/ Прочитано:

1.843

Гигантот „Ролс-Ројс“ казнет за корупција

Од компанијата „Ролс-Ројс” изјавиле дека се постигнати повеќе спогодби со Министерството за правда на САД и со властите во Бразил и дека овие договори кои се однесувале на коруптивни зделки вклучувале голем број посредници од странски пазари. Спогодбите кои ги склучила компанијата „Ролс-Ројс” предвидуваат одбегнување од кривично гонење под услов да ја исплати сумата од 671 милион фунти. Овој коруптивен скандал претставува срам за една мултинационална компанија која продава турбини и мотори за патнички и воени авиони низ целиот свет.

Ролс Ројс

Водечкиот британски мултинационален производител на автомобили „Ролс-Ројс“ треба да плати 671 милион фунти казна по завршените истраги во врска со тврдењата дека дал поткуп за договори за пласман.

Спогодбата за плаќање на оваа сума значи дека оваа компанија ќе избегне кривично гонење од инспекторите за антикорупција во Велика Британија, во САД и во Бразил, иако нејзините извршни директори би можелe да бидат гонети.

Овој случај доаѓа пет години откако истражителите повеле истрага на три континенти во врска со тоа дека од компанијата „Ролс-Ројс” платиле 13 милијарди фунти поткуп за да обезбеди пласман во земјите низ светот.

Минатата година приватен истражител ангажиран од весникот „Гардијан” и од телевизијата „Би-би-си” открил 12 држави во кои компанијата „Ролс-Ројс” вработила комерцијални агенти и советници за да ѝ помогнат во обезбедување договори од голема вредност.

Антикорупционерите велат дека Владата на Британија не била сериозна кога ветила дека ќе води борба против поткупот и дека ќе ја направи Велика Британија непријател на корупцијата.

Сузан Холи, директорка на невладината организација за борба против корупцијата „Корапшан воч“, за спогодбата вели дека е доказ дека Велика Британија нема намера да ги гони големите компании, додека пак Роберт Барингтон, извршен директор на „Транспаренси интернешенал”, вели дека за тој случај мора да се бара индивидуална одговорност.

Во документот објавен во понеделникот, компанијата „Ролс-Ројс” се обврзува да му плати 497 милиони фунти на СФО, независен оддел во Владата на Британија кој се занимава со гонење на сторители на сложени кривични дела поврзани со измама, мито и корупција. Понатаму, „Ролс-Ројс” треба да плати казна од 169 милиони долари на Министерството за правда на САД и 25 милиони долари на бразилските власти.

Според неодамнешните законски измени во Велика Британија, компанијата против која се води истрага за измама може да плати парична казна како спогодба за запирање на истрагата, но доколку продолжи со противзаконски дејствија, истрагата повторно може да биде отворена.

Од компанијата „Ролс-Ројс” изјавиле дека се постигнати повеќе спогодби со Министерството за правда на САД и со властите во Бразил и дека овие договори кои се однесувале на коруптивни зделки вклучувале голем број посредници од странски пазари.

Спогодбите кои ги склучила компанијата „Ролс-Ројс” предвидуваат одбегнување од кривично гонење под услов да ја исплати сумата од 671 милион фунти. Овој коруптивен скандал претставува срам за една мултинационална компанија која продава турбини и мотори за патнички и воени авиони низ целиот свет.

Компанијата „Ролс-Ројс” имала блиски релации со сите британски власти досега, без разлика која партија е на власт, а за сметка на тоа министрите лобирале кај странските влади за продор на овој гигант на нивните пазари со што му обезбедиле голем број на вредни договори.

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон пред неколку години изјави дека компанијата „Ролс-Ројс” е светски лидер во развојот на технологиите, на што целиот свет треба да биде горд.

Марк Инграм, маркетинг аналитичар од компанијата „БГЦ Брокерс“, пак, денеска изјави дека проблемот е во тоа што сумата на казната е доста висока.

„Иако во изминатите години компанијата Ролс-Ројс имаше бројни предупредувања во врска со профитот, што требаше да биде индикација за последиците, веста за висината на казната за компанијата дојде како гром од ведро небо и таа е преголема дури и за гигант како Ролс-Ројс“, истакна Инграм.

Во меѓувреме компанијата „Ролс-Ројс” изрази безрезервно извинување до јавноста по обелоденувањето на овој скандал.