да си ја бранат професијата и тоа ќе биде единствен начин да се успее. Немојте да дозволиме тоа што е стекнато да ни биде одземено. Барајте начини на одбрана што се достоинствени и барајте сложност и меѓусебна почит меѓу адвокатите. Меѓусебното несогласување, ниските напади, меѓусебното непочитување се најсигурен пат за разнебитување на адвокатурата, немојте да го одите тој пат. Ви благодарам“, порача Додевски.

На свечениот јубилеј се обратија: Никола Ивановски, претседател на Уставниот суд на РМ, Тања Чачарова-Илиевска, посебен советник за правда во  Kанцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, Ранко Пелицариќ, потпретседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE), Ралица Негенцова, претседател на Вишиот адвокатски совет на Бугарија, Бахрија Даутовиќ, претседател на УО на Адвокатска комора на Федерацијата БиХ, Александар Цвејиќ, секретар на УО на Адвокатска комора на Србија, Билјана Бјелетиќ, заменик-претседателка на Адвокатска комора на Војводина, Жива Дрол, член на УО на Адвокатска комора на Словенија, Осман Хаволи, претседател на Адвокатска комора на Косово и Миленко Распопoвиќ, член на УО на Адвокатска комора на Црна Гора.

Претседателот на Уставниот суд на РМ, Никола Ивановски, во својот говор истакна дека Уставниот суд и адвокатурата се уставни категории кои дејствуваат во ист правец, иако од различни позиции, но и двете се во функција на заштита на слободите, правата и интересите на човекот и граѓанинот и со тоа се од клучна важност за почитување и примена на принципот на владеење на правото. Како многу значаен сегмент и од особено значење за остварувањето на правото на граѓаните, како во постапката пред судовите така и во помошта при советувањето на граѓаните во остварувањето на нивните права или други потреби, го акцентираше давањето на квалитетна услуга на граѓаните од страна на адвокатите.

„Во овој контекст, не помалку значајна е организираноста на адвокатите. Колку сте поорганизирани, посплотени, толку сте поефикасни и поуспешни. Во досегашното работење, извршувајќи ги вашите секојдневни обврски и должности, го докажавте тоа. Јас можам само да ви честитам на овој план и да ви ја да дадам мојата целосна поддршка во овој правец. Вие бевте креатори и на нормативата од оваа област и пошироко. Со вашите активности учествувавте посредно и непосредно, бевте и сте активни и на меѓународен план и тоа го потврдувате и со денешното одбележување на Деновите на македонската адвокатура, на кое се присутни многу гости од значајни врвни институции и институции од државата, од регионот и пошироко, што е доказ за вашата успешност, за вашето етаблирање во системот“, рече претседателот на Уставниот суд на РМ, Никола Ивановски.

Тања Чачарова-Илиевска, посебен советник за правда  во Канцеларијата на претседателот на Владата на РМ,  пренесувајќи искрени честитки во име на премиерот на РМ, Зоран Заев, по повод „Деновите на македонската адвокатура“, порача сите општествени чинители, вклучувајќи ги адвокатите, да изградат широк консензус во создавањето  на реформите, што, како што рече,  ќе донесат правда и достоинствен живот, еднаков за сите граѓани на РМ.

„Одбележување на повеќе од 70 години постоење е историски настан, кој говори за опстојувањето и за развојот на адвокатската професија.  Адвокатите преку нивната благородна улога како заштитници и борци за правда и праведност, всушност, учествуваат во градењето на нашата татковина, нашата Македонија, како демократска држава, која создава услови за обезбедување општествена одговорност и почитување на основните човекови права и слободи на сите граѓани подеднакво. Македонската адвокатура, вашата адвокатска професија, денес е етаблирана како јавна, самостојна и независна служба во согласност со Уставот на РМ.  Дозволете ми да ја изразам сета почит на премиерот и на Владата за вас, припадниците на современата адвокатска професија. Со својата работа и посветеност ги продолжувате традициите на зачетоците на македонската адвокатура, водејќи се единствено од начелото заштита на правата и слободите на граѓаните“, истакна Чачарова-Илиевска, подвлекувајќи дека Владата во адвокатурата гледа рамноправен партнер, кој како заштитник на граѓаните ќе влијае на создавањето општествена средина каде што се спроведуваат принципите на владеењето на правото, јакнење на независноста и на професионалноста на судиите и на другите правосудни органи.

