/ Прочитано:

2.489

(ГАЛЕРИЈА) Академик ги одржа и студентските обуки од областа на кривичното право

Академик го заокружи циклусот студентски обуки по кривично право. Предавач на обуките беше судијката Васка Николовска-Масевска од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Темите на обуките ги опфатија прашањата за претходната постапка и нејзините фази и елементи, како и за главната расправа и донесувањето на пресуда.

Во таа насока, студентите практично се едуцираа за елементите на предистражната и истражната постапка, за наредбата за спроведување истрага; за записникот од сослушување сведок; за обвинението и за видовите пресуди.

На обуките беше реализирана симулација на главна расправа, а исто така имаше и практични вежби за изготвување обвинителен акт и пишување пресуда.

Студентите велат дека токму практичните вежби имаат најголемо значење за нив од овој вид обуки.

„Низ практичните вежби ние можеме да го пренесеме стекнатото теоретско знаење применувајќи го врз конкретен акт. Најважно за еден правник е да умее практично да ја примени теоријата. На овие обуки и тоа како се учи за практиката и за правилната примена на законите од областа на кривичното и граѓанското право…

…Многу сме задоволни од квалитетот на обуките, кои ни овозможуваат да го надградиме академското знаење, но  и да се стекнеме со нови практични вештини, кои пак се важни на пазарот на трудот“, истакнуваат студенти, потенцирајќи дека и квалитетното предавање на судијката и пријатниот простор создале многу креативна атмосфера.

Судијката Масевска посочи дека практичното образование има клучна улога во развојот на студентите како идни и млади правници и дека нивното знаење најдобро се изразило низ успешните резултати во врска со подготовката на актите.