/ Прочитано:

1.602

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА КОМОРАТА НА ИЗВРШИТЕЛИ: Зголемување на процентот на завршени предмети и законски новини кои се придобивка за сите учесници

Комората на извршители на Република Македонија го презентираше Годишниот извештај за работата на Комората, за периодот од 1 јануари 2015 година до 31 декември 2015 година.

foto akademik

„Во извештајната 2015 година, бројот на вкупно примени барања за извршување во 99 извршителски канцеларии изнесува 154 522, односно примени се помал број предмети од минатата година, додека процентот на завршени предмети по однос на примени предмети во оваа извештајна година е зголемен и изнесува 33,95 %, што претставува зголемување од приближно 3 % во однос на 2014 година, кога процентот изнесуваше 30,99 %. Вкупниот износ на наплатени средства од извршување, кој извршителите го наплатиле за доверителите, во 2015 година изнесува 107.646.962,00 евра“, се вели во Годишниот извештај за работата на Комората на извршители.  Според Извештајот, кон државата биле поднесени 10 952 барања за извршување, а биле реализирани 4 952.

foto akademik

Извршителите од подрачјето на Основниот суд Скопје 1 и Основниот суд Скопје 2 Скопје наплатиле најголемиот износ на парични средства за доверителите во вкупен износ од  3.653.614.183,00 денари, додека пак најмалку наплатиле извршителите на подрачјето на Основните судови Кочани, Берово, Виница, Делчево, односно 113.516.551,00 денари.

„Десетгодишните резултати укажуваат на постојаност во стапката на реализација кај извршителите со просечен процент од околу 33 %. Извршителите во своето десетгодишно постоење наплатиле 830.104.344,00 евра средства за доверителите“, велат од КИРМ.

foto akademik

Гледано сумарно од податоците од последните три години, извршителите од подрачјето на Основниот суд Скопје 1 и Основниот суд Скопје 2 Скопје го имаат наплатено најголемиот износ на парични средства за доверителите во однос на останатите подрачја, односно вкупен износ од 10.780.755.134,00 денари, додека именуваните извршители за подрачјето на основните судови  во Гостивар и Кичево имаат наплатено најмал износ на парични средства во висина од 760.977.088,00 денари, споредбено со останатите подрачја.

„Според податоците од доставените извештаи за работата на оваа извештајна година, најголемиот број од примените извршни исправи биле успешно реализирани во период на времетраење повеќе од една година од моментот на поднесување на барањето за извршување. Бројот на реализирани извршни исправи од страна на извршителите континуирано расте“, истакнуваат од Комората на извршители.

foto akademik

Комората на извршители вели дека мошне значаен момент и предизвик за работењето на извршителите ќе биде и применувањето на новиот Закон за извршување, кој беше донесен од страна на Собранието на РМ во рамките 98-та седница и кој ќе почне да се применува по четири месеци.

Според претседателот на Комората на извршители на Република Македонија, новиот Закон за извршување носи придобивки за сите учесници во извршувањето и нуди решенија за физичките лица кои се должници.

foto akademik

„Со новиот Закон извршителите добиваат јасни и прецизни одредби за постапување и за оневозможување на нелојалната конкуренција која влијаеше и на квалитетот на работата. Доверителите добиваат ефикасност преку скратување на процедурите кај продажбата на недвижностите, можноста да ги наплатат своите побарувања пред да почнат да тужат, со што се намалуваат нивните трошоци и, конечно, тргнувајќи од фактот дека Законот за извршување и извршителите постојат заради оние субјекти и граѓани кои не сакаат да ги исполнат своите обврски, а не заради оние што не можат да го сторат тоа или оние што од разни причини не знаеле дека имаат долг, Законот најмногу нуди решенија за физичките лица должници, заштита на најранливите категории, нема да има блокада на сметки без предупредување за долговите од комунални сметки, нуди намалување на трошоците во извршувањето и секако вонсудската наплата која треба да биде ефикасен и евтин инструмент за наплата на побарувањата“,вели претседателот на Комората на извршители на Република Македонија.

foto akademik

Според Комората, вонсудската наплата на долговите  треба да биде ефикасен и евтин инструмент за наплата на побарувањата.

„Станува збор за вонсудска наплата на долгови врз основа на веродостојна исправа, со што на доверителите им се овозможува, користејќи го неспорно ефикасниот систем на извршителите, да им ги предочат обврските на должниците, како и правните последици од нивното ненавремено намирување. Комуналните сметки засегаат огромен број на граѓани, особено ранливите категории, и  целта е  да им се овозможи пред да бидат тужени да ги сервисираат своите долгови, со што во голема мера ќе се намалат тужбените барања и ќе се избегнат непотребните трошоци, и на страната на доверителите и на страна на должниците“, истакнуваат од КИРМ.

foto akademik

Според  проф. д-р Арсен Јаневски,  вонсудската наплата на долговите е една од клучните измени на Законот за извршување, кој е во интерес на граѓаните. Професорот подвлекува дека одредбите од главата 26 од новиот Закон за извршување, која се однесува на вонсудската наплата на долговите, се во насока на тоа граѓанинот да плати што помалку, односно да го плати само долгот.

