/ Прочитано:

1.057

Германски искуства за законодавството од областа на земјоделството

Членовите на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во Собранието на РМ  остварија средба со германска делегација, предводена од Ханс Георг фон дер Марвиц, пратеник од Бундестагот, на која беше предочен огромниот потенцијал на земјоделството во Република Македонија, пред сè на виното и тутунот, и во таа насока беше истакнато значењето на законодавството од областа на земјоделството за развој на тој потенцијал.

Со оглед на тоа што 40 % од населението во земјава е рурално, заеднички интерес е носењето закони коишто ќе го олеснат функционирањето на земјоделскиот сектор.

Тенденцијата на усогласување на македонското законодавство со европското мора да продолжи, законските решенија треба да се имплементираат, а земјоделските политики задолжително треба да се уредат за да станеме конкурентни на пазарот.

Како дел од мерките за решавање на проблемите во земјоделскиот сектор, на средбата беа споменати: системското развивање на земјоделските политики, складната политика на субвенционирање, ефективно искористување на средствата од ИПАРД-програмата, нови технологии, максимално искористување на обработливите површини и др. Поради раситнетоста на земјоделските површини, здружувањето на земјоделците е важна цел, и во таа насока треба да се работи на обуки на земјоделците.

Германскиот пратеник Марвиц информираше дека имаат одлични стручно-образовни можности, и во земјоделството и во занаетчиството, со можност за пракса и теорија, и што е многу важно – грижа за потомокот, односно пренесување на знаењето на младите.

„Мора да има политички предуслови за да има економски развој. За да функционира руралната средина, мора да има инфраструктура“, потенцираше Марвиц.

М.В