/ Прочитано:

1.209

ГО САКАМ ВОДНО: Правната држава не функционира и не се почитува цела листа на прописи

Кога институциите остануваат глуви, кога правната држава не функционира, живиот штит е единствената и последна опција оставена во рацете на граѓанинот, се вели во денешното соопштение на Иницијативата „Го сакам Водно“.

Вчера, се вели во соопштението на иницијативата, продолжија градежните активности за изградба на гасоводот преку Водно. На диво, би рекле, зашто се работи без почитување на цела листа на прописи, законски обврски, почнувајќи од:

– немање ознаки,

– немање обележан заштитен појас околу градежните работи,

– нема знак за предупредување дека работи тешка машинерија,

– нема документација на терен,

– работниците се без адекватна униформа и заштитна облека,

– нема мобилни тоалети,

– возилата се без ознаки,

– нема соодветен надзор,

– нема обезбедено постојано присуство на противпожарно возило,

– нема полнење бензин на строго определени места кои се водонепропусни,

– се отстрануваат грмушки во период кога не смеат, пред 30 септември,

– нема мерки за да се спречат истекувањата на масла, гориво и лубриканти од механизацијата,

– нема строго и прецизно мониторирање од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како што тоа го вети заменик-министерот Јани Макрадули на прес-конференцијата минатата недела,

– се работи на изменета траса, не на проектираната траса и за степенот на измена треба да се утврди дали е во законските рамки на постојното одобрение за градење, кое пак самото содржи низа нерегуларности.

За сите овие пропусти, посочуваат од Иницијативата, поднесени се претставки до разни инспекторати, до Државниот инспекторат за животна средина, до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, до Државниот инспекторат за труд, до Државниот инспекторат за шумарство и ловство, до Инспекторат на Град Скопје и до МЖСПП. Но, како што гледате, без резултат. На диво се гради, инспекцијата не постапува, но затоа пак прописите за кревање на рампата на Средно Водно за да се пропуштат телевизиските екипи да снимаат на самото место веднаш се ставаат во сила од страна на Град Скопје и не се дозволува зашто се нема уредно добиено одобрение од Град Скопје. Иако ситуацијата е вонредна.

„За заканите по живот и за наредбата да се гази сè пред себе очекуваме отстранување на тоа лице од понатамошна работа на овој проект, поведување дисциплинска постапка и транспарентно објавување на целиот процес да не остане само на декларативно искажани зборови, без преземени акции.

Ова е воедно и одговор на прашањето зошто жив ѕид. Токму поради овие двојни аршини, каде што институциите се повикуваат на прописи и законски обврски само кога така ќе решат од причини познати ним, инаку тие како да не постојат. Сите неправилности кои ние ги предочивме се игнорираат како да не постојат. Ниту еден механизам што го имаат на располагање институциите, државата не е покренат. Проектот наместо да претрпи сериозна ревизија се тера на сила, на диво. Кога институциите остануваат глуви, што преостанува освен жив штит?

Оваа власт, според сето она што го ветуваше пред избори, требаше да биде токму таа која самоиницијативно ќе бара измена на овој проект, како што впрочем изјави деновиве вицепремиерот Анѓушев дека тоа се прави со проектите наследени од претходната власт кои не се доволно технички издржани и поради тоа не се спроведуваат. Но овој проект решија да го тераат и да го бранат по секоја цена и покрај сè. Зошто? Зашто ова е договорна држава, а не правна.

Бараме дебата со директорот на МЕР, со градоначалникот на Скопје и со заменик-министерот на МЖСПП, каде што јавно ќе ги изнесеме нашите аргументи да се прекине со разговорите во четири очи и зад затворени врати. Бараме ревизија на проектот, бараме постапување на институциите по доставените претставки, нивна меѓусебна соработка, а не изземање од надлежности и недејствување, бараме одговорност за сите наведени пропусти и прекршени законски обврски, казнивост, нулта толеранција за изигрување на законот и нерегуларно спроведување на целата постапка“, се истакнува во соопштението на Иницијативата „Го сакам Водно“.