/ Прочитано:

3.758

Годишен извештај на Судскиот совет: Претставници од судската власт поактивно да учествуваат во креирање на прописите за судството

Судството, како една од трите власти во Република Македонија, има потреба од зголемување на независноста во располагањето со средства од судскиот буџет, во чии рамки особено значајна е работата на Судскиот буџетски совет, се вели во Годишниот извештај за работата на Судскиот совет кој се наоѓа пред пратениците.

Во наредниот период, посочуваат од Судскиот совет, се очекува да се обезбеди задоволително ниво на судскиот буџет за непречено извршување на функциите на институциите на судската власт во Република Македонија, во согласност со одредбите од Законот за судскиот буџет.

Исто така, нагласуваат од Судскиот совет, се наметнува и потребата од поактивно учество на претставници од судската власт во креирање на законските прописи кои се применуваат во судството. Во следниот период се очекува да се унапреди соработката со Министерството за правда како надлежен предлагач на законските прописи кои се применуваат во судството.

 „Потребно е обезбедување на функционалност на Одделението за статистика и аналитика на судовите со пополнување на работните места, во согласност со Правилникот за систематизација на работните места во Судскиот совет на Република Македонија преку  нови вработувања во Стручната служба на Судскиот совет на Република Македонија, бидејќи Стратегијата за реформа во правосудниот сектор 2017-2022 предвидува зајакнување на капацитетите на Судскиот совет на Република Македонија. Како стратешка насока во точката 2.5.2-1 е предвидено формирање на специјализирана организациона единица за управување со системот за собирање, обработка и анализа на статистичките податоци за работата на судовите. Како мерка е предвидена измена и дополнување на актите за систематизација и јакнење на капацитетите на службениците во специјализираното одделение“, препорачуваат од Советот.

 Исто така, додаваат од Судскиот совет, неопходно е зајакнување на ефикасноста и ефективноста  на Советот преку обезбедување  на соодветни материјални, просторни и човечки ресурси.

За согледување на потребите за човечки ресурси потребно е да се изврши функционална анализа, се препорачува во Годишниот  извештај  на Судскиот совет, каде што се вели дека 91,82 % од судиите биле со оценка многу добар, 7,19 % се оценети со оценка добар и 0,97 % се оценети со оценка задоволителен.

„„Во Република Македонија, во сите судови, на 1.1.2017 година нерешени предмети од претходната година се 123.205 предмети, примени се 480.370 нови предмети, вкупно предмети во работа имало 603.211, вкупно се решени 503.680 предмети, така што на 31.12.2017 година останале нерешени 97.933 предмети. Ова значи дека на ниво на Република Македонија судовите во целина работеле ефикасно и ажурно, со оглед на тоа што успеале да го совладаат приливот на новопримените предмети и да го намалат заостатокот за 25.272 предмети.  Според претходно дадените податоци, по апелационите подрачја, во 2017 година најмногу новопримени предмети, предмети во работа и решени предмети имало на подрачјето на Апелациониот суд Скопје, а најмалку, по сите категории, во подрачјето на Апелациониот суд Штип“, се нотира во Годишниот извештај.

М.В