Ранко Пелицариќ, заменик-претседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE) и претставник на Адвокатската комора на Хрватска, ѝ го честиташе јубилејот на Адвокатската комора на РМ, а истовремено му честиташе и на Додевски за  начинот на водењето на Комората и за успехот во изминатите пет години, како и на Џиков за монографијата „Адвокатурата во самостојна Република Македонија“.

„Кој нема историја, нема ниту иднина. Латинската изрека verba volantscripta manent,  исто така, може да се примени. Она што не го наоѓаме во зборовите и книгите нема ни да постои за 20, 50 или 100 години. Поради тоа им честитам на сите колеги адвокати, но  и на вас кои сте овозможиле книгата да се реализира“, истакна тој.

Објаснувајќи ја улогата на CCBE,  Пелицариќ потенцираше дека се работи за организација во која членуваат адвокатски комори од 45 земји во светот, преку кои CCBE застапуваат еден милион адвокати во Европа, а тоа, како што наведе, го признава и Европската Унија.

„Со тоа нашиот глас е и силен и сериозен и мораме, како што беше истакнато претходно, да се држиме заедно. Можам да кажам дека мотото на шахистите ‘gens una sumus’ им одговара и на адвокатите. Ние сме елитниот дел на правници, адвокати кои навистина мораат да имаат своја етика и затоа сме организирани во адвокатски комори да ги зачуваме нашите права, но не заради нас, туку заради нашите клиентите. Силната адвокатура значи силна демократија. Нападот на адвокатурата и нападот на поединечни права на адвокатите значи напад на демократијата и тоа е она за кое, како што и досега се залагавте, ќе треба и во иднина да се залагате, но морате да работите и да ги уверите и државните власти дека тоа го правите за вашите клиенти“, подвлече заменик-претседателoт на CCBE, Пелицариќ.

Ралица Негенцова, претседател на Вишиот адвокатски совет на Бугарија, исто така, упати порака за обединување на адвокатурата со цел заштита на правата и интересите на граѓаните, но и заштита на основните принципи на професијата.

„Иако ја практикуваме адвокатурата во различни држави, ние не само што имаме исти цели и задачи, ние имаме и исти проблеми.  За да можеме успешно да ги решиме задачите што сме си ги поставиле и да ги постигнеме целите, да ги решиме проблемите, треба да сме обединети, обединети во борбата не само за заштита на правата и интересите на граѓаните, но и за заштита на основните принципи на адвокатската професија“, истакна Негенцова.

Во име на Адвокатската комора на Федерацијата Босна и Херцеговина се обрати Бахрија Даутовиќ, претседател на УО на Комората.

„Чест и задоволство ми е да присуствувам на одбележувањето на 73-годишнината од постоењето на македонската адвокатура. Безбројни се соработките на Адвокатската комора на РМ и на Адвокатската комора на Федерацијата БиХ во насока на зајакнување на позицијата на адвокатурата, но ова не е прилика да ги набројувам и да ги елаборирам. Она што сакам да го направам е во име на адвокатите, стручните соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Федерацијата БиХ да ви ја честитам 73-годишнината и да ви посакам успех“, рече Даутовиќ.

Александар Цвејиќ, секретар на УО на Адвокатска комора на Србија упати честитки до Адвокатската комора на РМ  во име на, како што рече, 10.000 членови на Адвокатската комора на Србија.