„Вонсудската наплата на долгови претставува обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки, како: електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост, што го спроведува извршител по барање на доверителот со согласност на должникот“, појаснува професорот.

foto akademik

Доверителот е должен непосредно да поднесе барање за вонсудска наплата на долг за побарување што произлегува од посочените комунални услуги против должниците пред започнување на постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, во согласност со одредбите на Законот за нотаријатот, и тоа:
– за веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории за износ до 2.000,00 денари;
– за веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ до 6.000,00 денари;
– за веродостојна исправа за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ до 2.000,00 денари.

foto akademik

Доколку износот на неплатените комунални услуги го надминува некој од пропишаните износи, доверителот поведува постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Доверителот, пред да го поднесе барањето за вонсудска наплата на долгови, непосредно бара од Комората на извршителите да му одреди извршител, кому треба да му го поднесе барањето. Комората е должна да му одговори на доверителот и да му посочи извршител.

Претседателот на КИРМ, Зоран Петрески, вели дека практично со ваквото решение, за кое КИРМ поодамна се залагала,   доверителот, односно фирмата ќе мора прво да се обрати на извршител и да побара вонсудска наплата за сите сметки кои се под пропишаните и лимитирани износи.

foto akademik

„Вонсудската наплата значи можност граѓаните да ги намират своите долгови во фазата кога тие не се оптоварени со трошоци кои честопати неколкукратно го надминуваа главното побарување. Имено, компаниите што нудат комунални услуги, пред да почнат со постапка за тужење на сметките кои ги тужат пред нотар или пред суд, ќе треба да се обидат да ги наплатат преку извршител уште во таа рана фаза. Целата постапка пред извршителот би била со занемарливи трошоци кои нема да бидат на товар на граѓаните“, вели Петрески, додавајќи дека вонсудската наплата ја барала КИРМ за да се дистанцира од другите извршувања.

„Најголеми должници се фирмите, граѓаните не се најголеми должници“, подвлекува  Петрески.

foto akademik

Покрај вонсудската наплата на долговите, како клучни новини во Законот за извршувањето се посочуваат и новините во врска  процената и продажбата на недвижности и задолжително предупредување, задолжителна електронска комуникација на извршителот со катастарот, солидарните обврски, како и за одлучувањето  по приговорите.

„По приговорите против неправилности во извршувањето наместо претседателот на судот, кој има други бројни должности и обврски, ќе одлучува судија, со што очекуваме зголемена ефикасност и скратување на времето за донесување на решенијата по приговор“, велат од КИРМ, посочувајќи и на судските податоци,  според кои над 90 % од приговорите се одбиваат, што е показател дека извршителите работат во согласност со Законот.

foto akademik

Извршителите бараат и зголемени мерки на безбедност во вршењето на нивната работа. Во таа насока, во врска со казнената одговорност на странките и учесниците во извршувањето, извршителот Анѓелка Ефкоска вели дека мора да се подигнат мерките на безбедност во самите извршителски канцеларии,  за што е клучно да се истакне значењето на извршителите како дел од правниот систем и дека нападот врз нив претставува напад на службено лице.

Како едно од значајните прашања кои ги елаборираат извршителите е прашањето за исполнувањето на обврски со повеќе должници/доверители, извршителката и потпретседателка на КИРМ вели дека  солидарноста на обврските всушност значи дека секој од должниците може да ја исполни обврската целосно, а секој од доверителите има право да бара исполнување. Ако еден исполнил, се смета дека сите се ослободиле од обврската.

foto akademik

„Секојдневниот живот на граѓаните е исполнет со мноштво на луѓе и облигациони односи во кои учествуваат тие, па затоа постојат и сложени страни при долг или при побарувања. Сложеноста на страните може да е сочинета од најмалку двајца должници, најмалку двајца доверители или повеќе лица и на страната на должникот и на страната на доверителот. Деливите обврски означуваат дека секое лице има право да го бара само своето побарување, а секој должник може да го исполни само тоа што е негова обврска. Доколку кај деливите обврски не е утврдено кој колку должи, се смета дека секому од должниците му припаѓа еднаков дел од обврската“, вели потпретседателката на КИРМ, Емилија Павловска.

foto akademik

„Што се однесува до неделивите обврски, доверителите можат да бараат да им се исполни обврската само сите заедно и доколку еден од нив бара исполнување, тој мора да е овластен од останатите доверители. Кога зборуваме за обврската, секој од должниците може да ја исполни обврската сам и со тоа се смета дека обврската престанала за сите. Овие обврски се извршуваат кај извршителите јасно и прецизно. Солидарните обврски обезбедуваат полесно, посигурно извршување и со поголем избор на средства за извршување и помалку трошоци за доверителите и должниците“, додава Павловска.

foto akademik

Кога станува збор за солидарните обврски, со новиот Закон за извршување се отстранува несовпаѓањето на законските решенија и нивната  примена во пракса од страна на извршителите и носителите на платен промет, кој постоеше во досегашното работење.

„Имено, со новите  решенија во Законот, извршителот  може да издаде налози за извршување спрема повеќе солидарни должници, со повеќе средства за извршување истовремено и тоа за целокупниот долг. Вака предвиденото решение ќе ја зголеми реализацијата на извршните исправи, а со тоа и задоволството од работата на извршителите на странките“, вели Емилија Павловска.

foto akademik

За следниот период од КИРМ велат дека посебно ќе стават акцент на едукацијата на извршителите, особено за примената на новиот Закон за извршување, за кои во фаза на подготовка се и подзаконските акти. Во јуни, истакнуваат од Комората, ќе го одбележиме и десетгодишното постоење, за што ќе биде организирана и меѓународна конференција со присуство на експерти од областа на извршувањето.

M.В.