„Сите нас нè мачат исти проблеми и јас би сакал вие на вашиот јубилеј да ги избегнете проблемите што ја мачат Адвокатската комора на Србија. Ви посакувам да имате добра соработка со Владата бидејќи тоа е од исклучително значење за професијата. Очекувајте ја секако поддршката од Адвокатската комора на Србија и сите нејзини членови. Ви посакувам успешна работа“, истакна Цвејиќ.

Билјана Бјелетиќ, заменик-претседателка на Адвокатската комора на Војводина, ѝ посака успешна работа на Адвокатската комора на РМ, изразувајќи надеж дека и новото раководство ќе ја води Комората успешно и достоинствено.

„Се надевам дека ќе го завршите денот достоинствено. Дека ќе ги изберете оние што ќе ве претставуваат на начин на кој го правеа тоа досегашните ваши претставници и претседателот Додевски на кој сакам да му честитам за она што го направи за адвокатите, не само за македонските адвокати, туку за адвокатурата воопшто. Кога говориме за адвокатурата мораме да бидеме свесни дека сето она што се случува во една комора има и тоа како последици врз адвокатите и адвокатските комори во регионот и во Европа, бидејќи сме сведоци дека нѐ мачат исти проблеми, само во различни временски периоди и дека само она што денеска повеќе пати од оваа говорница беше потенцирано и кое упорно во последниот период го повторуваме – единството во борбата за независност и самостојност на адвокатурата може да нè одржи таму каде што и навистина припаѓаме“, истакна Бјелетиќ.

Жива Дрол, член на УО на Адвокатска комора на Словенија, во своето обраќање потенцираше дека размената на искуствата помеѓу коморите е од исклучително значење за адвокатурата во регионот и во Европа.

„Навистина е значајно што се среќаваме тука и што ги одржуваме нашите пријателски односи. Размената на искуствата и погледите помеѓу коморите е од исклучително значење за адвокатурата во регионот и во Европа. Драги македонски колеги, ми преставува особена чест и задоволство да ве поздравам од името на словенечките адвокати и да ви посакам успех во вашето професионално работење и воедно да ви ја честитам 73-годишнината“, истакна Дрол.

Осман Хаволи, претседател на Адвокатска комора на Косово, во своето обраќање ја истакна одличната соработка што ја имаат македонската и косовската комора.

„Се надевам дека оваа одлична соработка ќе продолжи и понатаму и со македонската, но и со другите комори од регионот и пошироко. На Адвокатската комора на РМ ѝ посакувам успех во својата работа, а на Никола Додевски му посакувам успех во својот живот и чувствувам должност да ја истакнам соработката што ја имавме и се надевам дека таа ќе продолжи и понатаму. Она што е најбитно за нас, како адвокати, и што треба да се потенцира е дека адвокатите се амбасадори во застапувањето на човековите права и не треба нас да нѐ делат никакви разлики“, порача Хаволи.

Во име на Адвокатската комора на Црна  Гора се обрати Миленко Распопoвиќ, член на УО на Адвокатска комора на Црна Гора.

„Исклучителна чест и задоволство ми е да ве поздравам во име на адвокатите на Црна Гора и на претседателот Беговиќ. На домаќинот му посакувам среќен јубилеј, а на сите вас – професионален успех. Ваквите средби барем за миг нè потсетуваат на некои времиња кога бевме многу поблиски отколку што сме денес. Овие настани придонесуваат  за поголема слога, толеранција, не само помеѓу нас, колегите, туку и помеѓу нашите народи и држави“, рече Распоповиќ.

Во рамки на свеченоста, досегашниот претседател Додевски за успешното раководење на Комората доби признание од страна на Стручната служба на Комората. Свеченоста беше финализирана со концерт на светски познатиот гитарист Влатко Стефановски.

Избрани нови членови на органите на Комората

Во рамки на 63-тото Годишно собрание, кое исто така беше одржано на 5 мај, Собранието избра нов Управен одбор, како и членови на Надзорниот одбор, на Дисциплинскиот суд, дисциплински обвинител и членови на Жалбениот совет. На конститутивната седница, новиот Управен одбор едногласно го избра адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго за нов претседател на Адвокатската комора на РМ.

За членови на Управниот одбор беа избрани:

  • ЉУБОМИР МИХАЈЛОВСКИ-ЏАНГО (претседател), адвокат од Скопје
  • БЕСИМ РЕЏЕПИ (заменик-претседател), адвокат од Гостивар
  • ЈЕЛЕНА РИСТИЌ (заменик-претседател), адвокат од Скопје
  • ЖАНА КУЗМАНОВСКА (член), адвокат од Скопје
  • ГОРДАНА МИТОВСКА (член), адвокат од Скопје
  • СТЕВЧЕ ГЛИГОРОВ (член), адвокат од Скопје
  • ДИМИТАР ПАНЧЕВСКИ (член), адвокат од Скопје
  • ВЛАДИМИР СТОЈКОСКИ (член), адвокат од Струга
  • СТОЈАН ПРЕНЗОСКИ (член), адвокат од Охрид
  • ЖИВКО АЈТОВ (член), адвокат од Кавадарци
  • НИКОЛА ПЕТРОВ (член), адвокат од Струмица
  • ВАНЕ АНДРЕЕВ (член), адвокат од Струмица
  • ДОНЕ КУЗМАНОВСКИ (член), адвокат од Битола
  • НИКОЛА ГЛАВИНЧЕ (член), адвокат од Битола
  • АЛЕКСАНДАР СИМЈАНОВСКИ (член), адвокат од Тетово
  • ОЛИВЕР ГАШЕВ (член), адвокат од Велес
  • ДАРКО ЏОРЛЕВ (член), адвокат од Штип

За членови на Надзорниот одбор беа избрани:

  • НЕНАД ТРИФУНОВСКИ, адвокат од Тетово
  • НИКОЛА АРСОВСКИ, адвокат од Скопје
  • ВЛАТКО РИСТОВСКИ, адвокат од Скопје

Заменици-членови на Надзорниот одбор:

  • БОЈАНА НЕТКОВА, адвокат од Скопје
  • ЛИДИЈА РИСТОВСКА, адвокат од Скопје
  • ГОЦЕ ТАСКОВ, адвокат од Свети Николе

За дисциплински обвинител на АКРМ беше избран:

  • КИРИЛ ГОЏИРОВ, адвокат од Струмица

За заменици на дисциплинскиот обвинител беа избрани:

  • РИСТО КАРКАЛАШЕВ, адвокат од Гевгелија,
  • ИЛИЈАНА МАКАРОВСКА, адвокат од Скопје
  • АЛЕКСАНДРА БОИНСКА, адвокат од Скопје

За членови на Дисциплинскиот суд беа избрани:

  • КИРИЛ КОЛЕМИШЕВСКИ, адвокат од Скопје
  • ФИЛИП ФИЛИПОВСКИ, адвокат од Гостивар
  • ИЛИЈА ЧЕКОРОВ, адвокат од Кавадарци

За членови на Жалбениот совет беа избрани:

  • БИЛЈАНА ЈАНДРИОВСКА, адвокат од Скопје
  • МИРЈАНА ГЕРАЗОВСКА, адвокат од Скопје
  • ВАСИЛ АРАБАЏИЕВ, адвокат од Струмица
  • ЗЛАТКА ДЕНКОВСКА, адвокат од Скопје
  • ЈОВАН БАКАРЏИЕВ, адвокат од Скопје

За заменици-членови на Жалбениот совет беа избрани:

  • РЕНАТА МИЛАДИНОВСКА, адвокат од Скопје
  • СЛАВИЦА МИТКОВСКА, адвокат од Неготино
  • ТАТЈАНА СОКОЛОВСКА, адвокат од Скопје
  • ЗОРАН СТОЈАНОВСКИ, адвокат од Тетово
  • ТРАЈЧЕ МИТЕВСКИ, адвокат од Кавадарци

М.В